за

Honda NeuV бара нов возач кога сопственикот ќе го паркира

Визијата што ја имаат производителите на автомобили штотуку станува интересна. Ова концептно возило на Honda би можело да му носи добивка на сопственикот, барајќи корисник во времето кога возилото не му е потребно. Покрај тоа, енергијата од батериите може да се врати назад во електричната мрежа, повторно кога возилото мирува. И повторно, со добивка за сопственикот.

Саемот за електроника во Лас Вегас годинава ги погоди особено јапонските автомобилски марки во нивната „слаба точка“. Покрај емотивниот робот-автомобил на Toyota, во градот на игрите на среќа доживеа премиера и концептот Honda NeuV, како поглед во иднината во којашто автомобилите комуницираат меѓусебно и со инфраструктурата со цел да се избегнат сообраќајниот метеж и незгодите. Покрај тоа, NeuV, кусо од New Electric Urban Vehicle, има подготвено нови видови забава за патниците, а Honda има решение и за тоа како сопственикот да профитира во времето кога не го користи возилото.

Honda NeuV

Концептот се засновува врз фактот што возилата мируваат во 96 проценти од времето. Сопственикот може да профитира од својот NeuV со тоа што ќе им го изнајмува на други корисници во „слободното време“, или поточно, возилото автоматски ќе се изнајмува. Кога сопственикот ќе пријави дека возилото е слободно, регистрираните корисници добиваат известување преку мобилна апликација.

Honda NeuV

Преку дигитален клуч, корисникот добива пристап зад воланот. За секое изнајмување на возилото, сопственикот добива надомест. Профит може да се оствари и кога возилото ќе се приклучи во електричната мрежа, за енергијата во батериите да се „врати“ во мрежата во периодите кога истата е преоптоварена и возилото мирува.

Во целиот концепт е мошне згодно и тоа што Honda NeuV располага со автономна технологија, што значи дека возилото може самостојно да се врати назад до сопственикот, кога регистрираните корисници ќе го остават возилото.

Honda NeuV

Јапонската марка го снабди својот концептен автомобил и со „мотор за емоции“, како еден вид на посредник меѓу вештачката интелигенција во возилото и корисникот. Овој систем е наречен Hana (Honda Automated Network Assistant) и ги детектира емоциите на возачот врз основа на неговите постапки во возењето, со цел понатаму да му предложи музика врз основа на проценетото расположение или да му понуди помош на возачот во неговата секојдневна рутина.

Ракувањето во кокпитот се врши исклучиво преку панел што реагира на допир и ја покрива целата ширина на кабината, а со него можат да ракуваат и возачот и совозачот. NeuV има две седишта, мал багажник одзади и електричен скејтборд. Практичен детал во каросеријата се косите изрези во вратите, коишто придонесуваат за одлична прегледност при паркирање и маневрирање низ градската средина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo со трета рекордна година во низа

Panasonic со спектакуларен концептен автомобил на саемот во Лас Вегас