за

Електричните автомобили не се поштедени: Полначите на Tesla поскапеа

Поскапувањата не важат само за бензинот и дизелот, туку го зафатија и користењето на електричните полначи на Tesla.

Во последните две години, цените за користењето на електричните полначи на Tesla се зголемија значително. Од европските држави, најскапо е во Шведска, кадешто киловатчас чини 0,51 евро.

Станиците за гориво се погодени најсилно од ценовниот шок, но и возењето електричен автомобил стана поскапо. Tesla во декември веќе ги зголеми цените за користење на своите брзи полначи. Сега почнува следниот круг поскапувања. Во Германија, на пример, цената за потрошен еден киловатчас енергија е зголемена за три центи и сега изнесува 0,48 евро. Во споредба со цените пред последното поскапување во декември, возачите на Tesla во Германија сега мора да плаќаат 8 центи повеќе по киловатчас, односно дури 15 центи повеќе отколку во 2020 година, кога цената изнесувала 0,33 €/kWh.

Во Холандија, еден киловатчас на полнач чини 37 центи, место 27 центи, додека во Австрија цената е 41 место 36 центи. Просечното поскапување на услугата во Шведска изнесува 17 проценти и киловатчас таму чини 51 центи.

Во Македонија уште ја ужуваме привилегијата, комплетната мрежа од полначи на ЕВН ширум државата, како и новите дваесетина полначи на Прокредит Банка, да се користи бесплатно. Привилегијата, сепак, ја уживаат малкумина, затоа што според статистиката, во 2020 година биле регистрирани 69 патнички автомобили, 116 мотоцикли и 13 товарни возила, односно вкупно 198 возила што користат чисто погон на струја. Во бројот на патнички автомбоили, веројатно се опфатени и лесните четирицикли во служба на неколку компании.

ЕВН има изработено наменски вебсајт за електромобилноста во Македонија – https://emobility.evn.mk/Home.aspx

Назад во светот. Целосното полнење на батеријата на Tesla Model 3 со продолжен досег, при потрошувачка од 21 киловати на 100 километри, во Германија со новите цени чини 10 евра. Пред две години, за тоа се плаќало седум евра. Трошоците за возење електричен автомобил и натаму се пониски во споредба со автомобил со обичен погон. Литар бензин моментно чини 2,16 евра во Германија, што за автомобил со потрошувачка од седум литри на сто километри изнесува 15 евра.

Прокредит Банка во февруари пушти во работа 22 станици за полнење за електрични автомобили во Македонија – https://procreditbank.mk/mk/node/805

Притоа, цените на суперчарџерите на Tesla дури не се ниту највисоки на пазарот. Мрежата на Ionity, што е проект на неколку производители на автомобили и главно опфаќа супербрзи полначи долж европските патни магистрали, наплаќа 79 центи по киловатчас на германските полначи и 70 центи на полначите во Холандија.

Во Аутомедиа веќе имаме богато искуство со електричните автомобили:

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

На следниот линк можете да ги погледнете сите електрични модели и моделски изведби што се во понуда кај увозниците во Македонија

Inventory

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бензинот учествува со 46,7 денари, сé останато оди за државата

Mercedes испорача 150 примероци од електричниот eSprinter