за

Полн хибрид, благ, приклучен: Кој е кој меѓу хибридите?

Тоа не може да мине ниту како наградно прашање: Кој е првиот автомобил со хибриден погон? Секој на планетава знае дека тоа е Toyota Prius. Денес постојат повеќе видови на хибриден погон.

LC 500h е првиот хибрид на Lexus што може (или смее) да направи „шкрипка“

Првиот автомобил со хибриден погон во светот се појави во продажните салони на Toyota во Јапонија на 10-ти декември 1997 година. Toyota Prius моментно е во 4-та генерација, денес покрај него паралелно опстојуваат уште неколку видови хибриден погон.

Еден град, светска метропола и центар на културата, беше главното жариште од коешто почна да се шири манија по автомобилот со хибиден погон. Тоа беше калифорнискиот град Лос Анџелес. Во таа средина на богатите и убавите, кон крајот на 1990-те години стана поважно да се биде виден во Toyota Prius, отколку во Porsche. Јапонските автомобили со хибриден погон оттогаш постигнуваат платенарен успех и во продажбата уште ги надминуваат електричните автомобили. Toyota го научи светот да го цени електромоторот во погонската спрега уште долги години пред чисто електричните возила да станат секојдневие.

Секако дека на Toyota најмалку ѝ беше лесно да се пробие на пазарот со својот хибриден погон. Денес погонот со две срца е трет најзастапен вид во автомобилскиот свет, по бензинците и дизелите. По четвртина век од првиот Prius, техниката продолжи да се развива во неколку правци. Следи кусо објаснување на начинот на работа на хибридниот погон и кус опис на разликите што постојат меѓу различните видови хибриди.

Сé се води како хибрид, од благ (mild) до приклучен (plug-in) хибрид

Најмлад е таканаречениот благ хибрид, благ во смисла на умереност, секако не значи дека е благ по вкус. Неговата масовност почна непосредно пред стапувањето во сила на лимитот за емисијата на СО2 од страна на ЕУ. Благиот хибриден погон се среќава во најширок дијаопазон, почнувајќи од градските возила, до брзите и престижни модели на AMG.

Главната функција ја има стартер-генераторот. Тој е стартер (анласер) и алтернатор во едно, поврзан со коленастото вратило на моторот преку ремен. Suzuki меѓу првите марки почна да го вградува овој вид хибриден погон, за денес целата понуда од модели на јапонската марка да се состои од благи хибриди. Стартер-алтернаторот го стартува моторот меко, додека генераторот при сопирање и пуштање на возилото под залет, практично го искористува самиот залет и кинетичката енергија ја претвора во електрична енергија. Таа понатаму се акумулира во малечка батерија, што се наоѓа во кабината, без притоа да одзема простор. Малата „заработена“ енергија во батеријата е доволна, за стартер-генераторот да ја искористи и дејствувајќи како електромотор да му помогне на моторот при поаѓање и забрзување. Така се постигнува заштедата во гориво.

Suzuki на италијанскиот пазар веќе под лимитот од 95g CO2

Стартер-генераторот најчесто работи во 48-волтна архитектура, што значи со напон четирипати повисок од обичната 12-волтна мрежа. Неговата моќност се движи меѓу десетина и дваесетина коњски сили, но затоа е убедлив вртежниот момент со којшто го потпомага погонот, обично во дијапазон меѓу стотина и над двесте њутнметри. Стартер-генераторот во ниту еден момент не го движи возилото сам.

>>> Како Suzuki Vitara ја укина индустријализацијата на секојдневието

Модели со благ хибриден погон досега биле повеќепати на тест во Аутомедиа, првенствено Suzuki. Во реални услови на возење, компактниот СУВ-модел Vitara покажа просек од 6,5 литри бензин, Swift без проблем скусува уште литар и половина. Seat Leon 1.5 e-TSI исто се движеше во рамките меѓу 6,5 и седум литри. Постојат уште неколку производители што „сосила“ го понудија благиот хибриден погон заради законите на ЕУ, меѓутоа тие минуваат незабележано на македонската автомобилска сцена. Suzuki во Македонија лани продаде близу 200 возила со благ хибриден погон.

Батеријата и електромоторот се неколкупати посилни кај полниот хибриден погон, во споредба со благиот хибрид

Полниот хибриден погон, каков што го познаваме уште од времето на првиот Prius, се разликува од благиот хибриден погон првенстено во две точки: Електромоторот e далеку посилен и батеријата е неколкукратно поголема. Во случајот на Toyota Yaris 1.5 Hybrid, електромоторот располага со 59 kW (80 КС), бензинецот постигнува 68 kW (92 КС), додека за капацитетот на литиум-јон батеријата во новата генерација на Yaris нема објавено податок – претходникот со Ni-Mh техника располагаше со 0,9 kWh. Бидејќи и батеријата е поголема и електромоторот е посилен, возилата со полн хибриден погон можат да се движат и само на струја.

Новиот Toyota Yaris исто беше на тест во Аутомедиа и добивме потрошувачка од околу четири литри. Покрај динамиката на којашто наведува новиот модел, тоа е дури и прескромно. Во град, според инженерите на Toyota, новиот Yaris може со познавач на погонот да извози на струја до 80% од рутата. При обична проверка, колкаво растојание е способен да извози Yaris Hybrid само со енергијата во батеријата, излезе дека два километри воопшто не се проблем – со брзина од близу 100 km/h. Податокот колку долго Yaris може да вози на струја сепак е небитен кај полниот хибрид.

