Висината на акцизите за горивата деновиве е главно внимание на политичарите, бизнисмените, граѓаните. Од властите се бара да реагираат соодветно со намалување на акцизата на горивата, затоа што поскапувањето на горивата поради војната во Украина ќе повлече уште посилен бран поскапувања. Еден кус преглед, што сé влегува во составот на цената на горивата.
Цените на горивата уште долго ќе бидат главна „дневна тема“ и ќе преоѓаат во сé пожешка тема, доколку надлежните институции продолжат да покажуваат неспособност да управуваат со вонредната ситуација. Неодговорното и неспособно однесување ќе влијае врз секој аспект на живеењето и работењето. Тоа е работа на економските редакции и на нашите еминентни експерти, што со години се останати во сенка на свежо фенираните божемни државни функционери, да ја информираат јавноста и да укажат на дилетантизмот во запоседнатите највисоки државни редови.
Тоа што сите го знаеме, цените на горивата се:
- Моторен бензин од 95 октани чини 89,50 денари по литар
- Моторен бензин од 98 октани чини 91,50 денари по литар
- Дизел гориво чини 85,50 денари по литар
Износите што се однесуваат на самото гориво, односно на набавната цена на одделните горива, се следните:
- Набавна цена за моторен бензин од 95 октани изнесува 46,702 денари по литар
- Набавна цена за моторен бензин од 98 октани изнесува 48,461 денари по литар
- Набавна цена за дизел гориво изнесува 50,561 денари по литар
Според тоа, од вкупната цена за 89,50 денари за литар бензин од 95 октани, на самото гориво отпаѓаат 52,2 проценти, додека останатите 47,8 проценти се плаќаат за даноци и надоместоци.
Горивото учествува со половина во цената, кои се останатите давачки што ги плаќаме со секој литар гориво?
Секој денар е важен, па е нормално дека е важна и ставката што се опишува како трошоци за работење преку склад и трговска маржа. Износите за „склад и маржа“:
- 5,425 денари по литар моторен бензин од 95 октани
- 5,361 денари по литар моторен бензин од 98 октани
- 5,317 денари по литар дизел
Во цената влегува и надоместок за транспортни трошоци од склад до бензински станици. Тој изнесува дополнителни:
- 0,75 денари по литар за сите видови моторни горива
Следнава ставка е дотолку повеќе иритирачка, имајќи предвид дека неспособноста и неодговорноста во работењето нé има донесено уште одамна до зона на загрозено живеење, поради загаденоста, којашто не е „само лош мирис“.
Надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина изнесува уште 0,080 денари за литар бензин, односно 0,030 денари за литар дизел.
Тука, патем, се покажува уште една неукост, којашто е посебна тема. За дизелот се плаќа речиси трипати помала еколошка ставка, со сета количина на канцерогени честички PM и азотни оксиди, отколку за бензинот?
Уште еден солидно вкотвен износ е надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. За тоа плаќаме:
- 0,89 денари по литар бензин
- 0,30 денари по литар дизел
Акцизата, како највисока ставка, а со тоа и ставка во којашто стручните кругови се способни да најдат најмногу простор за интервенција, изнесува:
- 22,00 денари за моторен бензин од 95 и од 98 октани
- 15,50 денари за дизел гориво
Нормално, на сето тоа следи уште ДДВ, со што се заокружува малопродажната цена на горивата. Нормално, 18 проценти ДДВ.
Така доаѓаме до заклучокот: Возењето е најдоходовната „индустриска гранка“ во оваа земја. Приходот оди чисто на сметка на државата и на платниот список на државата.