Lotus подготвува родстер верзија од Evora 400

Спортската марка од островот ќе започне со производство на купето Evora 400 веќе во следниот месец, а набрзо потоа ќе следува и отворената верзија. Lotus очекува голем успех на родстерот во САД.

Lotus работи на родстер изведба од новиот Evora 400, откако моделот привлече големо внимание меѓу публиката. Носечката основа на купето којашто се состои од алуминиумски цевки дозволува отворената изведба да се изведе релативно едноставно, без притоа да се изгуби структурната цврстина. Шефот Жан Марк Галес најдобро го објаснува тоа: „Шасијата е изработена од цевки, така што отстранувањето на покривот нема влијание.“ Покривот на родстер изведбата ќе се состои од два отстранливи панела со тежина од по 3 килограми, коишто ќе се одлагаат зад седиштата.

[quote_box_right]Исто како во купето, 3,5-литарскиот V6 со компресорско натполнење ќе ослободува 400 КС во родстер изведбата на Evora 400, обезбедувајќи спринт до сто за 4,2 секунди и крајна брзина од 300 km/h[/quote_box_right]

Британската спортска марка со богата традиција очекува дека родстерот ќе го привлече вниманието на купувачите во САД, каде што половината од моделите во класата на Evora имаат отворена каросерија. Шефот Галес најави дека наскоро ќе бидат претставени и нови генерации на моделите Elise и Exige, уште полесни и уште побрзи од актуелните. Последново е воедно и развојно мото за новите модели на Lotus под раководството на Галес. Идните модели ќе нудат и поголема практичност во секојдневието.

Шефот очекува продажбата на неговата марка до крајот на годинава да достигне 3.000 примероци, што ќе претставува пораст од 50 проценти во споредба со лани и речиси трипати повеќе отколку во 2013 година. Паралелно се работи и на проширување на дилерската мрежа. Lotus моментно располага со мрежа од 50 дилери, а до крајот на годинава се очекуваат уште 20 нови. Резултатите веќе се чувствуваат. Галес: „За првпат по 60 години ќе имаме профитабилност во следната финансиска година.“ Неодамна Lotus предизвика уште една сензација со претставувањето на најбрзиот свој автомобил, Lotus 3-Eleven, на Фестивалот на брзината во Гудвуд.

Претходна објаваBMW i8 за гостите на луксузниот хотел Peninsula Shanghai
Следна објаваИдната класа Е на Mercedes ќе вози подобро и од возачот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here