Новата класа Е на Mercedes пристига во следната пролет, со можност за самостојно возење по автопат, паркирање преку мобилен и размена на предупредувања за опасност со другите возила.
Безбедноста е суштински дел од имиџот на Mercedes уште откако марката стартуваше со развој на активни и пасивни системи за безбедност пред 70 години. Од тоа профитираат возачите на Mercedes, но и сите учесници во сообраќајот. Со новата класа Е којашто пристига на пазарот во следната пролет, марката со ѕвездата го најавува следното поглавје во безбедноста. Томас Вебер, главниот иноватор во Mercedes: „Го правиме следниот голем чекор кон автономното и мрежното возење. Иновациите во новата класа Е поставуваат ново ниво во безбедноста, растоварувањето на патиштата и комфорот. Со тоа, Mercedes повторно го нагласува лидерството како пионер во безбедноста.“
Ова се големите иновации во идната класа Е на Mercedes:
Интелигентно возење
Со овој систем, Mercedes го прави следниот чекор на патот кон автономното возење. Покрај тоа што на автопат може автоматски да го одржува безбедното растојание од возилата напред, системот може и да ги следи истите до брзина од 200 km/h. Тоа го растоварува возачот од сопирање и забрзување при следење на сообраќајниот ток, но исто така ќе помага и при следењето на поблаги свијоци. При брзини до 130 km/h, на системот не му се потребни јасни линии на патот, туку се ориентира според возилата напред и соодветно реагира. На тој начин значително се олеснува возењето во колона или во застој, па дури и при поправки на патот. Во комбинација со Comand Online може да се вклучи „пилотот за брзинско ограничување“, којшто преку камера ги чита брзинските ограничувања на сообраќајните знаци, односно ги добива информациите за дозволената брзина преку навигацијата и соодветно ја дотерува брзината на возење во град или на пат.

Активен асистент за сопирање
Овој систем што веќе се користи во возилата на Mercedes ќе добие нови функции во својата следна генерација. Асистентот за сопирање го предупредува возачот при опасност од судир, му помага при нагло сопирање и во одреден случај може и самостојно да го запре возилото. Освен побавни или запрени возила, системот препознава возила што наидуваат странично при влегување во крстосница, како и возила на крај на колона и пешаци што се наоѓаат во подрачјето пред возилото.
Асистент за заобиколување пречка на патот
Ова дополнување на системот за препознавање пешаци од активниот асистент за сопирање му асистира на возачот со соодветно завртување на воланот заради избегнување на пречка на патот, откако системот ќе добие импулс дека возачот почнува да реагира на опасната ситуација. Асистентот му помага на возачот, на пример, да го избегне пешакот на патот, со евентуално дополнително завртување на тркалата и враќање на возилото во лента по избегнувањето на опасноста.

Далечинска контрола на паркирање
Системот доживува премиера во Mercedes и овозможува возилото да се паркира и отпаркира преку мобилна апликација, за возачот да не мора да прави акробации при влегување и излегување од возилото во тесен простор.
Комуникација Car-to-X
Во 2013 година Mercedes беше прв производител што понуди опција за мрежно поврзување на автомобил со автомобил. Следниот чекор е целосно интегриран систем Car-to-X, повторно како светска премиера во Mercedes. Системот овозможува размена на информации со останатите возила преку мобилната мрежа, за добивање слика од тие возила и создавање претстава што точно се случува „зад аголот“ и за евентуални пречки или опасни ситуации. На тој начин, возачот предвреме добива информации за тоа што го очекува на патот.

Дигитален клуч за возило
Системот се базира на непосредна комуникација и овозможува сопствениот паметен телефон да се користи како клуч од возилото.

Страничен PRE-SAFE® Impuls
Како дополнување на пакетот за асистенција на возачот, овој систем при потенцијален и неизбежен страничен судир го поместува телото на патникот во седиштето, преку молскавично полнење на страничните водушни комори во седиштето. На тој начин телото се оддалечува од опасната зона на судирот, односно се зголемува растојанието меѓу телото и вратата.

PRE-SAFE® Sound
Системот користи природен рефлекс заради заштита на слухот од силната бучава што следува при потенцијалниот судир, преку произведување посебен тон што го подготвува слухот за силниот тресок.
Светла Multibeam LED
Предни диодни светла со повеќекратен сноп и со висока резолуција, со 84 светлечки диоди со висока ефикасност кои се насочуваат посебно и автоматски го осветлуваат патот со точно контролирана распределба на силна светлина, без заслепување на другите учесници во сообраќајот.
















