Околу тоа нема двоумење. Кој вози побрзо, пристига побрзо. Кој вози побавно, последен пристига на забавата и веројатно ќе има останато малку повеќе гориво. За Аутомедиа не важат нагаѓања, ние проверуваме. Колку точно ќе биде покусо патувањето ако се вози побрзо и како тоа ќе влијае врз потрошувачката? За овој несекојдневен тест имаме една ѕвезда на автомобилската сцена, Opel Mokka, што ќе направи возењето и во двата случаи да биде уживање.
Тоа е прашање што одвреме навреме засега многумина. Колку се скусува патувањето ако се притисне повеќе врз гасот и колку ќе треба на крајот да се плати за тој возачки пир, со горивото што ќе се потроши дополнително? И обратно, колку е подолг патот ако се вози побавно и колку гориво ќе се заштеди? За вториов случај, веројатно многумина веќе и применуваат побавно возење, поради повишените цени на горивата и општата состојба што нé наведува дека е добра идејата да се почне со штедење. Од друга страна, постојат возачи што самите се гледаат како возачки херои, затоа што секогаш се најбрзи и убедени се дека брзото возење е круна на нивната возачка способност.
Не е тешко да се провери. Одбравме рута во вкупна должина од точно 233,62 километри. Знаеме дека е точно таа должина, затоа што мобилна апликација го следи секој момент од тест-возењето. Се вози кружна рута, што почнува од истата точка на станицата за точење гориво на Макпетрол на булевар Илинденска. Првиот ден се вози брзо, следниот ден се вози бавно.
Рутата е поделена на четири делници, што не може да бидат поразлични една од друга. Тоа е воедно и целта, да се провери како брзото и бавното возење влијаат врз времетраењето на патувањето и врз потрошувачката во различни услови на возење. Првата делница од Скопје продолжува по споредниот пат преку Арачиново, до Куманово, пред градот веднаш скршнуваме по автопатот за Белград, за по кусо време да се одвоиме во правец на Крива Паланка. Првото одредиште е околу еден километар по спуштањето од Страцин кон Кратово, на мало паркиралиште. Таму ќе отчитаме колку точно траело возењето, колкава е просечната брзина, колкава висинска разлика е совладана, која била највисоката брзина, а воедно ќе имаме и графикон што точно ќе покаже колку брзо сме возеле на одредено растојание на патот.

По минувањето низ Кратово и Пробиштип, и по скршнувањето во десно кај Крупиште, втората делница ќе нé донесе до Штип, до паркиралиштето на станицата за точење горива на Макпетрол на излезот од градот во правец на Велес, кај месноста позната како Три Чешми. Третата делница е кај Велес, до каде што прво ќе возиме неколку километри по автопат, па потоа по Кадрифаково ќе се издвоиме и по споредниот пат ќе продолжиме точно до клучката пред спојувањето со автопатот за Скопје.
Целата кружна тура во должина од преку 230 километри опфаќа најразлични услови на возење што имаат и соодветно различно влијание врз потрошувачката
За последната, четврта делница, нормално возиме по автопатот до Скопје, но потоа се издвојуваме кај Катланово, за да продолжиме по споредниот пат низ Петровец и кај Дрма да се вклучиме повторно на автопатот. Кај Хиподром, патот ни продолжува преку обиколницата, се издвојуваме на клучката за Радишани, па преку Бутел и булевар Босна и Херцеговина, па булевар Словенија, да следи приклучување на Качанички Пат, и преку Момин Поток да се вратиме на истото место од каде што го почнавме возењето, на булевар Илинден.

Колку што е важна рутата, толку е поважен автомобилот. Возиме Opel Mokka, апсолутна суперѕвезда на автомобилската сцена, во бојата што совршено му прилега на овој каросериски дизајн и на никој друг. На моменти човек да помисли дека прво била дизајнирана бојата, па дури потоа е дизајнирана каросеријата, за оваа мача-грин боја да ѝ прилега исто како што црвената и жолтата боја прилегаат за знамето на Македонија. Оваа волшебно зелена боја е далеку од тоа дека првпат се користи во Opel, затоа што истата уште во 1970-те години беше своевидно обележје на брзите модели на марката со молњата, во гамата на Rekord D, Ascona B и други модели, обично со ознака SR. Тие детали ќе следат во тестот на Mokka што ќе го објавиме посебно.
