Пред близу 35 години, во Бразил пристигна тајно автомобилот што се цени како зачетник на едно поглавје во дизајнот на Peugeot. Тоа е концептното возило Oxia, со коешто францускиот производител ја најави иднината на марката со лавот.
На аеродромот во Итањаен, крајбрежно гратче на час и пол возење од Сао Пауло, во неделата, на 10-ти декември 1988 година, пристигна еден бесценет автомобил на Peugeot.
Тајниот потфат имаше за цел да се сними рекламен спот, наменет да се пушта по телевизиските канали во Европа. Преку рекламниот спот со прототипот со спортски перформанси, Peugeot сакаше да покаже како ќе изгледа иднината на француската марка.
Концептот располагаше со 2,8-литарски мотор V6 со битурбо натполнење, со 680 КС. Тогаш уште беше сензација за моторот да се пали на копче, исто како што светот се одушевуваше и од дигиталните инструменти, од соларните ќелии и од системот за навигација. Во арматурната табла беше впуштена топка, којашто служеше како маус, за ракување со приказот на патниот компјутер.

Уникатниот автомобил се превезуваше затворен во контејнер, за јавноста да не го види. Се возеше по патишта што беа затворени за сообраќај. За снимањето беше вклучен и хеликоптер, да ги овековечи божестевниот планински предел на Сера до Мар.
Снимањето траеше четири денови, со напорна работа и со дополнителниот товар, за потфатот да не се дознае во јавноста. Секако дека тимот мораше да се грижи посебно, за скапоцениот автомобил да не се оштети при снимањето. Oxia два месеци пред тоа ја имаше својата светска премиера, на штандот на Peugeot на салонот на автомобили во Париз.

Тајноста важеше и при враќањето во Франција. Вредните снимки останаа во времето кога светот уште немаше интернет и денес се чини како целото патешествие да е бајка. Меѓутоа, светот тогаш го виде автомобилот и ја разбра пораката од Peugeot. Овој „фантастичен реализам“, како што денес го спомнуваат во француската марка, доживува продолжение и во денешницата, токму со драмата што се одвива околу најновиот концепт Inception.
Тоа што Peugeot Oxia беше во 1980-те, во денешницата е концептот Inception
Кон завршетокот на 1988 година, Peugeot чекаше да ја прослави својата трета титула на релито Париз-Дакар. Oxia имаше задача во тоа расположение да го заокружи имиџот на марката со спортските успеси и со иновациите. Дел од футуристичките замисли во концептот, денес се вообичаен дел во автомобилите.
Тоа ќе се повтори и со Inception, што марката на шефицата Линда Џексон го прикажа на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, во јануари годинава.
Бразил е традиционално голем пазар за Peugeot, и расте: Продажбата лани пораснала за 41 процент во споредба со 2021 година
Inception е шемата врз којашто Peugeot ќе ги развива и дизајнира своите идни модели. Во формата на каросеријата се распознаваат детали што потсеќаат на дива мачка, што се забележува најдобро во светлата, кои личат на гребаници што остануваат од лавовските шепи.
Првиот модел што ќе се раководи според новиот дизајн доаѓа веќе во 2025 година, и извесно е дека тоа ќе биде наследничката на Peugeot 508. Ефикасноста на погонот е главна, но главното внимание е патниците да се чувствуваат пријатно, преку големите стакла, што внесуваат светло и топлина.
Седиштата се приспособуваат според телото, а првото запирање за одмор може да се направи и по 800 километри – толку издржува батеријата на елеткричниот Inception.
Уште една симболика што укажува на врската меѓу двата автомобили: Моќноста од 680 КС е заедничка за Oxia и за Inception. Но, тогаш моќноста ја обезбедуваше бензинот. Денешниот концепт вози 100% на струја.
















