за

Изворот на загадувањето ќе го најдат во подземните паркиралишта

Треба само да мине и оваа зима, и проблемот ќе се реши до следната зима. Тогаш веројатно ќе се размислува за мерките што би се презеле уште една зима потаму.

Не личи на прагот на 2023 година, една земја што ги има Шар Планина и Кораб, Охрид, Преспа и Дојран, Треска и Радика, Мариово и Малешевија, да се соочува со срамна загаденост, којашто произлегува единствено од дрско извршување државни функции, од алипни медиуми и егзибиционсти што се нашле за повикани да судат околу загадувањето. Чекањето и плачењето не се мерки за загаденоста да се надмине.

Одеднаш се растрчаа сите страни да го решавале проблемот со адската загаденост на воздухот. Улици ќе се метеле, тротоари исто така, ќе се поставувале нови мерачи по баснословни цени, автобусите ќе возеле бесплатно, а во меѓувреме ќе се протнувале божем некои студии, што по илјадити пат ќе ја повторуваат заблудата околу изворите на загадувањето. Реално, ниту некој е растрчан или загрижен, само добро се глуми.

Деновиве веројатно ќе се објави препишана уште некоја звучна „студија“ во којашто ќе се известува јавноста дека загаденоста со PM-честички имала мошне штетни последици. Зошто нормалниот свет толку панично реагира околу овие „суспендирани честички“? Не може да биде појасно и пострашно: Кога тие микрочестички ќе навлезат во организмот, тој повеќе никогаш не може да се ослободи од нив. Уште пострашно: Тие се исто како неексплодирана бомба, односно можат да поттикнат развој на канцер. Затоа е целата паника.

Не се проблем честичките, туку е проблем тоа што извесни инстанци веќе подолго од деценија не си преземаат одговорност и не постапуваат соодветно, за да се реши проблемот со честичките. Колку е далеку од решавање и признавање на проблемот, говори најдобро фактот што државава уште не почнала да ја мери концентрацијата на азотни оксиди – коишто исто се во подречјето на катаклизмата. Ако некогаш биде решен проблемот со PM-честичките, тогаш ќе треба следно да се решава и проблемот со азотните оксиди. Толку е назад оваа средина без животна средина.

Тоа што ги смирува подеднакво и ликовите кои се појавуваат под име на звучни државни функции, и граѓаните што бараат вистина околу загаденоста: Секогаш кога ќе се посочи дека автомобилите се главните носители на загаденоста со PM-честички, следи заклучокот дека воздухот во летно време е беспрекорно чист во градовите, што значи дека загадувањето зиме не може да потекнува од автомобилите. Доколку медицината се сведуваше на такви припрости заклучоци, тоа би било исто како лекарите на секој пациент што ќе влезе во нивната ординација да му пишуваат динагноза – Ќе умрете.

Зошто навистина расте загаденоста зиме? Малку умствена вежба за тие што не се сеќаваат дали правилно се велеше физика или хемија: Зошто стаклата на автомобилот се замаглуваат кога е студено и се одмаглуваат веднаш штом ќе се отвори прозорец? Чекор по чекор, ќе се дојде до нешто што се нарекува наука.

Вистина е дека европските метрополи уште стравуваат од загаден воздух, меѓутоа разликата е во квалитетот на загадувањето. Додека жителите на Рим и Мадрид се вознемируваат кога загаденоста ќе пречекори 50 микрограми на метар кубен, тукашниве ликови чијшто функции само на хартија ги обврзуваат да преземат одговорни чекори, се сосем релаксирани и при вредност 400 и повеќе.

Светот се смени за да спречи катастрофа каква што доживува земјава. Не е дојдено дотаму да се зборува за електрични автомобили, за камиони и комбиња со погон на водород, или за производство на чиста елеткрична енергија од свето македонско сонце, туку работата е заглавена таму, што допрва треба да се разбере и да се прифати дека автомобилите загадуваат. Под автомобили, секако првенствено се мисли на старите автомобили со дизел мотор, што Европа ги отфрли затоа што загадуваат, а Македонија и „западниот“ сосед ги прифаќаат затоа што истите тие автомобили тука не загадувале. И, тука би требало да престане секакво натамошно образложување околу изворот на загадувањето.

Во објавата на Аутомедиа викендов, стои дека девет од десет автомобили во земјата, постари се од десет години. Доколку статистиката беше малку подалекусежна, тогаш веројатно ќе ни сервираше и податок дека девет од десет автомобили што се постари од десет години, постари се и од дваесет години.

Среќа е што само во Македонија автомобилите не загадуваат

Проблемот не е ниту во годините. Тој лежи во начинот на работа на моторот. Автомобилите што потекнуваат од преодот меѓу стариот и новиот милениум и се возат по нашите улици, користат дизел мотор со директно впрскување на горивото. Вистинска револуција се случи кога браншата во последната деценја од минатиот век ги доби TDI, TDCI, CDI, HDI и слични DI. Овие мотори, покрај сите свои предности, имаат една голема мана. Таа мана е екстремна емисија на PM честички. Старите дизели со преткомора, помалку се штетни во поглед на емисијата на PM, отколку „новите“ TDI & Co.

Неколку години се премолчуваше вистината за лошиот биланс на новите дизели. Потоа почна масовно вградување филтри за честички, тоа се фамозните FAP-филтри. Каква судбина кај нас доживеаја овие спасоносни филтри, што уште се неизоставен дел од дизел моторите, може да се погледне по форумите. Веројатно во еден од десет автомобили, што јурат со „двесте на час“ по улиците – со нагласок, не само во Скопје, во секој град во Македонија – FAP филтерот е навистина функционален и воопшто постои во возилото.

Сите „студии“ со коишто само се замајува јавноста, не умеат да ја направат разликата меѓу реалноста, односно меѓу непостоењето филтри што треба да спречат дизелите да испуштаат PM-честички, и сликичките на гугл-срч, што божемни експерти ги прилепуваат во своите божемни истражувања.

Потребни се радикални и трајни мерки, коишто ќе ги надживеат сите политички смени: Драстично забавување на сообраќајот, вклучувајќи воведување зони со дозволена брзина од 30 километри на час – најдобар пример е улицата Орце Николов, што остана неспомната, затоа што понуди совршено решение – потоа строго регулирање, што смее да се увезе и да се пушти во сообраќај, отстапување на просторот за бавните превози (велосипеди, тротинет), моќен јавен превоз, без тинејџерски испади на менаџментот од која било страна.

За нашиот најубав и најдобар народ да се увери дека автомобилите навистина не загадуваат, да бараме секој следен узурпатор на звучна државна функција, кога ќе ни кажува дека домаќинствата загадувале најмногу, па потоа загадувала „големата“ индустрија, па малку загадувале и автомобилите што им го полнат буџетот од акцизи од гориво, нека отседне прво час или два во подземнo паркиралиште, на пример во некој од трговските центри, точно додека се подготвува конференцијата за медиуми, па оттаму нека ни кажува што и кој загадува.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Citroen има нова серија од My Ami Buggy, првата се распродаде за 18 минути

Електричните автомобили главни на саемот ЦЕС во Лас Вегас