за

Шпедитерот Dachser нарачува 50 електрични камиони Mercedes eActros Long Haul

Новата изведба на електричниот Mercedes eActros минува 500 километри со едно полнење и веќе поттикна заинтересираност кај еден од најголемите шпедитери во Европа.

Компанијата Dachser резервираше 50 примероци од изведбата Long Haul oд новиот електричен камион Mercedes-Benz eAstros. Сериското производство започнува во 2024 година.

Една од главните ѕвезди на салонот ИАА за товарни возила во Хановер секако дека беше новата верзија Long Haul на електричниот Mercedes-Benz eActros. Со досегот од 500 километри, таа одговара за транспорт на долги релации, што освојува уште еден круг купувачи за електричните камиони.

Компанијата за логистика Dachser потпиша преддоговор со Mercedes-Benz Trucks за испорака на 50 примероци од eActros Long Haul. Планот е германската компанија да користи варијанта 6×2 со платформа за променлива надградба.

Dachser учестуваше како партнер уште при развојот и тестирањето на стандардната верзија на електричниот камион eActros 300/400, којшто веќе се наоѓа во сериско производство. Шпедитерот и логистичар користи електрични камиони уште од 2018 година. Fuso eCanter и eActros се застапени во возниот парк на компанијата, во рамките на концептот „DACHSER Emission-Free Delivery“.

Дистрибуцијата на стока со електрични камиони се одвива редовно во 11 европски метрополи, без емисија на СО2, без бучава, до самото градско јадро. За достава до крајните центри за испорака, Dachser дополнително користи товарни електрични велосипеди. Пилот-проектот во Штутгарт во 2018 година победи на конкурсот за „Одржлива урбана логистика“ на германското сојузно министерство за животна средина.

Завршните тестирања за верзијата за долги релации eActros LongHaul се одвиваат според слична програма како за Actros со стандарден погон. Тоа значи дека во период од 10 години се минуваат вкупно 1,2 милион километри со прототипи.

Mercedes-Benz Trucks вградува во eActros LongHaul батерии LFP, односно батерии што користат ќелиска технологија со литиум железен фосфат. Овие батерии се одликуваат со долг рок на траење и испорачуваат повеќе енергија.

Батеријата на eActros LongHaul во изведбата од сериско производство ќе може на полнач со моќност од 1 мегават да се наполни од 20 до 80 проценти за помалку од 30 минути. Самата батерија се состои од три батериски пакети со вкупен капацитет од преку 600 kWh. Заедно со два електромотори, батеријата е дел од новата eAchse (е-оска), којашто постигнува трајна моќност од 400 kW, однонсо максимална моќнсот од преку 600 kW.

Освен во верзија на влекач за полуприколка, Mercedes-Benz Trucks ќе го произведува eActros LongHaul и во изведба на сандачар. Со тоа се проширува кругот на клиенти што ќе можат електричниот камион да го користат во својот возен парк.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia третпат ја донесува Новата Година на Тајмс Сквер

мерење на загаденост воздух

Среќа е што само во Македонија автомобилите не загадуваат