за

Тест · Kia Ceed 1.5 GT Line · Ги враќа симпатиите во компакт-класата

Kia Ceed ја познаваме во најразлично светло, како примерен семеен компакт, практично и стилско комби SW, кросовер XCeed, спортско комби ProCeed, моќен и престижен GT, а сега и како GT Line. Тоа не е само ниво на опрема.

Моделските освежувања обично не привлекуваат многу внимание, затоа што се гледаат како преодно решение. Марката со добриот дизајн и тоа го направи различно. Kia Ceed во новата моделска година изгледа свежо како при премиерата во Женева. Изведбата GT Line остава впечаток како целиот зафат да е направен заради неа. Тест на моделот со мотор со 160 КС и со богато ниво на сериска опрема.

Еден тест. Побарајте од некој пријател да наброи десет најдобри модели од компакт класата. Многу е веројатно дека Golf нема да отсуствува од тоа набројување, коешто понатаму ќе ги спомнува и Astra, Corolla, 308, C4, Megane, Focus. Тоа се модели што имаат длабоки историски корени во компакт класата и ги влечат истите од легендарните Opel Kadett, Citroen GS, Peugeot 204/304, Renault 14, Ford Escort. Единствено Corolla остана Corolla (со исклучок на периодот на Auris), Golf остана Golf. Сите тие се моќни моделски серии со најмалку 50-годишна историја. Од „историските“ имиња, недостига само уште Fiat, кој во последните неколку децении подзабавува во трката, иако со марката од Торино се поврзуваат некои од најголемите легенди, како Balilla, 1100, 128, Ritmo, Tipo.

Денешната автомобилска бранша е динамична и главните играчи на пазарот се менуваат исто како водачите на Ф1-трката за Големата награда на Италија, на Монца во 1965 година. Во таа трка со рекорден број престигнувања, патем, Џеки Стјуарт, Греем Хил, Џин Кларк и Џон Суртис се менувале на чело дури 41 пат. И списокот од десетте модели од компакт класата што го спомнавме погоре, веројатно ќе биде некомплетен. Дали на списокот можеби недостига Ceed, Kia Ceed? А, тоа е многу важен модел на пазарот. Ceed, всушност, многу е поважен од половина од погоре спомнатите имиња. Моделот што се испорачува ширум Европа од фабриката на Kia во словачка Жилина, годинава се покажа дека е многу поважен на пазарот, отколку што се Megane, C4, Astra, 308, Scala, Tipo, Mazda3, Civic.

Kia Ceed годинава има најголем раст во продажбата на европскиот пазар, всушност само уште Corolla и C4 се во плус, додека останатите големи моделски имиња се во длабок минус

Ако се изземат компакт-моделите на германското премиум трио – A Class, Серија 1 и A3 – на Kia Ceed ѝ припаѓа петтото место на листата на најпродавани модели во компакт класата во Европа. Според официјалната продажба за 25-те најголеми европски пазари, од јануари до ноември, најпродавани модели во компакт класата се:

Марка и модел Ное ‘21 ‘20  Јан – Ное ‘21 ‘20
VOLKSWAGEN GOLF 6,755 -72% 190,483 -24%
TOYOTA COROLLA 11,189 9% 128,723  9%
FORD FOCUS 8,702 -42% 85,881 -45%
SEAT LEON 4,650 -47% 76,533 -21%
KIA CEED 6,566 42% 64,963 32%
RENAULT MEGANE 4,397 -24% 60,330 -9%
CITROEN C4 5,886 831% 59,588 нов
OPEL ASTRA 4,393 -37% 52,881 -15%
HYUNDAI i30 5,544 48% 51,531  15%
PEUGEOT 308 1,271 -83% 45,686 -44%
SKODA SCALA 2,073 -51% 36,313 -23%
FIAT TIPO 2,469 -44% 35,842 -23%
MAZDA3 1,745 -8% 20,646  -13%
HONDA CIVIC 576  -25% 12,206 -21%

Според тоа, овој примерок на тестот, со каросерија во боја како на некој новооткриен вид благороден камен, не е „само“ Ceed со нови браници, туку е важен Ceed – петти најпродаван компакт во Европа во 2021 година.

Секако не е случајност, тоа што моделот во својата трета генерација и во 15-та година од првиот Ceed, се вмешува толку високо во најважната автомобилска трка на европскиот пазар, во компакт класата. Да биде успехот уште поубедлив, Ceed за својата марка освојува купувачи покрај мошне силниот конкурент од сопствените редови, покрај СУВ-бестселерот Sportage.

Од марка што е вешта со дизајнот е сосем верно да се очекува дека изгледот на моделското освежување на Kia Ceed бил точно утврден уште пред тековната генерација на мдоелот да доживее премиера во Женева во 2018 година

Ова е веројатно најприродниот фејслифт што автомобилскиот свет го има видено досега. Верно е човек да помисли дека секоја линија во изгледот на Ceed MY22 била точно осмислена и потврдена уште при првото појавување на оваа генерација на Ceed во пролетта 2018, на салонот во Женева. Нема зафати во „металот“, главно се интервенирало во браниците, праговите, светлата.

