за

Најважното прашање: Како да заштедите гориво?

Цените на горивата растат, цените на намирниците растат, прашањето не е дали нештата ќе поскапат, туку колку ќе поскапат. Во такви услови е нормално да се бараат начини за смалување на потрошувачката на гориво на автомобилот.

Разликата е 18,5 денари. На 7-ми декември, литар бензин чинел 71 денар, од 8-ми март, цената се покачува на 89,5 денари и неизвесно е колку ќе биде драстично следното поскапување. За автомобил што троши десет литри бензин, тоа се 185 денари повеќе за секои сто километри пат. На илјада километри, тоа се веќе 1.850 денари дополнителен трошок. Што може да се направи, за потрошувачката на гориво да се смали?

Кога цените на горивата растат и единствен тренд во подолг рок е продолжување на растот на цените, нема двоумење. Со штедењето гориво треба да се започне што поскоро, тоа е „натпревар“ на долги патеки.

Пред помалку од две години, на 7-ми април, литар бензин чинел 48 денари. Тоа значи дека за овој период, возењето станало поскапо за повеќе од 85 проценти. Уште малку па двојно. Само прашање на време е кога цената на бензинот ќе надмине 100 денари. Војната го Украина ќе продолжи да влијае врз светскиот пазар на енергенси, а со тоа ќе продолжи и зголемувањето на цените.

Возачките и возачите не можат да преземат ништо против високите цени, но затоа имаат целосна контрола врз потрошувачката на гориво на својот автомобил. Доколку се внимава на сите начини што водат кон намалување на потрошувачката, може да се смета на заштеда од триесетина проценти. Ако потрошувачката од десет литри бензин, се намали на 7 литри, тоа значи дека на секои сто километри ќе се заштедат по три литри гориво, односно 268,5 денари. Под претпоставка дека сто километри се минуваат за три дена, заштедата на крајот на месецот ќе достигне околу 2.700 денари. Секако дека оваа сума ќе поттикне многумина да внимаваат повеќе на потрошувачката на гориво на својот автомобил.

Начините на коишто може да се постигне заштеда се следниве:

  • Смалување на тежината на автомобилот
  • Внимавање да не се нарушува аеродинамичноста
  • Правилен притисок во гумите
  • Редовно одржување на автомобилот
  • Оставете го автомобилот ако треба да возите на кусо растојание
  • Малку посилно забрзување и рано префрлување во повисок степен
  • Возење со предвидување на одвивањето на сообраќајот
  • Внимателно при вклучувањето на клима уредот
  • Гасење на моторот и избегнување непотребна работа
  • Штедење гориво и трошоци при патување

Во продолжение детално ги објаснуваме сите начини на штедење гориво, коишто се едноставни и единствено бараат повеќе внимание при возењето.

Смалување на тежината на автомобилот

Правило е дека секои сто килограми дополнителен товар во автомобилот предизвикуваат зголемување на потрошувачката за половина литар. Погледнете во багажникот и веројатно ќе се изненадите колку предмети возите непотребно. Дури и резервното тркало може да се извади од возилото и да се замени со спреј за лепење гума со мини-компресор. Само тоа заштедува околу 20 килограми.

Tiguan 1.5 TSI Trendline OPF Navi,Tempomat,SH

Штедливците ќе се израдуваат кога ќе ги отстранат задните потпирачи за глава на клупата што ретко се користи, исто како и тешката полица врз багажникот или можеби двојниот под. Синџирите уште се во багажникот? Безбедносниот триаголник, елекот и кутијата за прва помош секако дека не смее да недостигаат.

Внимавање да не се нарушува аеродинамичноста

Аеродинамичноста е клучна за ниската потрошувачка. Многумина возачи наоѓаат дека им е покомотно кровниот багажник или „делфинот“ да го остават монтиран преку целата година. Тоа предизвикува дополнителен отпор на воздух, а тоа значи и повисока потрошувачка. Како пример, при пренесување велосипед на покривот, потрошувачката се зголемува до 40 проценти. Ако допрва планирате да купите носач за велосипед, тогаш изберете носач што се прицврстува зад возилото. Во тој случај, отпорот на воздух се зголемува за само 20 проценти. Само основните држачи на покривот „трошат“ меѓу половина и еден литар бензин на сто километри.

colourful village

Притисокот во гумите исто така е клучен за потрошувачката

Секако дека и притисокот во гумите е важен. Доколку тој е за 0,5 bar под пропишаниот, потрошувачката се зголемува за 5 проценти. Притисокот треба да се проверува на секои 14 денови. Со зголемување на притисокот дури може да се намали потрошувачката. Доколку се напумпа вредност за 0,5 bar над пропишаниот, тогаш се заштедува 0,2 литар гориво на сто километри. Комфорот малку ќе се наруши, но во моментот е најважно да се заштеди.

Flat Tire on a Car

Редовно и квалитетно одржување на автомобилот

Користете лесноодно масло: Оптимираните моторни масла со намален отпор штедат до три проценти гориво.

Проверете го системот за палење: Стари свеќички за палење и кабелски приклучоци, како и погрешно дотеран мотор, исто така предизвикуваат зголемена потрошувачка гориво.

Гуми со намален отпор при тркалање се уште еден делотворен начин: Пет проценти помал отпор значи еден процент помалку гориво.

