за

Opel пред дваесет години ја пушти Astra OPC со 200 КС

Тоа што некогаш значеше OPC во германската марка, отсега значи GSe. Електромотор ќе помага спортските модели на Opel и во иднина да бидат брзи и чисти.

Пред дваесетина години, Opel почна да ги издвојува своите најспортски модели под ознаката OPC. Меѓу првите модели што ја понесоа новата ознака беше Astra од генерацијата G, со дволитарец со турбонатполнење и 200 КС.

Прво беше ознаката GS, потоа моторите добија впрскување на горивото, па ознаката напредуваше во GSE, а кога спортските перформанси станаа достапни и во компакт класата, ознаката се смени во GSi. Германската марка во концернот Stellantis во 2023 година ќе започне со испорака на моделите од новата спортска подмарка, којашто ја носи ознаката GSe. Разликата меѓу првиот GSE и новиот GSe лежи во тоа што во погонот сега се вклучува електромотор. Меѓу двете „gse“ има уште една важна серија, секако дека тоа се OPC-варијантите, во раните 2000-ти години.

Новото поглавје на спортските модели на Opel го почнуваат Astra GSe и нејзината комби-варијанта Astra Sports Tourer GSe. Погонот им е приклучен хибрид, со системски 225 КС и 360 Nm. Подвозјето е посебно дотерано за врвна динамика и комфор, финишот е уште за нијанса поубедлив, а посебност на GSe серијата ќе бидат и врвните спортски седишта.

Но, за Opel да може денес да излезе на сцената со модел што го декларира како спортски, секако дека е потребен цврст темел. Тој темел дополнително го зајакнаа моделите OPC, коишто почнаа да се појавуваат во понудата на Opel пред повеќе од 20 години. По првата Astra OPC, којашто имаше атмосферска верзија на 2.0 Ecotec со 160 КС и служеше само како хомологациски модел, за Opel Astra да вози трки, следеше сериската верзија на Astra OPC, со 200 КС, во изведба со три врати и како комби. Кусо пред тоа дебитираше и ванот Zafira OPC, голема гордост на марката во тоа време.

Алибито за ознаката OPC го обезбедуваше и дволитарскиот турбо бензинец со 200 КС. Крајната брзина на спортската Astra изнесуваше 240 km/h, односно 231 km/h за комбито. Во тоа време единствено Opel нудеше комби со врвни спортски перформанси во компакт класата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Специјалистите во Opel Performance Center (OPC) извршија зафати во суспензијата, во тркалата и во сопирачките. Моторот 2.0 Ecotec беше преземен од Opel Zafira OPC, Opel Astra Coupé Turbo и Astra Cabrio Turbo. Во компактната каросерија, овој мотор обезбедуваше спринт до темпо сто за 7,5 секунди. Во петиот степен, силната Astra забрзување од 80 до 120 km/h за само 9,5 секунди.

Притисокот на натполнење се одржуваше на константни 0,85 бар, меѓу 1.950 и 5.600 вртежи во минута. Со педала притисната до крај, електрониката дозволуваше моторот кусо време да заврти до максимални 6.800 вртежи, место до 6.400 вртежи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Посебна конструкција го одликува моторот 2.0 Turbo ECOTEC. Издувната гранка, турбината, вентилот за ограничување на притисокот и останатите компоненти се поставени во компактна целина. Тоа овозможи моќниот мотор да се вградува во модел од компакт класата. Ниската тежина исто така е одлика на моторот.

Покрај ексклузивните тркала од 17 инчи, Astra OPC поседуваше посебна предна маска и дифузор назад. Задниот спојлер не служеше само за изглед, туку и произведуваше дополнителен притисок врз задната оска, заради стабилност при високи брзини.

New item by Automedia MK / Google Photos

Искуството од мотоспортот се огледуваше во подвозјето, познато како DSA-подвозје (Dynamic Safety). Во споредба со стандардниот модел, каросеријата на OPC е спуштена за 20 милиметри. Спортските возачи можат на копче да ги исклучат ЕЅР и контролата на тракција TC Plus.

Кратенката OPC (Opel Performance Center) означи серија спортски модели, со одлични возни својства и со дизајн што не е премногу впечатлив. Моделите се развиваа заеднички од Opel Performance Center (огранок на Adam Opel AG) и од елспертите од центарот за развој ITDC во Риселсхајм.

Комбито Opel Astra OPC Station Wagon се произведуваше во Бохум, додека верзијата со 3 врати доаѓаше од Белгија, од фабриката во Антверпен . Завршната монтажа се вршеше во Opel Special Vehicles GmbH (OSV) во Риселсхајм.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе „трабанти“ отколку „тесли“ на германските патишта

Се враќаат старите Trabant и Wartburg по германските патишта

Недостигот од чипови годинава скуси продукција од 4,5 милиони автомобили