Шведската премиум марка лани ја имаше третата рекордна година во континуитет, со повеќе од 530.000 продадени автомобили. Најпродаван модел на Volvo и натаму е најстариот во понудата, теренецот XC60. Рекордните продажби сепак се должат на успехот на големиот теренец XC90.
Volvo лани имаше уште една рекордна година, трета во низа, со пораст во продажбата од 6,2% и вкупно испорачани 534.332 автомобили низ светот. Сите поголеми пазари на шведската марка учествуваа во рекордната година, особено Кина и САД, како два најголеми пазари за Volvo. Западна Европа исто така покажа одлично расположение за новите моделски генерации на марката. За новата година, во Volvo се убедени дека повторно ќе следи рекордна бројка на продажбата.
Најголем пораст во продажбата меѓу моделите има серијата 90, односно големиот теренец XC90, со 125% повеќе испорачани возила лани отколку во 2015 година. Теренецот од средната класа XC60 и натаму е феномен на пазарот. Откако моделот беше претставен премиерно во 2008 година, продажбата расте секоја година, за лани да биде поставен уште еден рекорд, со 161.092 продадени возила. Втор најпродаван модел е Volvo V40 со 101.380 примероци, трет е XC90 со 91.522 продадени возила.
Кина е најголем единечен пазар за шведската марка со над 90.000 возила
Кина е најголем пазар на Volvo во ланската година, со 90.930 возила или пораст од 11,5%, а најпродавани модели се локално произведуваните XC0 и S60L. Во Европа, традиционално главни пазари за шведската марка се Германија, Велика Британија, Франција и Италија. Вкупната продажба во регионот лани достигна 206.144 возила.
Volvo успешно се репозиционираше, односно се врати меѓу премиум марките. Швеѓаните го вратија имиџот со масивни инвестиции во развој на автономна технологија, електрификација на погонската спрега, безбедност, како и нови услуги во соработка со глобално водечки партнери.
https://automedia.mk/objavi/24360
Во САД продолжува изградбата на фабрика вредна половина милијарда долари, кадешто ќе се произведуваат новите модели базирани врз платформата SPA. Паралелно, Volvo го реогранизираше производството во Кина, од кадешто во блиска иднина ќе се опслужува глобалниот пазар со лимузината S90 и со новите серии 40 и 60.
Годинава пристига нова генерација на XC60, на иста платформа со серијата 90, заедно со новиот кросовер XC40, чијашто техника понатаму ќе се користи за цела гама од модели во компакт класата. Во 2019 година следува првиот автомобил со електричен погон, со план до 2025 година продукцијата да достигне еден милион електрични возила.
Глобална продажба на Volvo Cars
| 2015 | 2016 | Промена | |
| Кина | 81,588 | 90,930 | 11.5% |
| САД | 70,047 | 82,726 | 18.1% |
| Шведска | 71,200 | 70,268 | -1.3% |
| Западна Европа | 198,049 | 206,144 | 4.1% |
| Останати пазари | 82,243 | 84,264 | 2.5% |
| Вкупно | 503,127 | 534,332 | 6.2% |
