Филтерот за воздух треба да се проверува редовно и да се заменува. Заситен, односно валкан филтер ја намалува моќноста на моторот, односно предизвикува зголемена потрошувачка.

Оставете го автомобилот ако треба да возите на кусо растојание

Најмногу расфрлање со горивото се случува при возење на кусо растојание. Кога ќе појде со незагреан мотор, потрошувачката се движи меѓу 30 и 40 литри. По еден километар, моторот уште троши премногу, 20 литри. Моторот се загрева по дури четири километри и дури тогаш се постигнува нормална потрошувачка. Затоа, кога растојанието може да се мине пеш или со велосипед, подобро оставете го автомобилот и направете нешто добро и за себе, со малку физички напор. Од штедењето гориво профитира здравјето.

Малку посилно забрзување и рано префрлување во повисок степен

Тоа е тајната на мајсторите на штедливото возење. Погрешно е верувањето дека при бавно забрзување се штеди повеќе гориво. Напротив, тоа дури предизвикува повисока потрошувачка. Веднаш по поаѓањето префлете во втор степен, потоа забрзајте со малку посилно притискање врз гасот и префрлете во следниот степен колку може порано. Во град се сосем доволни 2.000 вртежи. На пат и на автопат, сепак се премалку 2.000 вртежи. Таму, сепак, важат други правила. Но, во основа, возење со темпо 100 место 120, може да донесе огромна заштеда. Притоа решава еден фактор што го спомнавме претходно: Аеродинамичноста. Колку е повисока брзината, толку повеќе расте и отпорот на воздух. Ако на знаците пишува 130 на час, тоа не значи и дека треба да вози со таа брзина. Со 100-110 километри на час, никому нема да му го попречите патот.

При нашето споредбено возење есеноска, со Opel Mokka, се покажа дека незначително намалување на брзината може да донесе преполовување на потрошувачката. За ориентација: Доколку се вози 100, место 160 km/h, што секако е забрането и претсавува сообраќаен прекршок, моторот троши за третина помалку. Тоа би значело 6,5 место 10 литри. Можеби на одредиштето ќе се дојде пет минути подоцна, но барем ќе се пристигне со повеќе пари во џебот.

Тест на Аутомедиа: Колку корист од брзото возење?

Возење со предвидување на одвивањето на сообраќајот

Многу е едноставно, ако не забавите премногу, нема да морате ниту да забрзувате премногу кога ќе се „исчисти“ патот напред. Предвидувањето на ситуацијата што се случува напред на патот е уште еден начин на штедење. Кога семафорот свети црвено, отпуштете го гасот и пуштете возилото да се движи по инерција. Не правете ја оваа грешка: Поновите мотори го прекинуваат дотокот на гориво при отпуштање на педалата за гас. Тоа значи дека префрлување на менувачот во празен óд само прави непотребно да се троши гориво. Притоа ќе се поштедат и сопирачките.

Користењето „дупки“ и спровнувањето меѓу возилата за да се биде прв во колона, не носи никаква предност. Притоа само ќе се потроши за 30% повеќе гориво отколку да се вози во колоната.

Внимателно при вклучувањето на клима уредот

Еден од најголемите трошачи на гориво е клима-уредот. Колку повеќе се оптоварува алтернаторот со вклучувањето на електричните потрошувачи, толку се зголемува потрошувачката на гориво. Со вклучен клима уред се троши 1,8 литар повеќе гориво на 100 km при возење во град. Уште еден „сокриен“ трошач е грејачот на задното стакло. Еден час работа значи 0,1 литар гориво.

редовно одржување на клима уредот

Гасење на моторот и избегнување непотребна работа

Додека се чека во возилото, на пример, на железнички премин, изгаснете го моторот. Секако дека моторот троши и додека работи во место. Истото важи и при чекање на црвено светло. Доколку честопати минувате иста релација, обидете се да го „запомните“ редоследот. Обично многу помага светлото за пешаци. Тоа ќе ви помогне да се ориентирате уште колку време останува до вклучување на зеленото светло. Кај поновите автомобили, тоа е сосем непотребно, системот старт-стоп денес е речиси стандард.

Штедење гориво и трошоци при патување

При патување на долга релација, важно е редовно да се прави пауза. Но, не запирајте пречесто, затоа што секое запирање за починка од патувањето, значи и потреба од силно забрзување за повторно да се фати чекор со сообраќајот. Тоа секако дека влијае врз зголемувањето на потрошувачката. Размислете и дали можеби на одреден дел од патот е подобро да го користите споредниот пат, место автопатот. Притоа ќе возите малку побавно, ќе имате повеќе слобода да експериментирате со методите за штедење, а тоа што е посебно важно кај нас, ќе ги избегнете и патарините што се поставени на секои 20 километри пат.

Од висораминината на Бистра, по Галички Пат до Маврово и оттаму сé до првата патарина по Гостивар, чисто на струја, без ниту грам гориво - со струја добиена при спуштање
Од тестот на Peugeot 3008 HYbrid4 · Од висораминината на Бистра, по Галички Пат до Маврово и оттаму сé до првата патарина по Гостивар, чисто на струја, без ниту грам гориво – со струја добиена при спуштање

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Peugeot во Шпанија закажува сервис онлајн, 100% дигитализација

Toyota ќе вози 24 часовен маратон со синтетичко гориво