Перформанси на спортски автомобил може да се добијат и за помалку пари. Релативно помалку. Британскиот специјалист Caterham ги нуди овие перформанси по дисконтна цена, а се добива и ексклузивност на улиците.
Caterham Cars е марка за познавачи и никому не му пречи тоа што Британците лани продале само 345 примероци од своите автомобили. Затоа, пак, тие што умеат да ја ценат ексклузивноста на марката, имаат можност од годинава да посебнат по новиот модел во понудата на Caterham, родстерот 275. Со перформансите и со цената тој е поблиску до основниот модел Seven 165, отколку до хардкор-верзијата Seven 485. Триесет илјади евра, толку чини овој родстер со 1,6-литарски мотор од Ford, од генерацијата Sigma, со варијабилна работа на брегастите вратила и моќност од 137 КС.
Благодарение на тежината од само 540 килограми, Seven 275 е способен оваа моќ да ја искористи за забрзување од место до 100 km/h за само пет секунди и за крајна брзина од 196 km/h. Производителот го следи принципот на минимализам. Сé што не е неопходно е вишок и тежи. Купувачите што сепак очекуваат барем некаква опрема во Seven можат да избираат меѓу два пакета. Во пакетот S следуваат обложен кокпит и кожени седишта, додека пакетот R е ориентиран строго на тркачка патека и поседува блокада на диференцијал, спортско подвозје и ремени на четири точки. Во вториов пакет следуваат и бандажи од 15 инчи што се десетина проценти полесни од стандардните.
