Батеријата се полни под дејство на енергијата на движење, при сопирање. Место таа енергија да се претвора бескорисно во топлинска енергија во сопирачките дискови, електромоторот при сопирањето дејствува како генератор и ја полни батеријата. На тој начин се повратува дел од енергијата и истата се користи за понатамошното возење.

>>>> (објава во 2020 година) Користените автомобили поскапуваат меѓу 250 и 1.500 евра со новиот данок

Македонија долго време ја потпомагаше продажбата на хибридни автомобили, за коишто не се плаќаше акциза. Во земјава имавме „субвенции“ за чисти автомобили, долго пред истите да почнат да се користат за поттикнување на продажбата на електрични автомобили во Европа и ширум светот. Но, потоа некои невешти и дилетантски политики решија и хибридите да ги оптоварат со давачки во почетокот на минатата година. Секако, тој пропуст уште не е коригиран и место Corolla Hybrid & Co. (и натаму) да бидат ослободени од давачка во висина од околу 1.500 евра, властите уште продолжуваат да го наплаќаат овој „нов“ данок за хибридите.

Се водат како приклучни хибриди, затоа што поседуваат приклучок за надворешно полнење на батеријата

Приклучните хибриди (plug-in hybrid) станаа популарни првенствено поради субвенциите што тие ги добиваат во бројни држави низ светот. Кај нив, електромоторот е уште посилен, батеријата уште поголема, но тие имаат и приклучок за електричен полнач, за полнење на батеријата. Како што напредува батериската техника и се намалуваат трошоците за производство, така се случуваа промени и кај приклучните хибриди. До пред само неколку години, тие може да извозат најмногу 40-50 километри само со енергијата во батеријата, односно чисто со електричен погон. По искористувањето на батеријата, се вклучува моторот со внатрешно согорување, за понатаму приклучниот хибрид да работи слично како полниот хибхрид на Toyota, односно со комбинација на електромоторот и моторот со таа разлика што батеријата тука е поголема, па таа соодветно може да акумулира повеќе енергија, на пример при подолго спуштање од планина.

Новите и освежените модели со оваа техника, можат да поминат и до 100 километри со полна батерија, без вооошто да се вклучи моторот. Многу е згодно тоа што електромоторот може да биде вграден на задната оска, па автомобилот да вози со погон на сите тркала. Таков пример е Mini Countryman Cooper S E All4 кој уште пред две години беше на тест во Аутомедиа.

Политиката им излегува во пресрет на производителите и на посебен начин им ја пресметува просечната потрошувачка на гориво на приклучните хибриди. Спектакуларните вредности дека некој голем СУВ троши два литри бензин на сто километри – па и помалку – се добиваат на тој начин, што прво се зема растојанието што возилото може да го мине само со погон на електромотор (на пр. 50 или 60 km), па како потрошувачка се зема само количината на гориво што возилото со комбинирана работа на моторот и електромотор ќе ја потроши на преостанатиот пат до 100 km (на пр. 40 или 50 km).

Volkswagen Passat GTE test
Volkswagen Passat GTE test

Сето тоа им одговара на производителите, затоа што со приклучните хибриди добиваат мошне уредни вредности на емисијата на СО2, за да не мора да плаќаат пенали пред Комисијата на ЕУ. Mercedes S-Class годинава ќе се појави во изведба со приклучен хибриден погон, што би требало да минува над 100 километри со полна батерија. Дури и суперспортските модели во меѓувреме пристигаат со овој вид на погон.

Постои и варијанта на приклучен хибриден погон, кога моторот со внатрешно согорување се користи само како генератор што произведува електрична енергија и истата се акумулира во батеријата. BMW нудеше таква опција за вградување на „продолжувач на досегот“ (Range Extender) во i3, но таа веќе неколку години е повлечена од понудата и BMW i3 стои на располагање само како електричен модел.

Секој вид хибриден погон не е со исти шанси за иднината

Околу прашањето за иднината, кој вид хибриден погон ќе остане подолго, а кој е пред згаснување, најмали шанси да се задржи на пазарот има токму – приклучниот хибриден погон. Објаснувањето е мошне едноставно. Како што понатаму со текот на годините ќе поевтинува батериската техника и ќе се постигнат повисоки перформанси на истата, така ќе се изедначат цените на автомобилите со чисто електричен погон и автомобилите со приклучен хибриден погон.

Дури може да се предвиди момент кога вториве ќе почнат да стануваат поскапи, затоа што во нив ќе мора да работи сé поскапа и поделотворна техника за пречистување на издувните гасови од моторот. Покрај тоа, државите кога тогаш ќе ги укинат субвенциите, прво за приклучните хибриди, а потоа и за електричните автомобили.

Промените го зафатија дури и пионерот на целата оваа електрификација, Toyota Prius. Јапонската марка дури и престана да го нуди својот револуционерен модел на некои пазари во Европа. Причината за тоа е во самата понуда на Toyota. Денес, истата техника што некогаш се вградуваше во Prius, ја поседуваат Corolla, C-HR, RAV4, Yaris, Camry, а наскоро и Yaris Cross и Highlander. Хибридниот погон прерасна во стандард. За кусо време ќе биде сосем вообичаено и секој автомобил што се нуди во продажба, да поседува стартер-генератор, односно да биде изведен како благ хибрид.

>>> Нашите објави обележани со „хибриден погон“

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen i.d. buzz

Volkswagen одобри производство на комбе што ќе вози само

Макпетрол го почнува новиот круг на наградната игра Верна