за

Загаденоста убиствена, мерките козметички

Во патниот транспорт, Македонија согорува над 500.000 тони дизел годишно. Пред десетина години, се согорувало трипати помалку.

Сé е исто, единствено остануваат надежи дека повеќе нема да биде исто. Против кобната загаденост, не на Скопје, тука на цела Македонија, сé уште се преземаат мерки како при првото освестување за штетноста на средината што си ја имаме создадено околу себе, кога со тв-реклами се порачуваше граѓаните да јадат поголеми количини овошје.

Наивни и неодговорни се мерките што се преземаат да се намали кобната загаденост на воздухот во македонските градови. Огромен е гневот меѓу граѓаните, предизвикан од неукоста и неодговорноста со коишто најразновидните форми на власт постапуваат за уставно загарантираниот чист воздух да не биде штетен и опасен за вдишување.

Само еден податок требаше да биде доволен, за тоа што вестите ни го прикажуваат како држава, да се организира и конечно да почне решителна борба против воздухот што го немаме во државата со најбожествената природа во светот, со Шар Планина, Охрид и Преспа, Малешевијата, Мариово, со Радика, Треска и Вардар. Тоа е податок што им е достапен на масовните јавни гласила со турските серии, но очигледно никој не умее да протолкува што значи тој податок.

Според Државниот завод за Статистика, во 2005 година, во Македонија биле потрошени околу 182.000 тони дизел гориво за потребите на патниот сообраќај. Тоа се патничките автомобили со коишто секој ден патуваме до работа и назад, тоа се комбињата, автобусите, камионите. Поради пандемијата, податокот за 500-те илјади тони дизел во 2020 година е немеродавен, но затоа е сосем корисен податокот за 570.000 тони дизел потрошени во 2019 година. Тоа е трипати зголемена потрошувачка на дизел за време од деценија и пол. И, зарем е потребен уште некој податок плус, за да се пушти алармот?

New item by Automedia MK / Google Photos

Место радикални чекори со коишто ќе се зафати директно во изворот на загадувањето, тоа што народот дозволува да му биде власт, презема мерки што би биле делотворни можеби во 1950-те години. Тие ликови што ни се појавуваат секоја година на градските билборди со барање да им ја заокружиме бројката, не се толку виновни за наивниот пристап против загадувањето, колку што се медиумите.

Во време на убиствена загаденост, главната вест е „Девизниот курс на денарот е стабилен, а девизните резервни се соодветни“?

Во овој вторничен ден, во претпразнична атмосфера, агрегаторот на вести Time.mk води 111 објавени наслови од медиумите на тема загадување. Првата вест, сепак, не е загадувањето, туку е веста што „некој“ сака денес да биде главна: Девизниот курс на денарот е стабилен, а девизните резервни се соодветни. Медиумите, со исклучок на малкуте вистински медиуми, масовно пишуваат за вест што најразличните форми на власт им ја сервираат, им ја подметнуваат да ја објават.

Зарем во оваа прекрасна земја, со маса критичен и вреден народ што ни се отсели, никој што треба да допре до јавноста не познава англиски, германски, француски, шпански јазик, да дознае како Германија или Австрија постигнаа воздухот во градовите да им биде како на Швардвалд или во Тирол? Или можеби во редакциите на големите медиуми со турските серии е забрането да се пристапува до вебсајтови во нормални држави?

Тоа што досега требаше да биде делотворно во борбата против загаденоста, сигурно не се наслови во коишто се препишуваат партиски препукувања, во коишто се шири заблудата дека загаденоста доаѓала од горењето дрва, или од масовната индустрија во државата, од депониите, од солунското пристаниште, од сендвичарите, од кафеаните.

