за

Што да си посакаме во автомобилизмот во Новата 2023 Година

Автомобилите ни се последната и во исто време прва тема на којашто се разговара. Во време кога браншата се менува од корен, во Македонија во автомобилизмот ништо не се случува – на подобро.

Зошто на автомобилите и општо на мобилноста во Македонија им се посветува најмалку внимание од страна на државата, јасно е веднаш штом се слушнат најавите на тв-дневникот. Едноставно не останува простор, за државата да ги признае и да почне да ги надминува и тие проблеми, со коишто граѓаните се соочуваат при купувањето возила, при нивното користење, во организираноста на сообраќајот. Кога еден проблем се остава нерешен, тој само станува поголем проблем. Да беше барем само еден проблем.

Стратегијата на Македонија во поглед на автомобилите и мобилноста е во немањето стратегија. Зошто би се менувало нешто, кога се é толку сјајно. Масовно се возат луксузните автомобили што некогаш им припаѓале на германските директори и гешефтсфирери, се пробиваат нови булевари и клучки, а додека народот чека во колони на улица, од радиото доаѓаат одушевени прогласи, колку е прекрасно тоа што Скопје конечно се соочува со проблеми на метропола. Оваа извитоперена слика стана толку нормална, што тоа е ненормално.

Природата на работата на вашиот омилен автомобилски портал Аутомедиа МК, додека ни се ближи десетогодишнина, овозможува постојано да се прават паралели меѓу големиот автомобилски свет што се менува и нашата домашна автомобилска сцена, што од неменување не станува подобра, туку само полоша. Светот на автомобилите се движи постојано. Мирувањето тука значи назадување.

Светот направи големи промени во автомобилизмот и продолжува да ги прави, додека кај нас само спомнувањето на тие промени наведува на иронично смеење? Кои се главните проблеми во Македонија во оваа сфера, што во нивното хронично игнорирање од страна на државата се втопија во секојдневието и таму остануваат прикриени. Така проблемите сепак не се решаваат.

Сообраќаен метеж

Две минути возење, дваесет минути чекање во колона. Дваесет минути дневно стануваат сто минути неделно, а од сето тоа на месечно ниво се собираат четиристотини минути. Близу седум часови месечно. Кога ќе се соберат и викендите, излегува еден работен ден. Тоа значи дека возачките и возачите губат по еден работен ден во активност што не им носи никаква заработка или каква било корист.

Вака автомобилските марки во Македонија ја честитаа Новата 2023 Година

Не се само возачките и возачите што со своите автомобили се враќаат или патуваат на работа, туку проблемот уште повеќе ги погодува професионалците зад воланот. Што значи застојот за компаниите? Ако едно комбе, на пример во два дена во неделата, поради застојот во сообраќајот успеало да достави стока само до триесет продавници, место како вообичаено до четириесет продавници, тоа е загуба за бизнисот. Губи и компанијата што ја произвела стоката, губи и продавницата што не може да ја продаде стоката што ја нема добиено.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Fiat Macedonia (@fiat_mk)

Сите губат од застојот, сообраќајниот метеж силно ја погодува економијата. Ако граѓаните уште не умеат да се организираат и да негодуваат за тоа што во застој поминуваат една „смена“, тогаш компаниите треба да бидат гласни и да се побунат за тоа што градот ни станува сé помалку прооден за моторниот сообраќај. Само привидно се надминува проблемот со ширење на улиците и со нови клучки. Така само се преместува застојот до првата следна крстосница. Сообраќајните инженери се стручни и повикани за тоа, но некој упорно не ги „вика“.

Бучава од сообраќајот

Излегол ли на улица, да мине пеш по градот, некој од градоначалниците? Некој од десетиците илјади стручни советници и државни службеници, на кои во описот на работните задачи им се содржани зборовите животна средина, загадување, загадување од бучава, квалитет на живеење, паметни градови? Само фактот што секои девет од десет возила се дизели, би требало во некоја нормална средина на одговорност да активира аларм за зголемената бучава. Дизелот создава бучава, дизел што е стар дваесет години и има поминато половина милион километри, создава трипати погласна бучава. Звук што е еден децибел погласен е двојно посилен звук. Тоа е логаритамска скала, и менува многу дали нивото од бучавата е 67 или 68 децибели.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kia Macedonia (@kiamacedonia)

И покрај тоа, ништо не се презема за бучавата да се намали, почнувајќи од првиот и наједноставен начин, драстично ограничување на брзината на движење, каде што тоа е потребно. Тоа важи посебно за улиците по коишто е пуштен интензивен сообраќај да се движи на два метри од прозорците на становите во коишто некој живее. Македонија уште не знае дека улиците ѝ станале премногу бучни за нормално живеење.

Загадување од сообраќајот

Доста нé лажете дека Скопје е загадено, не се враќаме во село!“ или „Ќе издржиме уште два три месеци со загадувањево, и после од пролет пак ќе дишеме чист воздух“, во стилот на генијалната Зевзекманија. Тешко е да се поверува дека во државава уште нема создадено свест дека сообраќајот, поточно возниот парк, воопшто создава загадување. Ако бројни градови во Кина имаат висока загаденост поради масовното присуство на индустријата, тоа значи дека и во градовите во Македонија има срамно висока загаденост поради индустријата што не постои?

