Грчката компанија Enermech, од грчкиот остров Крит, за летово најавува почеток на тестирање на автомобил со погон на енергијата што тој самиот ја произведува. Станува збор за автомобил со соларни панели на покривот.
Техничарите на Enermech во 2019 година почнаа да работат на новиот проект на четирицикл со соларен погон. Поддршката доаѓа од локалните власти и се планира автомобилот да биде подготвен за пазарот веќе в година. Во развојот на возилото учествува и Техничкиот Универзитет Крит.
Лесниот четирицикл како резервно погонско решение располага и со педали, со чиешто вртење исто така се произведува енергија. Секако дека возилото е замислено да им се понуди за користење на туристите на големиот остров.
Во четирициклот што е означен Sunnyclist L7e-C е вградена батерија од 5 kWh. Според грчките ентузијасти за чист и „бесплатен“ погон, возилото ќе се користи на тој начин што батеријата преку ноќ ќе се полни три до четири часови на обичен електричен приклучок, за таа во текот на денот да се дополнува преку соларните панели на покривот. Со енергијата во батеријата може да се патува до 60 километри, доколку возачот е сам во возилото. Моќноста на соларните панели е доволна за преку ден да се акумулира енергија за уште 60 километри пат.
Тој е претходникот на Sunnylist L7e-C, што мина една година во тестирање по островот Крит
Како што укажува и ознаката, се работи за лесен четирицикл од класата L7e-CP, наменет за превоз на патници. Кога во возилото има патници и на задната клупа, тие може сами да „одработат“. Под задната клупа се наоѓаат педали. Крајната брзина изнесува 80 km/h.
Посебно наменета мобилна апликација служи за надгледување на енергетскиот биланс, а нејзината посебност е во тоа што ги зема предвид и временските услови. Кога е сончево, корисниците можат да се радуваат за тоа што ќе добијат екстра досег.
Кога возилото е паркирано се извлекуват дополнителни панели за да се покрие поголема површина под фотоволтаички ќелии
Компанијата Enermech со седиште во Хераклион веќе има богато искуство во развојот на вакви возила. Во 2011 година тие работеа на проект на трицикл, од кого што произлезе електричниот велосипед Islander. Неговиот досег изнесува 115 километри. Трициклот исто така поседува соларен покрив и неговото производство стартува наскоро.
Грчките инженери работеа паралелно на уште два прототипи. Во 2014 година, стартуваше проектот со Sunnyclist, којшто цела година сообраќаше по Крит. За пет денови, возилото совлада 800 километри, што беше доказ за делотворноста на техниката. Потоа стартуваше соработка со Универзитетот Крит во 2019 година, од којашто произлезе сегашниот Sunnyclist L7e-C.
Откако ќе стартува производството, Sunnyclist ќе им се понуди за изнајмување на туристите. Четирициклот дополнително ќе се користи и од разни превозници, што ќе организираат тури до најпосетуваните одредишта на островот.
Секако дека главниот фактор во целиот овој потфат е сонцето. На Крит тоа не недостига. Цената на возилото се очекува да се движи меѓу 8.000 и 13.000 евра, зависно од опременоста.