Десет години поминаа откако македонската јавност првпат слушна за штетноста на PM-честичките; Оттогаш загаденоста е зголемена неколкукратно 

По неполни десет години, откако Македонија дозна дека воздухот можело да биде загаден, целото постапување околу загадувањето се води според една неточна, исилена и најштетна можна студија, позната како „финска студија“. Неверојатно, но таа грешна и неуко спроведена студија, останува единствена да укаже на уделот на одделните категории загадувачи во вкупната загаденост на воздухот. Дури и една банка што нема да ја именуваме, во своите реклами за автомобилски кредити до скоро наведуваше масовно дека автомобилите учествувале со 20% во загадувањето. Па, барем таму можеат да бидат поажурни и да ги дознаат вистинските состојби. Во светот, токму банките многупати се јавуваат како финансиери на истражувања што реално ја прикажуваат ситуацијата.

Сите тие научници, академици, генијалци, интелектуален свет што го дала оваа божествена македонска почва, никој не ги ангажирал и не ги охрабрил да дадат реален суд и да предложат делотворни мерки, за Македонија да се врати во стадиум на земја во којашто дишењето не е штетно.

Во таа таканаречена финска студија, единстено е финска методата, којашто поаѓа од најобични претпоставки, кој колку загадува. Таа историски штетна студија претпоставува дека автомобилите во Македонија се нови, дека трошат по три литри гориво, како што пишува во каталозите на производителите на автомобили, и не зема предвид дека автомобилите можеби испуштаат нешто дополнително што не го пишува во каталозите.

Место издржани истражувања и анализи, нашата јавност повеќе се тренира да верува во наместени изнудувачки афери против индустријалци што претходно биле дел од власта, верува и дека изработувачи на мобилни апликации што прикажуваат загаденост на воздухот се активисти за животната средина, верува во изјавите на мајстори за отсекување автомобилски катализатори, кои не разликуваат NOx од азотни оксиди и не се сеќаваат дали вистински се кажуваше хемија или физика, но затоа не пропуштаат да коментираат кога се зборува за автомобилите како загадувачи, и патем бараат фармацевтските корпорации да откријат што содржат вакцините против ковид.

Колкупати имате прочитано на друштвените мрежи или дознаено од пријател дека некој го пресекол филтерот што ги задржува честичките PM од издувот на автомобилот со дизел мотор? И пак се виновни сендвичарите

Аутомедиа досега има објавувано многупати за уделот на возилата во загадувањето на воздухот и општо за целата проблематика. Само кусо: Македонија пред повеќе од 10 години ослободи во државата да се довлечкуваат старите и ислужени автомобили со висока емисија на штетни материи, обично од бугарските автоплацеви. Тоа беа автомобили што ЕУ ги „купи“ од сопствениците, преку исплата на субвенции во висина од неколку илјади евра. Целта беше автомобилите со висока емисија, главно дизели со директно впрскување и со катастрофално високо ниво на емисија на ПМ-честички, да се претопат. Светот веруваше дека тоа е планот. Вистинскиот план, сепак беше старите и штетни автомобили да се пуштат во средини што не се освестени во поглед на штетноста на тие прекрасни каросерии со светната ламарина, но со засмрден издув. Народски, ЕУ ги направи бугарите „мајмуни“, за тие со лажирана километража да ни го пуштат автомобилскиот крш во божествената Македонија и нас да нé  направат „мајмуни“.

Дизелите со директно впрскување имаат многу повисока емисија на ПМ-честички, во споредба со дизелите со индиректно впрскување на горивото, главно со вртложна комора или друг вид преткомора. Без делотворен филтер што ги задржува честичките ПМ, тие автомобили се буквално отровни за средината во којашто се живее. Тие автомобили станаа неверојатно евтини по автоплацевите во Германија, a понатаму и по бугарските ниви претворени во автоплацеви. Лимузини со тристотини коњски сили, долги по пет метри, со бабини 100.000 километри, а реално 1.000.000 километри, се продаваат по цена од неколку илјади евра – честопати и под илјада евра. Толку им е цената, затоа што регистрацијата за тие автомобили во Германија или Франција чини трипати повеќе од парите што се бараат за нив. Во голем број градови, за такви автомобили меѓу другото е забранет пристапот во поширокото градско јадро. Затоа, пак, никому не пречи тие автомобили масовно да се возат низ македонските градови.

