Трките во раните денови на мотоспортот беа вистински маратони. На трката во Франција во 1906 година се возеа над 1.200 километри, во два дена. Renault победи на трката којашто се смета за претходница на денешната формула 1.
Победата на трката за Големата награда на Франција, одржана на 27-ми јуни 1906 година, го означува почетокот на серијата успеси на Renault во највисоката лига во мотоспортот. Триумфот го постигна Ференц Зис, зад воланот на тркачкиот двосед Renault AK со мотор со работна зафатнина од 13 литри, 90 КС и крајна брзина од 154 km/h. Трката се одржуваше на кружна релација во должина од 103 километри во близина на Леман.
Големата награда на Франција се смета како претходница на денешната формула 1. Со работната зафатина од 13 литри, моторот на Renault имаше просечна големина во споредба со конкурентите, чијашто зафатнина достигнуваше и до 18 литри. Француските болиди се издвојуваа со иновативноста, на пример, со хидрауличните амортизери, исто како и со преносот до задната оска преку тристепен менувач и карданско вратило. Повеќето возила тогаш користеа пренос со синџир. Најголемата предност на француската екипа сепак беше во отстранливите задни тркала. Место мачно да ги гребат остатоците од гумата, Зис и неговиот совозач едноставно ги заменуваа целите дрвени тркала за помалку од четири минути.
Тогашните трки беа вистински маратони. На француската трка се извозеа 1.248 километри за два дена. Денешните трки во формула 1 траат најдолго два часа и се минуваат до 305 километри. Зис ја мина целната линија по 12 часови и 14,07 минути, со предност од 32 минути пред второпласираниот на трката.
