Mokka е во врвното од петте нивоа на опрема за моделот, како што кажува и името на нивото, Ultimate. Нема повеќе од тоа. Тестираниов Opel е топ-модел во гамата и во поглед на моторот и комбинацијата со автоматски менувач. Осумстепен автоматски менувач, примерен и од најубава сорта, со претворач на вртежен момент. Моторот е бензинец со тубонатполнење, директно врпрскување и 130 КС. Врвните инженери за мотори во светот со години го избираат овој 1,2-литарец за мотор на годината. Експертите очигледно немаат забелешки за тоа што моторот има три цилиндри.
Со близу 1,3 тон, Opel Mokka е далеку од тоа да биде „лесна категорија“, затоа вредностите што ќе ги добиеме на ова тестирање се општо важечки, ова не е „градско автомобилче“
Со сета опрема што е вградена сериски во нивото Ultimate, со класичен и убав осумстепен автоматик и со згодно дизајнираната каросерија долга 4,15 метри и широка 1,8 метар, Opel Mokka на вага покажува 1.295 килограми, со возач и полн резервоар. Тоа не е мала тежина, значи тестот сепак ќе ни даде веродостојни податоци. Овој СУВ со техника од Corsa не е „лесна“ категорија.
Opel Mokka 1.2 DI Turbo Ultimate Automatik, како што гласи целото име и презиме, далеку од тоа дека е „лесна“ категорија во перформансите. Со своите 130 КС и 230 њутнметри, компактниот СУВ може да постигне крајна брзина од точно 200 km/h и може да забрза за 9,2 секунди од место до темпо сто. Фабриката измерила дека просечната потрошувачка изнесува 5,9 литри на сто километри, според чесната и реална норма WLTP. Според истата норма, Mokka 1.2 DI со овој фантастичен автоматик троши 7,5 литри во град, 5,8 литри на периферија на град, точно 5,0 литри по спореден пат и точно 6,0 литри при возење по автопат. Какви вредности ќе добиеме ние на овој тест на време и на потрошувачка?

На првата рута, брзото возење е релативен поим, затоа што често се минува низ населени подрачја, а воедно немаме и намера да постигнуваме брзински рекорди (и казнени рекорди, исто така). Нормално дека во текот на целата тура ќе го почитуваме брзинското ограничување. На делницата до Страцин единствено можеме да возиме немарно, значи без многу внимание на тоа како притискањето врз гасот и сопирачките ќе влијае врз потрошувачката при забрзувањето, при сопирањето, при евентуалните престигнувања.
Патот за Крива Паланка се обновува и на десетина места мора да се чека додека семафор или службено лице го регулира сообраќајот во двете насоки. Токму овие непланирани запирања се доказ колку е кревка идејата дека со брзо возење мора да се стигне побрзо. Рутата не е најповолна за потрошувачката, затоа што на неколку места има искачување, треба да се престигнуваат бавни автомобили и камиони, возењето е далеку од рамномерно. Но, тоа воопшто не нé интересира овојпат. Нашата цел ни е да постигнеме висока потрошувачка. По минута две спуштање од Страцин кон Кратово, доаѓаме до првото место што одговара за да го направиме отчитувањето на вредностите.
Прва делница, брза етапа, Скопје – Страцин
Возењето почнало во 11:31:02 часот, на 5-ти октомври
Првата делница Скопје-Страцин е долга 75,37 километри
Највисоката брзина e 131 km/h
Времетраењето на патувањето е 1:35:38 час
Времетраењето на патувањето во возење е 1:28:25 час
Просечната брзина изнесува 45 km/h
Просечната брзина во возење изнесува 49 km/h
Највисоката точка била 724 метри
Најниската точка била 282 метри
Висинската разлика е 442 метри

⇒ Просечната потрошувачка на брзата тура Скопје – Страцин изнесува 7,7 литри.
