за

Stellantis купува акции во компанија за водороден погон

Извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, цени дека технолошкиот развој на Symbio се совпаѓа одлично со плановите на концернот за возила со погон на водород.

OPEL VIVARO-E HYDROGEN

Stellantis стапи во преговори со француските добавувачи Faurecia и Michelin, за купување значаен удел во нивната заедничка компанија Symbio. Станува збор за производител на систем со горивни ќелии, којшто е основа на водородниот погон.

Концернот Stellantis лани пушти три доставни возила со средна големина од марките Citroen, Peugeot и Opel, коишто се развиени во соработка со Symbio. Планот е понудата на водороден погон да се прошири и во делот на големите доставни возила. Тие ќе бидат понудени на европскиот пазар во 2024 година, а една година подоцна и во САД. Во исто време ќе се истражуваат можности за водородниот погон да се шири и во делот на тешките камиони.

Производителите на автомобили и добавувачите веруваат дека системот за водороден погон со горивни ќелии ќе се пробива прво на пазарот на товарни возила, затоа што е мала бројноста на станиците на коишто може да се точи водород во приватни автомобили. Наспроти тоа, компаниите со големи возни паркови можат да постават станици за точење водород во своите депоа, каде што возилата ќе се полнат по завршувањето на работниот ден.

Извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, изјави дека технолошкиот развој на Symbio се совпаѓа одлично со плановите на концернот за возила со погон на водород, што ќе се нудат на пазарите во Европа и во САД.

Со овој чекор ќе можеме побрзо да им понудиме производи со ниска емисија на нашите клиенти, покрај традиционалните електрични возила“, стои во изјавата на менаџерот.

Вклучувањето на Stellantis „ќе го забрза и глобализира растот на Symbio“, цени извршниот директор на Faurecia, Патрик Колер.

Symbio во почетокот на годинава го најави својот проект HyMotive, во насока на забрзување на индустријализацијата на компанијата. Планот е годишната продукција во Франција да се зголеми на 100.000 системи за водороден погон на годишно ниво до 2028 година. Се предвидува отворање дополнителни 1.000 работни места.

Трансакцијата, за којашто не се објавуваат финансиски детали, се очекува да биде завршена во првата половина од следната година.

Symbio е основана во 2019 година. Групацијата PSA, којашто се спои со Fiat Chrysler во концернот Stellantis, посредно располага со удел во Symbio, преку својот мнозински удел акции во добавувачот Faurecia. Овој удел беше поништен пред завршувањето на спојувањето во јануари 2021 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Недостигот од чипови годинава скуси продукција од 4,5 милиони автомобили

Skoda продава шампионски во Индија, идниот трет најголем пазар во светот