Отворот за маската сега е изрежан по права линија. „Тигарскиот нос“, препознатливото обележје на Kia, кај новиот модел се формира со по една лајсна во горниот и долниот дел од маската. Лајсните се педантно дизајнирани и финишот оддава впечаток дека Ceed е добро избрусен пред да се пушти во салон. Тука престануваат сите сличности на овој автомобил на тестот, со останатите моделски варијанти во гамата на Ceed.

Тестираниот модел е во нивото на опрема GT Line. Не станува збор само за ниво на опрема, туку повеќе за модел со засебен стил и посебна душа. Нагласокот, секако е ставен на спортскиот стил. Не изненадува тоа што менаџерите на Киа Моторс Македонија ценат Ceed GT Line да учествува со 80% во продажбата на моделот на нашиот пазар. Дизајнерите на Kia успеаја да најдат нов начин за прикажување на спортскиот дух. Дури сега, откако Kia ни го сервира освеженото моделско годиште на Ceed, гледаме колку „ефтино“ некои производители ни ги продаваат своите спортски нагодени модели.

Тоа е факт, спортски додатоци што го надградуваат карактерот на автомобилот му влеваат различно чувство на возачот, без разлика што тие додатоци најчесто немаат допирна точка со возните својства или со перформансите

Сé е до перцепцијата: Исто како што секој возач е убеден дека неговиот автомобил станува многу поспортски и посилен откако ќе му вгради „спортски“ издув – односно тоа што околината го перцепира како „дупнат ауспух“, така и возачот во Ceed GT Line ќе биде убеден дека неговата Kia вози поспортски и побрза е од 90% од автомобилите околу, кога ќе погледне во скапо изработениот спортски волан на којшто пишува GT Line или кога ќе почувствува дека седиштата држат одлично во свијоци.

Таа споредба сепак не е целосно издржана, затоа што Kia Ceed и фактички е компакт со спортски аспирации и динамичен карактер. Уште при првото појавување на новата генерација на моделот на тест во Аутомедиа, оценивме дека „Kia Ceed се претвори во динамичар во класата. Додека претходно, по градските улици и по периферијата, се покажа комфорно, пријатно за возење и квалитетно изработено автомобилче, по првото излегување на кривулест пат се покажува вториот карактер на оваа германо-словачко-корејска креација.“ Со моделското освежување и посебно во изведбата GT Line, човек станува повеќе свесен за карактерот на овој автомобил.

Изгледот на Ceed GT Line мами на истражување. Секој детаљ е изведен посебно за оваа моделска изведба: Решетката во маската има покрупен растер од истата во стандардниот Ceed, лакирана е во црна сјајна боја, па дури и двете лајсни во маската имаат мат, место сјаен финиш. Во отворот за воздух долу се повторува манирот, со двете лајсни што се рашируваат странично и на половина педа од земја создаваат впечаток како Ceed да е залепен за асфалтот. Долу останува доволно простор за носот да не наседне на рабник, а има и незабележлив штитник долу во црна боја.

GT Line прави Ceed да изгледа спортски, но и раскошно; Тоа е автомобил околу којшто човек ќе сака да сврти круг, пред да го заклучи и да замине

Дизајнерите внесле естетска свежина и во делот под светлата, каде што има две надолжи перки и рамка во црна сјајна боја. GT Line располага и со различни светла, со интегрирани магленки и со впечатлив светлечки потпис со три лакови. Острана не се пропуштаат праговите, коишто се изведени со познатата шема: Основа во црна сјајна боја и лајсна во сребрен мат финиш. Таа шема се повторува и на сериските тркала од 17 инчи, со дизајн што е достапен само за GT Line.

Kia-total третманот важи и во опашот. Задниот браник на GT Line е сосем различен од оној во нивото Edition, заедно со стилизиран дифузор и издувни цевки назад. Драмата ја заокружуваат светлата, коишто се сочинети од по 48 светлечки диоди. Самите светла се дизајнерско достигнување, со саќеста структура по целата површина на светлата, чијшто различни функции се прикажуваат откако ќе се вклучат диодите – заедно со анимирани трепкачи, нормално.

Само кусо наведување на зафатите што прават внатрешноста на Ceed да биде GT Line: Алуминиумски педали и потпирач за левото стопало, црн таван и кровни столбови, алуминиумски лајсни на праговите, спортски волан обложен со кожа и зарамнет долу, спортски седишта во комбинирана изведба со платно и вештачка кожа, поле околу рачката и држачот на вратата во сјајна црна боја, конзола меѓу седиштата во сјајна црна боја. Тоа и не е толку кусо. Ова е кола во којашто човек сака при секое седнување да ја помириса внатрешноста. Едноставно, Kia Ceed GT Line причинува задоволство. Сé е изведено вешто, искусно.

