за

Недостигот од чипови годинава скуси продукција од 4,5 милиони автомобили

Фабриките за автомобили во текот на 2022 година беа оневозможени да произведат околу 4,5 милиони автомобили, затоа што недостигаа микрочипови.

Според процените на американската консултантска куќа AFS, производителите на автомобили и во текот на 2023 година ќе се соочуваат со криза со микрочипови, но во малку поблага форма.

Сите производители на автомобили не беа исто погодени од кризата со микрочипови во изминатите две години, оценува американската консултантска куќа Auto Forecast Solutions (AFS), во најновиот извештај. Производителите на автомобили имаат различни очекувања и околу тоа, колку ќе успеат во текот на следната година да надоместат, за автообилите што годинава не можеа да бидат произведени.

Недостигот од микрочипови ја остави браншата без произведени 4,5 милиони нови автомобили во глобални рамки. Тоа е податокот до којшто дојдоа американските специјалисти за анализа на податоци AFS, утврдувајќи ги последиците што ги остави недостигот од чипови врз автомобилските фабрики.

Кризата ќе продолжи и во текот на следната година, и исто така ќе мора да се воведуваат ограничувања во поглед на продукцијата, меѓутоа последиците од кризата ќе бидат помали отколку годинава. Во анализата на AFS конкретно се наведува податок за 3 милиони автомобили што нема да може да се произведат во фабриките, затоа што ќе нема доволно микрочипови за нив.

Кризата попушта, но сериозноста на проблемот останува, затоа што 2023 ќе биде веќе трета година во којашто светската продукција се соочува со недостиг од чипови

Повеќе производители на автомобили, вклучувајќи ги Toyota и концернот Stellantis, веќе најавија дека и во првиот квартал од 2023 година очекуваат недостиг од микрочипови, поради што нема да можат да ги произведат и навреме да ги испорачаат возилата, во првично утврдените планови.

Повеќе чинители ќе придонесат кризата со микрочипови да притиска помалку, посочуваат од AFS. Меѓу нив спаѓа и постепеното подобрување на снабдувањето на фабриките за автомобили со микрочипови, благодарение на тоа што производителите на автомобили склучија нови договори за набавка.

Друг фактор што ќе придонесе за кризата да попушти е економската рецесија, којашто ќе доведе до смалување на бројот на нарачки за нови возила, но во исто време ќе се намали и побарувачката за уреди од забавната електроника на светскиот пазар. Според тоа, чиповите што производителите на забавна електроника нема да ги искористат, ќе може да им се препуштат на производителите на автомобили.

Тесното грло во снабдувањето со микрочипови ги погоди најмногу произодителите на автомобили и добавувачите во Северна Америка и Европа. Помали се последиците кај производителите во Азија и Кина. Според анализата на AFS, во САД останаа непроизведени 1,025 милион автомобили, во Европа се 673.000 автомобили, но во Кина проблемот зафати само 20.000 автомобили. Во преостанатите азиски држави, вклучувајќи ги Кореја и Јапонија, не се произведени 424.000 автомобили.

Покрај Toyota и Stellantis, на коишто им недостигаат по 2 милиони автомобили, проблемот со микрочиповите во изминатите две години ги погоди и General Motors, кој остана без 1,6 милион произведени возила, Renault-Nissan-Mitsubishi (1,3 милион), како и групацијата Vwсо околу 1,25 милион возила.

Споредено со вкупно планираната продукција, најтешко е погодена американската компанија Ford, со 1,2 милион непроизведени автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel пред дваесет години ја пушти Astra OPC со 200 КС

Stellantis купува акции во компанија за водороден погон