По три години од претставувањето, Toyota го освежува својот компактен модел со нов дизајн, нови мотори и повеќе опрема. Во меѓувреме, Auris Hybrid стана најпродаван хибриден автомобил во Европа.
Промени во дизајнот, примена на материјали што се попријатни на допир, преработен хибриден модел, збогатена безбедносна опрема и нови мотори – тоа се петте главни подрачја на подобрувања и освежувања со коишто Toyota Auris продолжува во втората половина од моделскиот век. Најголемиот новитет под хаубата е 1,2-литарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување. Дволитарскиот дизел исто така е заменет со помал мотор од 1,6 литар, додека 1,4-литарскиот D-4D претрпе модификации што му овозможија да има најниска емисија на СО2 во категоријата до 90 КС – важно при регистрирање возила во ЕУ. Покрај тоа, целата гама мотори сега ја исполнува нормата Euro 6.
Промени во изгледот за постигнување подинамичен и посoфистициран стил
Носот и опашот на Auris се целосно редизајнирани со цел да се нагласи ширината на каросеријата, а воедно да се постигне и пософистициран изглед на моделот. Впечатливи се и внатрешните промени. Инструментите добија поспортски изглед, со колор дисплеј од 4,2 инчи во средината, додека на целата редизајнирана арматурна табла е нагласено заднинското осветлување. Командите во средишната конзола се поставени околу дисплејот на допир од 7 инчи и исто така реагираат на допир. Целата арматурна табла сега е обложена со истиот мек материјал со различна структура во горната и долната половина. Стилските промени се заокружуваат со нови облоги на седиштата и две нови бои за каросеријата – темносина и сина металик.
Инженерите на Toyota се посветија и на натамошно подобрување на водењето на предните и задните тркала во насока на зголемување на комфорот, како и ремапирање на електричното сервоуправување, заради подобра повратна информација од подлогата. Постојат две изведби на задната суспензија: Едната е со торзиска оска, за бензинецот од 1,33 литар и дизелот од 1,4 литар, додека втората е со триаголна водилка, за 1,2-турбо, верзиите со 1,6-литарски мотори и за хибридната верзија. Подобрувања има и во придушувањето на звукот од моторот, како и во изолацијата во другите подрачја од кабината и каросеријата. Идните возачи на хибридниот Auris особено ќе ги ценат овие мерки, имајќи во предвид дека повеќето од купувачите на оваа погонска верзија се привлечени најмногу од тивкото возење.
Турбомоторот од 1,2 литар им се придружува на познатите 1.33 Dual VVT-i и 1.6 Valvematic во бензинската понуда, додека новитет кај дизелите е 1.6 D-4D, во замена за дволитарецот. Toyota може да биде особено горда на фактот што повеќе од половината од продадените примероци на Auris на пазарите во Западна Европа се во хибридната верзија. Потрошувачката изнесува 3,5 литри бензин, со емисија на СО2 од само 79 g/km, што купувачите во ЕУ го ценат поради намалените давачки при регистрација.
Штедливиот 1,2-литарец може да замени и дизел
Новиот 1,2-литарец со турбонатполнење, директно впрскување и варијабилна работа на обете брегасти вратила ослободува 116 КС и вртежен момент од 185 њутнметри меѓу 1.500 и 4.000 вртежи. Со мануелен шестстепен менувач, основната верзија на Auris забрзува до сто за 10,1 секунди и постигнува крајна брзина од 200 km/h. Со потрошувачка од 4,7 литри, Auris 1.2 се приближува до „дизелските“ вредности, така што дел од купувачите веројатно ќе се решат за оваа погонска верзија, место да доплаќаат за дизел.

Љубителите на дизелот, пак, ќе го ценат новиот 1,6-литарски мотор, како замена за стариот 2.0 D-4D. Новиот дизел постигнува моќност од 112 КС и вртежен момент од 270 Nm меѓу 1.750 и 2.250 вртежи, го забрзува Auris за 10,5 секунди до 100 km/h, додека крајната брзина изнесува 190 km/h. Просечната потрошувачка изнесува 4,1 литри. Суштински промени има кај 1.4 D-4D, којшто доби помал турбополнач со намалено триење и со повисок притисок на натполнење во подрачјето на ниски вртежи. Притисокот во системот common-rail сега изнесува 180 бари, клиповите се редизајнирани и придонесуваат за намалување на потрошувачката за 3,4 проценти, капакот на главата на моторот е изработен од пластика и полесен е за 40%, воедно овозможувајќи подобро подмачкување на брегастите вратила. Моќноста остана непроменета на 90 КС, но затоа моторот ги произведува максималните 205 Nm при пониски вртежи – на 1.400 место на 1.800 вртежи. Auris 1.4D-4D забрзува до сто за 12,5 секунди и постигнува крајна брзина од 180 km/h. Опремен со систем старт-стоп, малечкиот дизел во Auris троши 3,4 литри.
Тојота Македонија засега нема објавено информации околу почетокот на продажбата и цените за новиот Auris. Актуелната понуда почнува со Auris 1.33 Terra за 14.990 евра, односно 16.990 евра за дизелот со 90 КС исто така во нивото Terra.
