Следи ресетирање на вредностите и сé од ново. Втората делница е до Штип. Тоа што патот се спушта долго време до Кратово е само половина од приказната. Втората половина вели дека по градот на мостовите, следи ново искачување, по патот што води преку Шлегово и Приковци, до Пробиштип. На неколку прегледни места може да се постигне повисока брзина, што оди во прилог на нашето тестирање. Напомена, патот е опасен за брзо возење и не дозволува возачкото внимание ниту секунда да биде одвлечено на друго освен на патот. По добриот и брз стинт, со солидно забрзување и добра брзина, очекуваме и висока потрошувачка. Низ градот ни се појавува вредност со четворка пред запирката. Ќе биде забавно.
По Пробиштип „однекаде“ се појавува квалитетно проектиран и изведен брз пат. Едно од најпријатните изненадувања во последно време, во поглед на патната мрежа. За релативно кусо време доаѓаме до Крупиште, па неколку километри подоцна и до Три Чешми. Тоа што можеше да се направи за да добиеме висока потрошувачка, беше направено на делот до Пробиштип. Остатокот од патот е рамномерно возење по рамен пат.
Втора делница, брза етапа, Страцин – Штип
Возењето почнало во 13:17:15 часот, на 5-ти октомври
Втората делница Страцин-Штип е долга 65,87 километри
Највисоката брзина e 133 km/h
Времетраењето на патувањето е 0:55:27 час
Времетраењето на патувањето во возење е 0:54:54 час
Просечната брзина изнесува 71 km/h
Просечната брзина во возење изнесува 72 km/h
Највисоката точка била 924 метри
Најниската точка била 316 метри
Висинската разлика е 609 метри
⇒ Просечната потрошувачка на брзата тура Страцин – Штип изнесува 8,1 литри.
Третата делница не може да биде порамномерна и повеќе неутрална во поглед на потрошувачката. Тоа значи дека за возењето од Штип до Велес очекуваме и најмала разлика во потрошувачката меѓу брзото и бавното возење. Тоа ќе го дознаеме дури по возењето во утрешниот ден. Во основа, по овој пат менува малку дали ќе се вози 80 или 100 километри на час, во поглед на потрошувачката. Некој можеби ќе вози 120, 130 или уште побрзо, наше е да возиме колку што дозволуваат знаците – освен еден многу кус престап, како што покажува апликацијата.
Делницата им е одлично позната на многумина, меѓу другото и поради штипските пастрмалии, така што нема потреба од долги објаснувања за истата. Затоа:
Трета делница, брза етапа, Штип – Велес
Возењето почнало во 14:21:53 часот, на 5-ти октомври
Втората делница Штип-Велес е долга 33,61 километри
Највисоката брзина e 164 km/h
Времетраењето на патувањето е 0:23:04 час
Времетраењето на патувањето во возење е 0:22:37 час
Просечната брзина изнесува 87 km/h
Просечната брзина во возење изнесува 89 km/h
Највисоката точка била 448 метри
Најниската точка била 280 метри
Висинската разлика е 168 метри
⇒ Просечната потрошувачка на брзата тура Штип – Велес изнесува 7,2 литри.
Останува најчесто возената делница во Македонија, Велес – Скопје. Тука за потрошувачката е пресуден еден потег, тоа е совладувањето на долгата и не толку умерена нагорнина кај Ветерско. Затоа, пак, потоа следи долго и брзо спуштање до Катланово, што ќе ги неутрализира „последиците“ од искачувањето. Патот до Скопје, потоа е целосно рамен – но, не и мазен. Секако, уште еден фактор решава за потрошувачката, а тоа не може да биде друго освен потрошувачката. Но, возењето е во рамките на дозволеното, не сакаме дополнително да им отвораме работа на државните службеници. Малиот престап што го прикажува графиконот на апликацијата беше навистина мал.
Да нема забуна околу времетраењето. Оваа рута не се одвива целосно по автопат, туку се одвојуваме кај Катланово, потоа продолжуваме по споредниот пат, преку Петровец, до Дрма, потоа преку надвозникот пред Кадино се враќаме на автопатот, возиме по обиколницата до клучката за Радишани, преку Бутел возиме до Момин Поток, и назад до Илинденска.
