Тројца научници кои во последните педесетина години работеле посебно на развојот на литиум-јон батериите се одликувани со Нобелова награда за хемија. Еден од нив е на возраст од близу 100 години.
Нобеловата награда за хемија годинава им припадна на Американецот Џон Гудинав, на Британецот Стенли Витингем и на Јапонецот Акира Јошино, за развојот на литиум-јон батерии. Тоа го соопшти Кралската шведска академија за науки во Стокхолм. Лесните и моќни батерии со можност за повторно полнење денес имаат најширока примена, од мобилни телефони и лаптопи, до електрични возила.
„Батериите можат да акумулираат голема количина соларна и ветерна енергија, овозможувајќи свет што е независен од фосилни горива,“ така Кралската академија го опишува значењето на пронајдокот. Гудинав е роден во 1922 година во германската Јена, како син на американски родители. На свои 97 години, тој е најстар носител на Нобелова награда досега. Од Академијата прво имале проблем да стапат во контакт со стогодишникот, кој воопшто и не знаел дека ја освоил наградата.
Витингем ја развива технологијата на литиум-јон батеријата уште во 1970-те години
Сите тројца нобеловци имаат сопствен придонес во технологијата. Витингем во 1970-те години ја развил првата функционална литиум-јон батерија, која своевремено била мошне подложна на експлозија. Гудинав во следната декада развил батерии со многу поголем капацитет, благодарение на примената на литиум кобалт диоксид. Јошино во 1985 година го развива пронајдокот за комерцијална примена. Првата литиум-јон батерија почнува да се продава во 1991 година.
Износот на паричниот фонд за лауреатите од подрачјето на хемијата годинава изнесува околу 830.000 евра (девет милиони шведски круни). Свеченото врачување на наградите традиционално ќе се оджи на 10-ти декември, на денот на смртта на основачот на фондацијата Алфред Нобел.
















