за

Среќа е што само во Македонија автомобилите не загадуваат

Место да се справува со загадениот воздух, државава уште го плаче умрениот. Место да презема конкретни мерки, таа уште нема ниту признаено, што навистина ја причинува срамотната загаденост на воздухот, не во Скопје, во цела Македонија.

мерење на загаденост воздух

Трикратно зголемена потрошувачка на дизел во државата, 424.000 автомобили постари од 10 години, протнување возила со нефункционална катализација во сообраќај, непостоење каква било мерка со којашто би се смалило влијанието на сообраќајот врз загаденоста, маса автомобили што се собираат во центарот од сите страни, повеќе тркање по улиците отколку културно возење, нефункционален и неискористен јавен превоз. Уште колку години треба народот да се тормози со препишување еден ист цитат, дека канцерогените честички во воздухот биле штетни и дека загаденоста е причинета само поради тоа што неколку денови не дувнало ветер?

Срамотно е една држава во третата деценија од третиот милениум уште да нема усвоено и да применува стратегија за спречување на загадувањето на воздухот. Првите три групи наслови на тиме.мк во моментов: Дали знаете како се мери квалитетот на воздухот и кои категории се најопасни за луѓето (Слободен печат), Скопје вечерва во петорката светски градови, но по загаденост (360 степени), Скопје и денеска во топ десетте најзагадени градови во светот (24 вести). Покрај вакви наслови, отсуствуваат какви било изјави од одговорните ликови, што веројатно се толку неодговорни што и самите не знаат дека се одговорни, нема ниту ноти на револт од ликови што божем се залагаат за чиста животна средина и одржливост. Има само знаци на немоќ, незаинтересираност, безперспективност, општа апатија.

Во Аутомедиа досега било многупати укажувано јасно. Потрошувачката на дизел во државата, во период од една деценија, зголемена е неколкукратно. Горивото согорува во моторите, опасните продукти од согорувањето доспеваат во воздухот, што не ни останува друг избор освен да го дишеме. Категорично и недвојбено: Дизелот е главен виновник за кобната концентрација честички чад во воздухот, за PM10 и PM2,5. За подеднакво штетните азотни оксиди, што никако да почне да се мерат, исто така.

Катастрофата со загадениот воздух во Македонија почна во исто време со почнувањето на масивниот увоз на старите автомобили, во последните години од првата деценија од милениумов. Додека во 2008 година имало регистрирано дури 25.000 патнички автомобили, стари до две години, во 2021 година, статистиката брои само 7.000 патнички автомобили стари до две години. Во истата таа 2008 година, по македонските патишта сообраќале 176.000 автомобили постари од 10 години. Во 2021 година, бројот на вакви возила е зголемен на 424 илјади. Од секои десет возила, само едно е старо под 10 години

Ново Пунто и Поло се заменија со некогашните лимузини на германските директори од раните 1990-ти, односно 2000-ти години, тоа ли е „напредокот“ во македонскиот возен парк во последниве повеќе од десет години?

Повеќе од една деценија има минато оттогаш. Педесет илјади стари автомобили, повеќето спасени од завршување во печките во германските железарници, во тие години се управуваа гордо низ Македонија, под бугарски регистерски таблици. Евтини автомобили, убави на око, од марка што е важна за пред соседите. Тие возила не можеа да се регистрираат во Македонија, затоа што загадуваа премногу. Потоа ни се закануваше блокирање на цела држава, од терачите на бугарските автомобили, кога државата најави дека ќе се справува со таа историска катастрофа по возниот парк.

Тие автомобили во голем дел одамна завршија по отпади, меѓутоа ниту тогаш, ниту сега, државата не умееше да најде поврзаност меѓу промените во возниот парк и промените во воздухот за дишење. Покрај преполна државна каса од масивно накачената наплата на акциза од гориво, што во голема мера им го овозможува самоволието на сите политички состави оттогаш, кој уште би менувал нешто. Секако дека и нафтените компании се задоволни. Деновиве се спомнува и еден договор од времето на Љубчо, од којшто јавноста се увери дека личности од неславното минато си земале обврски за народот да троши гориво како никогаш претходно.

