за

Спектакуларен центар на Porsche отворен во Америка

Porsche го отвори новиот центар за американските купувачи вреден 100 милиони долари. Центарот дополнително располага со тест-патека, галерија со олдтајмери, работилница за реставрација и ресторан.

Во присуство на деветстотини гости, Porsche свечено го отвори новиот центар во Атланта, во сојузната држава Џорџија. Центарот вреден 100 милиони долари е најголема странска инвестиција на Porsche и покрај административен простор ќе располага и со модуларна патека за тестирање, галерија со олдтајмери, работилница за реставрација и ресторан.

[quote_box_right]Не постои земја во којашто марката Porsche има повеќе фанови отколку во САД. Со 115.000 членови, Porsche Club of America е воедно и најголем клуб на фанови на една марка во светот. Годинава клубот одбележува 60-годишнина[/quote_box_right]

One Porsche Drive се простира на површина од единаесет хектари во новата индустриска зона „Аеротрополис“, лоцирана веднаш покрај најголемата крстосница во меѓународниот авиосообраќај, аеродромот Хартсфилд-Џексон со 95 милиони патници годишно. Оттука поаѓаат летови за преку 150 американски градови, односно околу 80 проценти од сопствениците и љубителите на Posche во САД се оддалечени само два и пол часа од центарот. Со преку 47.000 продадени возила лани, Соединетите Држави се најголем пазар на Porsche, а воедно и најважен пазар за вечниот „911“, за когошто лани се решија 10.500 нови купувачи. Германската марка очекува веќе во оваа година да се пречекори бројката од 50.000 продадени возила во САД.

Panamera и Cayenne доминираат во продажбата на Porsche во САД

Porsche располага со 189 продажни салони на територијата на САД, како и 16 дилери во Канада. Една третина од продажбата на северноамериканскиот пазар отпаѓа на Porsche 911, Boxster и Cayman, особено во врвните спортски изведби 911 GT3, 911 GT3 RS, Boxster Spyder и Cayman GT4, додека останатите две третини им припаѓаат на спортската лимузина Panamera и теренецот Cayenne. Околу 16 проценти од последниве два модела се продаваат во хибридна изведба.

Во центарот чијашто изградба траеше две и пол години ќе работат 450 лица, вклучувајќи и вработени во финансиските, бизнис и консалтинг услугите на Porsche
Во центарот чијашто изградба траеше две и пол години ќе работат 450 лица, вклучувајќи и вработени во финансиските, бизнис и консалтинг услугите на Porsche

Во центарот за клиенти на Porsche со впечатлива архитектура се очекуваат околу 30.000 посетители годишно. Новите сопственици можат да го преземат своето возило директно во One Porsche Drive, а сопствениците на олдтајмери ќе имаат можност да го остават своето возило на врвните мајстори на германската марка. Фановите на Porsche ќе можат да го испробаат омилениот модел на патеката за тестирање, додека на фирмите ќе им стои на располагање конференциски центар. Комплексот го комплетираат галерија со олдтајмери, кафуле „Carrera“ и гурмански ресторан „356“.

Секако дека голем интерес се очекува за тркачката патека во должина од 2,6 километри, со шест модули за тестирање: Патеки за управливост, за теренско возење, за возна динамика, за управливост и возење во круг при намалена фрикција, како и единствена „кик-плоча“ на континентот.

Атланта е дом на најголемите светски концерни, како CNN, Coca-Cola и UPS. Од летово ќе започне со работа и новиот центар на соседот од Штутгарт, марката Mercedes.

Патеката со шест посебни секции за тестирање ќе биде главен повод за посета на центарот во Атланта
Патеката со шест посебни секции за тестирање ќе биде главен повод за посета на центарот во Атланта

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Норвешка ги укинува привилегиите за електричните автомобили

Петмилионски тест на Mercedes Actros: 10 % помалку гориво од конкурентите