за

Citroen има нова серија од My Ami Buggy, првата се распродаде за 18 минути

Citroen има вистински подарок за празниците: Најава за нова серија од My Ami Buggy, малечкиот електромобил што направи голема мешаница на сцената.

Како одговор за успехот што го постигна првата серија, Citroen најавува дека кон крајот на првиот квартал од 2023 година повторно ќе понуди специјална изведба My Ami Buggy. Привилегијата за овој модел ја имаат пазарите што најмногу се имаат докажано во електромобилноста.

Во девет држави во коишто Citroen го нуди необичниот четирицикл со електричен погон, од стартот на продажбата кон крајот на 2020 година, досега се продадени повеќе од 30.000 примероци. Годинава уште две држави се придружуваат: Малта и Швајцарија. Citroen Ami ќе се вози и во француските прекуморски департмани. Списокот не е конечен, затоа што уште голем број пазари покажуваат заинтересираност за револуционерниот градски автомобил со погон на струја. Нови пазари се отворија откако техничарите извршија неколку зафати во батеријата во минатиот октомври, со цел да се овозможи таа да работи поефикасно на студ.

Новата серија од Citroen My Ami Buggy ќе се изработи во 1.000 примероци и ќе биде понудена во продажба кон крајот на првиот квартал од 2023 година. Тоа е одлична вест за купувачите што пропуштија навреме да резервираат примерок од првата серија од специјалната верзија на Ami. Педесетте примероци од таа изведба, на 21-ви јуни се продадоа за само 18 минути.

Citroen советува заинтересираните купувачи за My Ami Buggy да не се двоумат многу, кога ќе биде објавен почетокот на продажбата на серијата од 1.000 примероци. За регистрација треба да се посети следниот линк https://www.citroen.fr/ami#my_ami_buggy

Првите возила ќе бидат испорачани кон завршетокот на летото.

Новата верзија на My Ami Buggy ќе биде мошне слична со првата, но со неколку изненадувања, за коишто Citroen ќе извести навремено. Само како навестување, производителот открива дека новата верзија ќе биде посебно погодена за градовите на морското крајбрежје. Ami веќе се користи на такви места, на пример, на грчкиот остров Халки, од страна на полицијата. Исто и полицијата на италијанскиот остров Мадалена користи седум возила Ami, во насока на промовирање на чистиот погон.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda продава шампионски во Индија, идниот трет најголем пазар во светот

Изворот на загадувањето ќе го најдат во подземните паркиралишта