Четврта делница, брза етапа, Велес – Скопје
Возењето почнало во 14:55:30 часот, на 5-ти октомври
Втората делница Штип-Велес е долга 58,77 километри
Највисоката брзина e 159 km/h
Времетраењето на патувањето е 0:51:57 час
Времетраењето на патувањето во возење е 0:51:16 час
Просечната брзина изнесува 68 km/h
Просечната брзина во возење изнесува 69 km/h
Највисоката точка била 513 метри
Најниската точка била 264 метри
Висинската разлика е 249 метри
⇒ Просечната потрошувачка на брзата тура Велес-Скопје изнесува 7,7 литри.
За да провериме колку точно покажува патниот компјутер, на пумпата за гориво на Макпетрол на Илинденска повторно го наполнивме резервоарот, колку може повеќе до врв, исто како при поаѓањето. Бројачот на пумпата покажа: 17,96 литри бензин, вредни 1.320,10 денари. Оттаму е лесно да се пресмета просекот за целата брза тура. Просек на брзиот ден: 7,69 литри на сто километри.
Возењето во вториот ден ни почнува еден и пол час порано, затоа што очекуваме дека ќе се задржиме подолго, чисто заради временска резерва. Ако претходно очекувавме дека минувањето на истата тура два дена по ред ќе биде здодевно, очигледно сме погрешиле. Некако секогаш останува барем малку време за безбедно по возењето да се пушти поглед покрај патот и да се забележи што се случува таму. Со други зборови, дури сега го доживуваме патувањето како патување. Претходно беше трка.

Возењето пак не е бавно, но е побавно отколку во претходниот ден. Повеќе се внимава на тоа како се забрзува, како се запира, се користи залет на надолнините. Вистина е дека мора постојано да се мисли на тоа како моментното возење се одразува врз потрошувачката, но од друга страна и патувањето е некако попријатно.
Прашање е дали сите оние места на коишто во претходниот ден уште се вршеше обнова на патот, денес ќе бидат завршени. Малку хумор, сепак… Нормално дека градежните работи беа уште во тек и по патот ги имавме идентичните „пречки“ како во брзиот ден. Без впечаток дека сме возеле многу подолго од претходно, доаѓаме до истото место на спуштањето од Страцин кон Кратово, на малото паркиралиште покрај една стара куќа што сигурно има да раскаже историја.
Сега ќе ја дознаеме вистината за тоа како брзината на возење и техниката на возење влијаат врз потрошувачката. Во заграда се вредностите од претходниот ден:
Прва делница, бавна етапа, Скопје – Страцин
Највисоката брзина e 98 (131) km/h
Времетраењето на патувањето е 1:35:23 (1:35:38) час
Времетраењето на патувањето во возење е 1:31:50 (1:28:25) час
Просечната брзина изнесува 47 (45) km/h
Просечната брзина во возење изнесува 49 (49) km/h
· (вредностите во заградите се за брзата тура по истата делница)

Најважна ни е потрошувачката, дали со побавното и повнимателно возење, сме успеале да заштедиме солидно? Патниот компјутер покажува 6,0 литри. Значи потрошувачката сепак се намалила за 1,7 литар. Тоа воопшто не е малку, посебно кога ќе се има предвид дека побавното возење воопшто не нé забави до одредиштето. Напротив, постигнавме исто време, а пак заштедивме 28 проценти гориво. Тоа е речиси една третина.
⇒ Просечната потрошувачка на бавната тура Скопје – Страцин изнесува 6,0 литри (-1,7 литар).
Големо изненадување уште на првата делница. И покрај сето внимание за брзината и за потрошувачката, турата сме ја извозеле дури и побрзо за 15 секунди, па дури и со просечна брзина повисока за 2 километри на час. Објаснувањето е во честите запирања поради градежните зафати, а од друга страна, само еден камион на патот и чекање неколку минути додека се создаде можност за престигнување, доволни се да го „уништат“ сето тоа што претходно ќе се извози брзо. Би рекле, ова е отрезнувачки. Но, има уште три делници, што ќе создадат комплетна слика.
