за

Дуел на годината: AMG GT против 911 Turbo на споредба на auto motor und sport

Фото: auto motor und sport

Германскиот магазин ги стави на проба двата модела во беспоштедна борба за врвот меѓу спортските купеа. Дали Mercedes ќе ја преземе титулата од владетелот во класата?

Љубителите на спортските купеа со нетрпение го очекуваа исходот од соочувањето на Mercedes AMG GT S со иконата меѓу спортските автомобили Porsche 911 Turbo. Ако некој е компетентен верно да ги спореди овие два модела, тогаш нема друг освен германскиот auto motor und sport. Магазинот уште во стартот го искажува одушевувањето од „страстниот бас“ на четирилитарскиот битурбо V8 со 510 КС во AMG GT S, чијшто звук со притискање копче или во зависност од избраната програма се менува од „пријателски до воинствен за соседството“. За просторното чувство, auto motor und sport оценува дека возачот во 911 Turbo е послободен, додека GT S повеќе посредува чувство на единство меѓу возачот и возилото: „Кој сака послободно просторно чувство, нека посегне по некој од дериватите на SL – или по 911 Turbo“.

Единаесетката го претркува AMG речиси две секунди до 280 km/h

Тоа што решава, сепак се перформансите. Porsche со 520 КС, со Launch Control, погон на сите тркала и со опционален пакет Sport Chrono, на мерењето спринтува за 3,2 секунди до 100 km/h место стандардните 3,4 секунди и постигнува темпо 200 за 10,8 секунди. Mercedes AMG се парира со функцијата Race-Start на седумстепениот менувач со двојна спојка и со заден погон. „Без колебање и со фантастичен контакт со подлогата, GT S спринтува за 3,6 секунди до 100 km/h. Со 26,9 секунди до 280 km/h, единаесетката го претркува AMG (28,8 s) за речиси две секунди до 280 km/h.“ Експертите на магазинот коментираат дека AMG GT S е понервозен од 911 Turbo, којшто „стоички го држи правецот при високи брзини“.

Следи проверката на тркачка патека, на Хокенхајмринг. Прв е Porsche: „Фасцинираат неутралноста и едноставната управливост на моќниот автомобил со погон на сите тркала на патеката. Воиграноста на управувањето на задната оска, системот за динамична распределба на вртежниот момент со електронски регулирана блокада на диференцијалот на задната оска, стабилизација на клатењето на каросеријата и варијабилен погон на сите тркала има постигнато толку перфекционистички манири, што Turbo повторно ги остава тест-возачите без зборови.“

Менувачот во AMG GT S посредува поспортско чувство

Експертите на магазинот критикуваат за отсуството на вистински мануелен модус на менувачот со двојна спојка, којшто самостојно префрлува во повисок степен при достигнување на крајните вртежи. Тука доаѓа во предност менувачот со двојна спојка на AMG GT S, со поспортски настап, подобар фидбек при ракувањето и со зголемување на вртежниот момент при префрлувањето на степените во тркачкиот модус на менувачот. При достигнување на крајните 7.200 вртежи во минута, менувачот не префрлува самостојно во повисок степен, наспроти Porsche. Вистинско тркачко чувство посредуваат диодните светилки за префрлување на степените во бела-црвена-жолта боја.

Преку регулаторот во средишната конзола на GT S може да се избира меѓу пет различни програми за возење: Комфор, Спорт, Спорт+, Трка, Индивидуално. Трка е тоа што го избира auto motor und sport: „Реакцијата на моторот и педалот за гас во тркачката програма се уште подобри отколку во останатите програми и менувањето трае најкратко што може. Покрај тоа, менувачот ги подгрева емоциите со меѓугасот при префрлување во понизок степен. Приспособливите амортизери на сериското спортско подвозје AMG Ride Control се префрлуваат во Спорт+ програма. Дополнително го деактивираме и тристепениот ESP.“

Фото: auto motor und sport
Фото: auto motor und sport

Mercedes се појавува на споредбата во специјалната верзија Edition 1, со поголем преден сплитер, прагови, фиксен заден спојлер и карбонски покрив, како и со пакет AMG Dynamic Plus, во когошто се вклучени динамични лежишта во моторот и менувачот, уште поспортско управување и стегнато подвозје, со поголем негативен затур на предната оска. Првото изненадување на auto motor und sport се сопирачките: Mercedes сопира со 13,5 m/s2 додека, Porsche заостанува со 12,4 m/s2. Обете возила на тестот се опремени со опционални керамички сопирачки. На тркачка патека, Porsche поентира со подобра регулација на ABS (на бранови и попречни нерамнини во подлогата).

Mercedes победува и во директноста на управувањето

Следното изненадување на Хокенхајм: „Спортското параметарско управување на GT S, во средишната положба реагира подирекно од електромеханичкото сервоуправување во Porsche. Управувањето во GT-S бара многу помал агол на вртење отколку во 911 Turbo.“ Магазинот заклучува дека во AMG развиле подиректно управување од колегите во Porsche.

Поради предностите од моторот назад и погонот на сите тркала, 911 Turbo забрзува подобро на излез од свијок. Но, иако има заден погон, GT S исто така брилјира со вчудовидувачка тракција. Заслугата за тоа е во „воиграноста на електронски регулираната блокада на диференцијалот и во таканаречениот асистент за динамика во свијоци, којшто со селективно активирање на сопирачката на задното тркало од внатрешната страна во свијок компензира со подуправување – изгледа синтетички, но чувството не е такво.“

Останува прогласувањето на победникот. Заклучокот на auto motor und sport: Со изненадувачката динамика, AMG GT S му се лепи на браникот на 911 Turbo. На кусиот круг во Хонекхајм Mercedes е побавен за само три десетинки, со импресивно време од 1.09,6 минута. Овие три десетинки можат да се преболат покрај пониската цена од 30.000 евра за основната верзија. Според тоа, AMG GT S го победува Porsche 911 Turbo во дуелот на годината со подобрата противвредност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продажбата на Mercedes расте вртоглаво: 150.000 за еден месец

Caterham Seven: 30.000 евра за пет секунди од 0-100 km/h