Ништо не се сменило оттогаш. Единствено е полошо. Зошто народот да очекува зимово да биде почист воздухот, ако ништо не се сменило од лани? Можеби требаше годинава да се погоди почесто да дува воздух, за да не се соочуваме повторно со загаденост. Или стотината субвенционирани автомобили за вградување уред на автогас од министерството за финансии требаше да сменат нешто? Или илјада клима уреди со инвертери место печки, ни донесоа барем малку почист воздух? Или скапите паркинзи на Водно направија Скопје да биде почисто? Или некој ги поучи скопјани дека само додека чекаат во автомобил, за колоната возила да доспее до градскиот парк преку викендите, вдишуваат штетен воздух што ниту две години поминати на божем чист воздух во паркот не ќе го компензираат?

Големите и силни стари автомобили од луксузни марки што масовно се донесуваа во Македонија низ годиниве и уште се носат, евтино се нудат на автоплацевите во Германија или Холандија, затоа што за нивно регистрирање таму е потребно да се платат скапи давачки – возилата загадуваат премногу, на тој начин нормалните држави се штитат од загадување. Тоа ги обесхрабрува германските или холандските возачки и возачи, кои место тоа избираат помали и почисти возила. Возилата се евтини, затоа што никој не ги бара, тоа е основното пазарно правило.

Старите возила при увоз во Македонија не подлежат на поригорозно еколошко оптоварување, односно – старите автомобили загадуваат по Европа, но кога тие ќе се донесат во Македонија, одеднаш престануваат да загадуваат?

Итно и неодложно се потребни радикални чекори. Наивни, глупави прогласи, за трудници да не излегуваат кога воздухот бил загаден и за дечињата да не трчаат по фудбал, веќе ни се згадени. Од драстично забавување на сообраќајот, воведување строго контролирани еколошки средини во градските јадра, воведување викенди без возила и овозможување бесплатен јавен превоз, до најстрога контрола на увозот на стари автомобили и ригорозна проверка на техничката исправност на возилата, во поглед на емисијата на штетни материи.

За тоа треба да се зборува, не само да се препишува дека загаденоста ни била рекордна во светски рамки. Ликовите што по улица јурат со расчадени лимузини со светната маска, ама црн опаш, треба да се чувствуваат посрамени пред јавноста, место да глумат панаѓурска аристокрација. Хероите на загадената и „штетна“ денешница треба да ни се тие што ги возат своите нормални за македонски пригоди автомобили, нормално, градски, неисфрустирано и неегзибиционистички.

Москва е одличен пример. Руската повеќемилионска престолнина никогаш не се соочувала со загаден воздух. Зошто? Затоа што Русите не возат дизел. На ниските температури не им е дораснат адитив.

Колку што е кобна алипноста на државните институции и органи, толку е кобен и ефектот од објавите, во коишто упорно се препишува еден диктат: Воздухот е многу загаден, загадениот воздух е многу штетен. Прво е неопходно да се надмине таа општа заблуда, омасовена од дружина што се има фатено за една формула, што им покажува дека сообраќајот божем учествувал со 20% во загаденоста. Во таа „формула“ се зема дека автомобилите трошат четири литри дизел на сто километри и испуштаат точно толку ПМ-честички, колку што фабриките имаат измерено во лаборатории за хомологација. Дизел аферата, на неа се сеќаваме уште, зар не? Таа е само еден мал дел од многу поголема афера, од картелското здружување на повеќе производители, коишто се беа договориле да штедат при димензионирањето на системите за пречистување на издувните гасови во своите возила, но никој „да не кажува“ пред институциите на ЕУ за местенката. Па, уште ќе ѝ веруваме на наивната дружина божемни познавачи, во нивните 20 проценти?

Истите наслови, со сменет датум, веќе ни се здодеани. Не е загадено Скопје, секаде е загадено, каде што има масивно одвивање на сообраќајот. Од Тетово, Гостивар и Кичево, до Струмица, Кочани и Кавадарци. Темата штотуку ја почнуваме, новата сезона на загадување е во ек.

