за

Германците си ја вратија марката Borgward

borgward bx7 ts le

Марката Borgward го произведе последниот автомобил пред повеќе од половина век, но сцената продолжи да ја помни марката што им парираше на Mercedes & Co. Првите автомобили пристигнаа на германскиот пазар, а нивната појдовна адреса е Кина

Постои една автомобилска марка што Германците никогаш не ја преболеа. Borgward пред повеќе од половина век беше петти најголем производител на автомобили во Германија, по VW, Daimler, Opel и Ford. Еден од најпознатите модели е Borgward Isabella, денес ценет и вреден олдтајмер. Но, марката сега повторно продава нови автомобили.

Borgward BX7 е првиот модел од старо-новата марка, кој денес започнува со продажба на германскиот пазар. Автомобилот од класата на Mercedes GLC или BMW X3 пристига од Кина, од фабриката на Foton. СУВ-моделот со секојдневен дизајн ќе се продава на мошне несекојдневен начин.

Borgward го прескокнува инвестирањето во продажни салони и сервисна мрежа

Нема продажни салони и сопствени сервиси, место тоа, возилата се нарачуваат и купуваат преку интернет. Сервисирањето на возилата го презема синџирот сервисни работилници ATU, којшто ги нуди своите услуги на близу 600 локации низ земјата.

Продажбата стартува со лимитирана серија од моделот BX7, којшто веќе две години се продава на кинескиот пазар. Внукот на основачот, Кристијан Боргвард, пред неколку години ја врати во живот марката којашто до 1961 година се произведуваше во Бремен. Раководењето со компанијата го презеде Улрих Валкер, поранешен шеф на Daimler за Кина. Моментно во фабриката на Beiqi Foton Motor се произведуваат три модели. Фабриката е во сопственост на гигантот BAIC, локален партнер и на самиот Daimler.

Планот е да заживее производството на Borgward и во Германија. Доколку успее планот, од Бремен во следните неколку години ќе доаѓаат модели со плагин хибриден и електричен погон.

Дволитарски бензинец со модерна технологија, во класата кадешто владее дизелот

Borgward BX7 поседува дволитарски турбо бензинец со директно впрскување под висок притисок и моќност од 224 КС. СУВ-моделот од средната класа, со должина од 4,7 и тежина од 1.854 килограми, според производителот троши просечно 8,9 литри гориво на сто километри. Погонот е на сите тркала, за преносот е задолжен шестстепен автоматик.

Во цената од 44.600 евра за моделот од лимитираната серија се вклучени ксеонски светла, панорамски покрив, навигација и пристап на интернет, кожени седишта, дигитален кокпит и цел сет камери.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Insignia Exclusive

Opel по мера како Rolls-Royce: Лакирање во боја по желба

harley-davidson-softail-model-lineup

Harley-Davidson сели производство поради европските царини