за

Mercedes пред 25 години го воведе системот ESP

Mercedes пред 25 години го воведе системот ESP
Mercedes пред 25 години го воведе системот ESP

Пред четвртина век, во 1995 година, купето од Mercedes S-Class од генерацијата W 140, стана прв автомобил што стандардно поседуваше систем за контрола на стабилноста, ESP. Денес системот е стандард во целата бранша.

Голема сензација на автомобилската сцена. Системот ESP, кусо од Elektronisches Stabilitäts-Programm, електронска програма за стабилност, ветува стабилизирање на возилото и спречување на излетувањето од патот, извртување и каква било друга опасна ситуација во граничното подрачје. ESP го постигнува тоа со контролирано потсопирање на едно или повеќе тркала, а по потреба и со намалување на вртежниот момент на моторот. Точно пред 25 години, во мај 1995 година, Mercedes првпат го вгради системот во сериски автомобил, во купето од S-Class од генерацијата W 140.

На тоа претходеше друг настан. Некои тоа го гледаа како скандал, некои уште се убедени дека тоа беше најгенијалната маркетиншка кампања во историјата. Тогаш се случи превртувањето на A-Class. Првиот компакт на Mercedes, на тестирање во Шведска, при нагло избегнување пречка како симулација на излетување на лос на патот, што е често во скандинавските држави, автомобилски новинар го преврте A-Class, од генерацијата W 168.

Следеа многу шпекулации, целиот свет беше вчудоневиден, како Mercedes може да си дозволи таков пропуст. Но, денес е полесно да се разбере целиот овој „скандал“. Со испуштен притисок во тркалото што е од надворешната страна при нагло свртување на воланот, бројни модели на автомобили без ЕЅР исто така ќе завршеа „на бок“, во истите услови на тестот како A-Class кај шведскиот Ви Билагаре.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Дали тоа е најгенијалниот маркетиншки трик во историјата: Прво ќе дозволиш некој „независен“ да го преврти новиот и револуционерен модел во понудата, за кусо потоа да почнеш стандардно да го вградуваш системот што спречува возилото да се превртува. Токму тоа се случи со A-Class во 1997 година. Патем, патентот за ESP му припаѓа на Bosch, гигант кадешто Daimler е еден од највлијателните акционери.

Mercedes почна да го вградува системот ESP како стандард во A-Class почнувајќи од октомври 1997 година. Претходно, Штутгарт ја прекина испораката на A-Class во времетраење од 12 недели и за тој период изврши вградување на системот ЕЅР во сите претходно испорачани примероци од моделот. Беше пронајден „лекот“ против превртување на возилото, ESP вети сосем ново поглавје во поглед на безбедноста во автомобилите. Проблемот беше решен, Mercedes повторно беше херојот на сцената, а во исто време цел свет дозна дека престижната марка од Штутгарт нуди достапен и практичен автомобил за секојдневието и за широк круг купувачи. A-Class денес е меѓу бестселерите со сребрена ѕвезда.

Од 1999 година, Mercedes прв почна да вградува ЕЅР во сите свои автомобили. Премиум марката даде јасен сигнал за браншата, по што и конкуренцијата почна да го применува системот.

ESP се базира врз ABS и контрола на тракција (ASR), но располага со понапредни сензори. Тие го мерат аголот на завртување на воланот, но и силите на страничното забрзување, како и моментите што дејствуваат околу тежишната оска на возилото. Токму новиот сензор на Bosch што го мери последниов параметар, има клучна улога во дејствувањето на ЕЅР.

Mercedes и Bosch го усовршуваа системот уште од 1980-те години, за тој да биде најавен како техника подготвена за вградување во серија во 1994 година, како Fahrdynamik-Regelung (FDR), односно регулација на возната динамика.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Прв модел што стандардно доби ЕЅР е Mercedes S 600 Coupé ( W 140), во мај 1995 година. Во септември, системот го добија лимузината S 600 и родстерот SL 600, со мотор V12. Потоа, ЕЅР се понуди како опција за S-Class и SL со мотор V8. Од јануари 1996, со контрола на стабилност стандардно се испорачуваше и E 420 (W 210).

По воведувањето на контролата на стабилноста, уделот на автомобили од марката Mercedes во вкупниот број незгоди со тешки последици се намали за 42%. Во ноември 2011 година, ЕУ донесе Одредба со којашто ESP стана задолжителен во сите модели на патнички автомобили и товарни возила што се хомологирани во ЕУ.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Улици во Берлин преку недела стануваат детски игралишта

Улици во Берлин преку недела стануваат детски игралишта

Toyota Aygo 2020

Toyota Aygo во лето доаѓа со храбри комбинации од бои