Во продолжение, неколку примери за мерки што покажале делотворност во градовите ширум Европа:

Филтер за честички час во стари камиони и во автобуси

Мадрид

Финансиска поддршка за вградување филтер за честички чад во товарните возила и во автобусите во градот

Зона со ниска емисија

Берлин

Зона во градот во којашто смее да се пристапува само со возила што исполнуваат најстроги норми за издувни гасови, конретно електрични и приклучни хибридни возила

Зона со ниска емисија

Ломбардија, Милано

Зона со ниска емисија

Лондон

Зона со ниска емисија

Стокхолм, Малме

Ограничување на брзината

Берлин

Дозволено 30 km/h на главните патишта во Берлин

Поттикнување користење јавен превоз преку евтини билети

Лондон

Колку повеќе возења се добиваат со картата, толку е поевтино секое возење (“Oyster card”)

Отстапување на уличниот простор за бавен транспорт

Париз

Просторот за одвивање на сообраќајот со автомобили се отстапува за бавните форми на превоз (велосипед, тротинет) и за јавен превоз

Урбана вентилација

Дрезден

Преземање мерки за сочувување и подобрување на струењето на воздухот и зазеленување на центарот на градот

Car Sharing

Париз

Возен парк од автомобили со ниска или нулта емисија се ставаат на располагање за јавноста за краткотрајно користење, по споредбено ниски цени

Наплата за метеж

Гетеборг, Лондон, Милано, Стокхолм

Наплата за влез со возило во градското јадро во одреден период, обично од 6.30 до 18.30, цена во зависност од еколошката погодност на возилото

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

3 коментари

Одговори
  1. Odlicna statija.
    Falese uste, dokolku imate info za davackite za hybrid, plug in i elektricni vozila. Kolku bea, kolku se sega, dali ima subvencii i edna paralela so drzava koja toa go pravi kako sto treba.
    A da i predlog za Ekoloski danok za dizelasite, kolku poniski standardi tolku povisok danok.

  2. Почитуван Дарко Јаконов, Објавениот текст околу загадување на воздухот од дизел возилата во Македонија, сметам дека не е соодветен и не соодејствува со реалностса, па поради тоа морам да изнесам рекација за да не се доведе народот во заблуда. Имено:

    Главна причина за загадување на воздухот и високите конентрации на ПМ честички во зимските периоди е начинот на загревање на домаќинствата и секако индустријата. Се горат дрва, јаглен, пелети, нафта и којзнае што се не за да се загреат домаќинствата па од тамо и продукција на чад од населбите каде што има навјеќе куќи како Лисиче, К.Вода, Сарај, Кондово, Илинден и така натака… Дизелот игра улога во загадувањето но не со толкав процент како овие спорадични загадувања. Многу често во 4 наутро кога нема сообраќај градот е загаден со високи концентрации од над 700 ПМ честички кои не се продукција од возилата нити од автобусите туку се од чад продуциран од домаќинствата. Доволно е да излезете и да направите неколку обиколки околу градот и ќе ја увидите оваа појава. За жал минатите години не се вложи ништо за да се конвертираат сите домаќниства на поеколошки начини на загревање како струја, гас или централно греење. Се додека ова не се реши секоја зима воздухот ќе биде со високи концентрации на PM чеситчки.

    Исто така како главна причина за загадувањето покрај индустријата е и појавата на секојдневното палење на ниви, стрништа, депонии кои ги прават луѓето насекаде во приградските и градските населби како и присуството на неконтролирани диви депонии кои постојано се палат и загадуваат.
    https://www.youtube.com/watch?v=h3qIQBv3-Ak

    Ние како држава сме мали корисници на дизел гориви за да тоа биде главната причина за загадување. Поради тоа сметам дека споредбата наведена во вашиот текст не е соодветна за нашата состојба. Ние мора прво да се справиме со овие примитивни појави па после да се осврнеме на финеси како намалување на загадувањето од возилата.

    Со почит,

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шпедитерот Dachser нарачува 50 електрични камиони Mercedes eActros Long Haul

Повеќе „трабанти“ отколку „тесли“ на германските патишта

Се враќаат старите Trabant и Wartburg по германските патишта