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Porsche Macedonia (@porschemk)

Целиот свет постапува соодветно да го спречи загадувањето што го предизвикуваат старите дизели без функционален филтер за честички PM, па и без неутрализирање на азотните оксиди со впрскување уреа, културно Адблу, меѓутоа Македонија мора да биде посебен случај, па единствено тука старите автомобили и комбиња со сосечен DPF-филтер не загадуваат.

Поради еколошки (не)активисти што се мотивирани единствено од парите од буџетот, во којшто уплатуваме сите граѓани на оваа природно божествена држава, уште трпиме срамна загаденост, без да се посочи на вистинскиот удел што неквалитетниот возен парк го има во нејзиното предизвикување.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by BMW Macedonia (@bmw.makedonija)

Илјада клима-инвертери во Скопје помогнаа за водухот да не биде загаден во Тетово и Струмица? Во прекрасните македонски села, исто така е загаден воздухот како во градовите, оти со векови се грееле на дрва и уште се грејат? Овие дубиози мора прво да се отфрлат, па дури потоа да се пристапи кон вистинско решавање на проблемите.

Улици на коишто им се дава предност на луѓето, а потоа на автомобилите

Постои една улица во Скопје што двои „неприродно“ во сликата за бучен и смрдлив град, во којшто е станато невозможно и понижувачки за човек да се движи поинаку освен со автомобил. Улицата е Орце Николов и тоа е веројатно најмалку спомнуваниот и величан проект, што градот го движи во трендовите на европските метрополи. Повеќе ќе се зборува за обновените три сантиметри асфалт пред „народна банка“, отколку за реконструираната улица што зафаќа во јадрото на градот.

Возилата тука се движат бавно, тивко, нема простор за крвничко забрзување и за усмрдување на просторот за живеење, по широките тротоари се движат пешаци, велосипеди, се разработуваат нови кафулиња, се отвораат прозорците, луѓе се седнати на отворено, сосем невообичаена слика за „новоселско“ Скопје, надвор од моловите. Вешто осветлени салони и продавници го облагородуваат просторот, прават град.

Наспроти тоа, на стотина метри оддалеченост, паралелно минува улицата Ристо Шишков, некогашна Димитрије Туцовиќ, во подрачјето на Паркот. Ретко постои друга улица во градот, по којашто во последниве неколку години е дозволено сообраќајот толку да го погазува животот. Просторот околу Стадионот е претворен во паркиралиште за илјадници автомобили, во градбата што скопјани ја познаваат како „кинески ѕид“, а новинарите добиваа закани да не објавуваат за неа, денес работат хотели, ресторани, магацини, банки, разни услужни дејности, што исто така привлекуваат илјадници автомобили, комбиња, камиони, па дури и автобуси врват повремено. Целиот тој сообраќај до Паркот се одвива по една улица, по Ристо Шишков. Тоа е чиста спротивност на улица Орце Николов.

Новоселска“ улица, наспроти „староградска“ улица. Ист е примерот со улица „Прашка“ во Тафталиџе, со улица „Владимир Полежиновски“ зад „Универзална“, насекаде постојат такви примери за улици по коишто автомобилите го избркаа животот, ги растераа луѓето.

Евтин автомобил во Македонија: Дваесет години нов џип со тристотини коњи, фул опрема, фар од пазар

Сé изгледаше толку прекрасно, додека не се покажа вистинската слика. Тоа беше премногу едноставно за да излезе на добро. Евтините користени автомобили, од луксузни марки и со големи габарити, што остануваа да лежат на плацевите во Германија, Швајцарија, Холандија, се донесуваа масовно во Македонија, во духот на најголемата автомобилска револуција што ја имаат видено овие простори. Користените автомобили се евтини по Европа, затоа што при нивното регистрирање во сообраќај треба да се платат високи давачи на име на високото загадување што тие го предизвикуваат. Државите спречуваат тие автомобили да се пуштаат во сообраќај, затоа што сакаат на своите граѓани да им обезбедат чист воздух. И, што се случи? Автомобилите што загадуваат во Германија & компанија, во Македонија не загадуваат. Наглото влошување со загаденоста на воздухот ширум Македонија, што се совпаѓа со почетокот на масовното донесување на автомобилите што „не загадуваат“, доаѓало од индустријата и од греењето на домовите.

Покрај загадувањето, овие големи луксузни автомобили предизвикуваат друг проблем. Стари директорски лимузини се купуваат за пет или шест илјади евра, главно со цел да се одглуми аристократска партија по улиците. Божем некому со градска школа му е важно, каков автомобил возеле другите. По две или три години, тие лимузини со ислужена механика стануваат зрели за отпад, затоа што поправката чини повеќе отколку што вреди возилото.

Што ќе се случеше ако државата имаше оформено политика, со којашто ќе се ограничеше, за пет илјади евра да се донесуваат разумни автомобили, што ќе им бидат во служба на млади семејства, амбициозни претприемачи, студенти, и по пет или десет години од нивното донесување во државата? Голема загуба за една држава, способните економисти умеат добро да пресметаат колкава загуба е тоа.

Тоа се само неколку подрачја коишто се препуштени да се развиваат без стратегија и без одговорност. А, кога нештата ќе се остават така, тоа води кон хаос. Многу теми имаме за работа и во претстојната година.

Со желби за возењето и живеењето да ни станат подобри во новата година, Среќна Нова 2023 година!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes E-Class, Fiat 600, Peugeot 3008: Ова се главните моделски новитети во 2023 година

Suzuki S-Cross е избор на италијанската публика за Ауто Еуропа 2023