за

Skoda продава шампионски во Индија, идниот трет најголем пазар во светот

Чешката марка доби надлежност да го освојува индискиот пазар како регионална предводничка за целиот концерн Volkswagen. Тоа досега ѝ успева одлично на Skoda.

Уличната слика во градовите во Индија е добро позната: Скутери, велосипеди, рикши, автобуси и камиони, па уште и улични кучиња, мајмуни, светите крави, и колони автомобили до недоглед. Покрај оваа слика е тешко да се поверува дека статистиката брои само 62 возила на секои 1.000 жители во земјата. Во таа бројка се вклучени автобусите и камионите.

На 1,4 милијарда жители, вкупниот возен парк во Индија брои 86 милиони возила. Овој број ќе расте во иднина, како резултат од брзиот раст на економијата. Годинава во Индија ќе бидат продадени 3,6 милиони нови возила, а во следната година се очекува бројот да надмине четири милиони возила. Веќе за 2025 година се предвидува дека индискиот пазар ќе прерасне во трет најголем автомобилски пазар во светот.

Skoda е марка предводничка за целиот концерн Volkswagen на големиот автомобилски пазар во Индија. Регистрирана како Skoda Auto Volkswagen India Ltd, компанијата е надлежна за сите марки на Volkswagen на индискиот потконтинент. Задача на менаџментот е да се вмеша во борбата да се задоволи нагло зголемената побарувачка за нови автомобили во земјата, и пазарниот колач да не им се препушти да го делат само локалните големци Suzuki-Maruti, Tata и Mahindra. Корејските производители исто така целат да го освојат индискиот пазар.

Тоа не му успеваше најдобро на германскиот концерн во минатото. Volkswagen е присутен во земјата уште од 2007 година, но долги години минуваше со само еден процент пазарен удел. Автомобилите едноставно не одговараа за тамошниот пазар. Ниту соработката со Suzuki, којшто преку Maruti-Suzuki држи најголем дел од пазарот, Volkswagen не успеа да понуди евтин, а пак добар модел за индиските возачи.

За тоа да се смени, концернот ја постави стратегијата Индија 2.0, за којашто одвои една милијарда евра. Skoda доби надлежност за пазарот, заедно со обврската до 2025 година да освои удел од 5 проценти на пазарот. Чесите успеаја.

Користејќи скусена платформа MQB, развиени се по една лимузина и по еден мал СУВ од марките Skoda и Volkswagen. Возилата се произведуваат во сопствена фабрика во Пун. Резултатите се одушевувачки.

СУВ-моделот Taigun и лимузината Virtus на марката Volkswagen уште од старт се искачија меѓу најпродаваните модели во земјата. Кај Skoda, продажбата буквално експлодираше. Во 2021 година, двата нови модели на Skoda достигнаа 24.000 продадени примероци, двојно повеќе од претходно. Годинава се очекува да заврши со 50.000 продадени возила од марката Skoda. Индија веќе е трет најголем пазар за Skoda, по Чешка и Германија. За в година е предвидено да се отворат нови дилерства, како и воведување нови модели, со што продажбата ќе продолжи да напредува со уште поголема динамика.

Моделите што се произведуваат во Индија се значително поевтини од европските модели. Skoda Kushaq почнува од 14.000 евра, како модел што одговара на европскиот Kamiq. Индиските модели се далеку од евтини автомобили. Уште одамна во Индија престанаа да поминуваат осиромашени варијанти од европските модели, или застарени модели што веќе не се проиведуваат тука.

Менаџментот цени дека успехот се должи на фактот што новите модели на Skoda и Volkswagen се развиени точно според желбите и посебностите на индискиот пазар. Тоа почнува со зголеменото растојание од подлогата, заради лошите патишта во земјата, а завршува со малото вдлабнување во арматурната табла, коешто Индусите го користат да ја постават статуата на Ганеша, како талисман.

На некои места е штедено, на пример светлата не се толку отпорни на снегови и мразеви, затоа што во Индија е реткост да падне снег и температурите да паднат под нулата. Затоа пак, Kushaq & Co во некои подрачја дури имаат предност во споредба со европските модели. За седиштата може да се нарача вентилација, што е корисна ставка покрај влажната клима во земјата. Исто и сирената е предвидена да трае многу подолго, поради тоа што се свири постојано во тамошниот сообраќај.

Тоа што убедува најмногу е безбедноста. Skoda Kushaq има добиено највисока оцена за безбедност од сите возила што се тестирани досега. Посебно се внимава на безбедноста. Индија пред Европа воведе стандард за вградување систем за предупредување кога патник на задната клупа нема да стави ремен.

Од фабриката во Пун со годишен капацитет за 189.000 возила, Skoda извезува во повеќе од 40 држави, главно во Средниот Исток, југоисточна Азија, а наскоро и во Виетнам.

Skoda веќе подготвува чисто електричен модел за индискиот пазар. Властите во Делхи имаат слични планови за намалување на емисијата на СО2, како Европа. Аналитичарите предвидуваат дека во 2026 година во земјата веќе ќе се продаваат еден милион електрични автомобили, што ќе одговара на пазарен удел од околу 25 проценти.

Електричниот модел на Skoda за Индија се очекува да се појави на пазарот за три до четири години. Новиот електричен Volkswagen ID.2 за Европа ќе се нуди по цени од преку 25.000 евра. Слична цена ќе има и варијантата на Skoda. Актуелните модели од Индија е сосем извесно дека нема да се продаваат во Европа. Но, тоа би можело да се смени со идниот електричен модел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Stellantis купува акции во компанија за водороден погон

Citroen има нова серија од My Ami Buggy, првата се распродаде за 18 минути