На возењето до Штип ни е важно да се користат спустовите до Кратово и да се внимава за брзината по планинскиот дел кај Шлегово да се одржува колку е можно порамномерна. Умерено забрзување, плус вклучена штедлива програма за возење. Станува забавно да се вози внимателно за потрошувачката, што не мора секогаш да значи и „влечкање“ по пат. Вистината, вторпат.
Втора делница, бавна етапа, Страцин – Штип
Највисоката брзина e 93 (133) km/h
Времетраењето на патувањето е 1:06:39 (0:55:27) час
Времетраењето на патувањето во возење е 1:05:58 (0:54:54) час
Просечната брзина изнесува 59 (71) km/h
Просечната брзина во возење изнесува 60 (72) km/h
· (вредностите во заградите се за брзата тура по истата делница)
Ова е клучната делница за целото тестирање, тука треба да се покаже најголемата разлика во потрошувачката. Реално, патувањето се продолжило за нешто повеќе од 11 минути. Место за 55 минути, на одредиштето сме пристигнале за еден час и 6 минути. Одвај дека тоа може да се нарече доцнење. Вредело во секој случај да се вози повнимателно и за нијанса побавно. Разликата во потрошуваката е сензационална. Наспроти 8,1 литри при брзото возење, потрошувачката со подзабавено возење се спуштила на 4,5 литри. Секако, сензација. Речиси двојна разлика.
⇒ Просечната потрошувачка на бавната тура Страцин – Штип изнесува 4,5 литри (-3,6 литри).
Од делницата од Штип до Велес не очекуваме многу разлика во потрошувачката. Прашањето е само колку возењето со подзабавено темпо ќе го оддолжи пристигнувањето на третата мерна точка. На овој дел треба единствено да се внимава возењето да биде со рамномерна брзина. Самата делница е долга само триесетина километри и разликата во времето нема да биде сензационална. Мерењето ќе покаже најдобро и најверодостојно.
Трета делница, бавна етапа, Штип – Велес
Највисоката брзина e 98 (164) km/h
Времетраењето на патувањето е 0:28:01 (0:23:04) час
Времетраењето на патувањето во возење е 0:27:31 (0:22:37) час
Просечната брзина изнесува 72 (87) km/h
Просечната брзина во возење изнесува 73 (89) km/h
· (вредностите во заградите се за брзата тура по истата делница)
Разликата дали ќе се вози брзо или бавно меѓу двата главни центри на пастрмајлијата во Македонија е пет минути. Тоа е време што во возачкото секојдевие не менува апсолутно ништо. Влегувањето во ризик, само за да се дојде пет минути порано на одредиштето, не вреди дури и кога би се заштедило еден час во животот, ако притоа самиот живот се доведува во опасност. Животот на сите други учесници во сообраќајот, исто така.
Колку добивме од тоа што 30-те километри ги возевме со малку подзабавено темпо? Може ли пак да се постигне четворка пред запирката во вредноста на потрошувачката на гориво? Апсолутно може! Opel Mokka и на делницата од Штип до Велес потроши 4,9 литри. Претходно, со брзо возење, беа 7,2 литри. Според тоа, пристигање на одредиштето пет минути подоцна, значи потрошувачка намалена за 2,3 литри. Вредност пониска за речиси 50 проценти. Посебно одушевува тоа што и „брзата“ вредност на потрошувачката на Opel Mokka, пак останува во разумни граници.
⇒ Просечната потрошувачка на бавната тура Штип – Велес изнесува 4,9 литри (-2,3 литри).
Четврта и завршна делница. При возењето од Велес за Скопје, многумина веројатно и не погледнуваат воопшто колку им изнесувала потрошувачката. Но, ако и на оваа делница се покаже дека разликата во вредноста при брзо и бавно возење изнесува 50 проценти, тоа значи дека при секои десет минувања на таа релација би се потрошиле дваесетина литри гориво повеќе при брзо, отколку при бавно возење.