Моторот 1.5 T-GDi се вбројува меѓу најпримерните во својата класа; Реалната потрошувачка под 7 литри е причина што Kia воопшто не нуди дизел во Ceed на македонскиот пазар

Во моделската ознака Ceed GT Line недостига уште „бројка“. Под хаубата работи 1,5-литарски турбо бензинец со 160 КС, значи ова е Ceed 1.5 T-GDi GT Line. Моторот од фамилијата Smartstream се вградува уште пред фејслифтот и тоа е еден од адутите на целото моделско семејство Ceed / CeedSW / XCeed / ProCeed, не само поради високата моќност од 160 КС. Тоа е долгооден мотор (71,6 х 92 mm), со варијабилно управување на двете брегасти вратила, нормално со директно впрскување, со максимален вртежен момент од 253 Nm што стои на располагање уште при 1.500 вртежи. Бајпас-вентил помага вртежниот момент да се одржува на истото ниво до 3.500 вртежи. Мануелниот менувач во Ceed уште од претходно го познаваме како „кутија со совршенство“.

Одлика на 1,5-литарецот е моќното и меко повлекување, што се должи на долгоодниот концепт на моторот. Ceed со оваа машина и со комплетното ниво на опременост прераснува во народски гран-туризмо крстосувач за патување на долги растојанија. Во контекст на последново оди и комфорната амортизација. Болниот тап удар од подлогата би се слушнал единствено при невнимателно влетување во дупка во асфалтот. Во нормални услови на возење, амортизацијата работи неосетно, тивко, примерно.

Начинот на којшто Kia пристапи кон моделското освежување на Ceed ги враќа симпатиите кон компактите, класичните компакти со комбилимузинска каросерија со пет врати. Во овие времиња кога светот сака да покаже дека живее на „висока нога“ е изникнато некое непишано правило, дека автомобилот што ќе се купи мора да биде СУВ и ништо друго.

Изборот на СУВ некогаш е исто како човек да обува планинарски чевли за секоја пригода и за секаде; Поубаво е кога планинарските чевли се во багажникот и се обуваат по потреба

Во часовите кога се уверувавме во квалитетите на Kia Ceed, не можеше да ни се оттргне следната помисла: Тоа што денес сите обожуваме да седнуваме во СУВ-автомобили, не е ништо различно од тоа да обуваме чевли за планинарење во секоја пригода. Без разлика дали човек е на работа, во кафуле, ресторан, можеби во театар или на опера, на нозе секогаш се планинарски чевли. Тоа не е секогаш најпријатно.

За комбилимузина да се претвори во СУВ, се преземаат зафати што влијаат директно врз возните својоства и врз возниот комфор. Прво, за да се надомести за висината и за повисокото тежиште, сé мора да се скрути и зајакне: Амортизерите, пружините, зглобовите, стабилизаторите, лежиштата. СУВ-возилото ќе биде стабилно, но чувството зад воланот е различно.

Понатаму, поголемата тежина и повисоката силуета што му се спротивставува на ветрот, бара соодветно и поголем и помоќен мотор. Расте и потрошувачката, а и маневрирањето во тесен простор не е силна страна на СУВ, особено во подрачјето покрај десното предно крило. Но, и покрај сите овие предности на класичната комбилимузина, пак им даваме предимство на СУВ-моделите. Не се проблем ниту неколкуте илјади евра плус што треба да се платат за возење на висока нога.

Kia Ceed 1.5 T-GDI GT Line, со овој мотор и со оваа опрема, нé потсеќа дека некогаш е подобро да се вложи во моќен мотор, во богата опрема и добар стил, место во СУВ

А, тие евра плус се вложени многу поразумно во ваков GT-крстосувач. Моторот со 160 КС не остава простор за сомнеж дали ќе го исполни барањето да испорача доволно моќност во одредена ситуација. Исто и опременоста во бројни ставки ги надминува очекувањата. Цената на Kia Ceed 1.5 T-GDi GT Line изнесува 22.650 евра. Тоа е цена за модел со натпросечна моќност и опрема што исто е далеку над просекот. В година пристигаат неколку големи имиња во компакт класата. Тие ќе стартуваат со основен мотор и со основно ниво на опрема од истото ценовно ниво на коешто Kia го нуди овој GT Line.

Дури и ако не се гледа ценовната предност – па дури и традиционалната седумгодишна гаранција – Kia Ceed поседува квалитети со коишто ќе ги привлече адутите на своја страна, ако се стави во конкуренција со уште неколку солидни модели во компакт класата. Најважното пак е на страната на Kia. Тоа е чувството во возење, емоциите. Маркава одамна привлекува купувачи токму поради тоа. И поради организацијата на работата на марката на македонскиот пазар, тоа најповеќе.


⇒ Кон вебсајтот за моделот на Киа Моторс Македонија https://kia.mk/models/ceed-2021/introduction

⇒ Целата гама на Kia можете да ја погледнете на нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/inventory/?marka=kia , со детален приказ на техничките податоци за секој модел, на опремата, вклучувајќи и можност за споредба на повеќе модели

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уште еден автомобил на Seres i Huawei

Загаденоста убиствена, мерките козметички