Дали е доволно бесплатното возење во автобусите и препораката идните мајки да не излегуваат на улица, додека „мине“ загаденоста?

Радикални мерки се потребни за македонските градови да го сведат загадувањето барем на десетпати пониско ниво. Толку македонскиот воздух е загаден над границата што светот ја цени како граница на нормално живеење. Многу е веројатно и дека се манипулира со мерните станици. Но, како да станеме нормална средина за живеење, барем во поглед на воздухот?

Мерка што прво треба да се воведе и што може веднаш да покаже резултат, тоа е ограничување на брзината на сообраќајот на 30 километри на час, на ниво на цел град, не само во Скопје, туку и во Тетово, Кичево, Струмица, Кочани, Велес, Кавадарци, Битола, сите македонски градови. Сето тоа мора да биде придружено со строга полициска контрола. Секој граѓанин е одговорен за загадувањето. Пречекорувањето на брзината мора да се санкционира строго.

Јавноста мора да се информира и да стане свесна за штетноста што масивниот сообраќај ја има врз загадувањето. Не станува збор за 20 проценти што ги лажира „финската студија“, туку веројатно за 80 или уште повеќе проценти удел на сообраќајот. Понатаму, неопходно е возилата да се поделат на категории на загадување. Тоа што беше стартувано како делотворен проект пред половина деценија, но од медиумите со турските серии беше проколнато со наслови „500 евра казна за старите автомбили“, сепак е неопходно да стане реалност.

Вистински делотворните мерки може да се воведат уште денес, а трајните мерки што ќе спречат повторување на кобната загаденост може да се организираат веројатно за една седмица

Црвени налепници со коишто на автомобилите ќе им се забранува пристапот во градското јадро во време на убиствена загаденост, нема да важат за нашите нормални автомобили, туку за тешките и стари лимузини и смрдливите „џипови“ довлечкани од беснотилак од отпадите на Европа, што никогаш претходно не биле дел од нашата улична слика и од секојдневието.

Мора да се размислува и за одвојување на цели сообраќајни ленти за електрични тротинети, скутери, велосипеди, за пешачење, мора народот да се врати на улица, место да се вовлекуваме во ламаринените кутии што пред дваесетина и повеќе години ги возеле директори, менаџери, забавувачи, спортисти, професори, лекари по улиците на Минхен или Цирих. Тоа исто така е мерка што може да се воведе во најкусо можно време.

Мора да се воведуваат нови и да се прошируваат постоечките пешачки зони, односно тоа што светот го води како зони со ниска емисија на штетни материи. Сабота и недела може да бидат денови во коишто центрите на градовите ќе бидат поштедени од моторен сообраќај. Зеленилото, тоа е веќе примарно. Тоа што е на ниво на бесмисленост: За време на викендите треба сообраќајот да се насочува надвор од градовите, во излетничките места, во природа. Сликата кога колони возила полчас чекаат да дојдат до Градскиот парк во Скопје, со намера таму да дишат чист воздух, секако не е слика што се поврзува со разумно доживување на поимот за заштита на животната средина. Не ги штитиме (само) дрвата, туку самите се штитиме.

Тоа се само неколку мерки што се применуваат и се делотворни во голем број градови во Европа. Чисти градови. Македонија исто е во Европа, но Македонија не е чиста.

>>> За политичарите нема загадување, а дизел скандалот ни вози по улица

>>> Протестниот марш против загадувањето имаше инстантен ефект, еколозите уште не знаат

>>> Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Тест · Kia Ceed 1.5 GT Line · Ги враќа симпатиите во компакт-класата

Peugeot во кампањата порачува: Планирај мудро, порачај возило сега