Во завршницата на турата имавме непредвидена ситуација. Сé мина во совршен ред, меѓутоа никој не можеше да предвиди дека на новиот булевар Босна и Херцеговина, на самата улица пред Мида ќе се одржуваат протести. Поради огромниот метеж што беше предизвикан од истите и се прошири во низ цел град, мерењето моравме да го прекинеме во истиот момент. Вредностите сепак се доволно веродостојни. Ни недостигаа нешто помалку од шест километри до нашето одредиште на Илинденска и веројатно десетина минути возење во нормални услови.
Четврта делница, бавна етапа, Велес – Скопје
Највисоката брзина e 107 (159) km/h
Времетраењето на патувањето е 0:46:48 (0:51:57) час
Времетраењето на патувањето во возење е 0:46:29 (0:51:16) час
Просечната брзина изнесува 70 (68) km/h
Просечната брзина во возење изнесува 71 (69) km/h
· (вредностите во заградите се за брзата тура по истата делница)
Ефектот од бавното возење е оддолжување на пристигнувањето на одредиштето за пет минути, вклучувајќи ги десетината минути што ситуацијата нé спречи да ги извозиме до Илинденска. Пет минути се одвај половина од времето што поминува во супермаркет, ако човек влезе да купи барем еден производ, што можеби го заборавил претходно.
Врската меѓу ова наше тестирање на брзината и потрошувачката, со супермаркетот, не е толку нелогична. Просечната потрошувачка на бавната тура Велес – Скопје изнесува точно 5,0 литри. Претходниот ден, на брзата тура, имавме вредност 7,7 литри. Тоа значи дека разликата изнесува 2,7 литри, речиси три литри. Во проценти, забавеното возење ни донело намалување на потрошувачката од 54 проценти. Кога во супермаркет ќе ни понудат попуст од 54 проценти на производ што го користиме секој ден, кој уште би го одбил тоа? Но, точно тоа ни се нуди, кога малку повеќе ќе се внимава на потрошувачката и брзината ќе се намали незначително.
⇒ Просечната потрошувачка на бавната тура Велес – Скопје изнесува 5,0 литри (-2,7 литри).
Просекот за целата рута во должина од преку 230 километри при бавното возење ни изнесува 5,1 литри. Внимавањето на потрошувачката на гориво ни го оддолжила патувањето за околу 20 минути. Придобивката е голема, огромна. Заштедата изнесува 50,7 проценти, толкава е разликата со просечните 7,69 литри што ги постигнавме во претходниот ден, на брзата тура.
Како пример, ако возачка или возач минува 10.000 километри годишно, при брзо возење ќе се потрошат вкупно 769 литри гориво. Доколку цела година се внимава возењето да биде поштедливо, сметката за гориво ќе се намали за 259 литри. Тоа е фрапантна разлика, посебно кога ќе се земе предвид дека Opel Mokka 1.2 DI Turbo и при побрзо возење постигнува вредности што пак се изненадувачки ниски. Според сегашните цени на горивата (76,50 денари за литар бензин со 95 октани, 22-ри октомври ‘21), зборуваме за заштеда од 19.813,50 денари.

Тоа е исто како некој да ни понуди бесплатно сервисирање и регистрација на возилото или бесплатни зимски гуми. А, сé што треба да се направи за тоа да се добие е времето на пристигање на одредиштето да се одложи за десетина минути.
Наскоро следи и тестот во којшто ќе објавиме повеќе за самиот автомобил што не придружуваше во ова фантастично возачко искуство, Opel Mokka 1.2 DI Turbo со 8-степен автоматски менувач и топ-ниво на опрема. И зелена боја што во секој момент ја гледате пред себе.
· Сите информации за Opel Mokka се достапни на официјалната вебстраница на
ЕУРОИМПЕКС · https://www.opel.mk/avtomobili/mokka-models/mokka/pregled.html
АУТОМАКЕДОНИЈА · https://opel.automakedonija.com.mk/
АУТО ЦЕМ · https://opel.autocem.com.mk/
Дополнителни снимки од тестот на потрошувачка и од Opel Mokka можете да најдете во изборот од приказни на нашиот профил на инстаграм https://www.instagram.com/automedia.mk/
