за

Audi 100: Моделот на којшто Volkswagen му е благодарен најмногу

Создадена речиси во тајност, во време кога Volkswagen мачи мака да најде достоен наследник на „бубата“, големата лимузина на Audi предизвика еден од најрадикалните историски пресвртници во историјата на концернот.

Далечниот предок на денешниот Audi A6 е создаден во најтурбулентните времиња на марката од Инголштат и има возбудлива историја зад себе. Во средината на 1960-те години, Volkswagen го презема Auto Union, кој дотогаш е во сопственост на Daimler-Benz. Шефовите на Volkswagen сметаат дека фабриката на Auto Union во Инголштат ќе им биде добредојдена за проширување на производствените капацитети за „бубата“, којашто дури и во тие години сé уште се продава одлично.

Бубата таму се произведува заедно со преработената верзија на DKW F102, која добива четиритактен мотор и се преименува во Audi F103, како прв модел под марката Audi. Менаџерите очекуваат дека со оваа интервенција ќе се подобри продажбата на моделот. Тогашниот шеф Хајнрих Нордхоф не планира развој на други модели што ќе се произведуваат во Инголштат.

Audi 100 C1 Typ F104

Во меѓувреме, Лудвиг Краус, претходно вработен во Daimler-Benz до 1963 година, не верува во иднината на „бубата“ и без знаење на шефовите на Volkswagen развива нов модел под името Audi 100. Нордхоф за првпат го гледа автомобилот кога тој е веќе готов. Во развојот на Audi 100 за првпат е користено компјутерско конструирање на каросеријата кај еден сериски автомобил.

Гама сочинета од лимузина со четири и со две врати и од елегантно купе

Моделот се појавува во продажба во март 1968 година во класична лимузинска изведба со четири врати, а во октомври следната година пристига и верзија со две врати. Од јули 1970 година, Audi стартуваше и со производството на 100 Coupe S, откако моделот беше претставен во септември претходната година.

Првично се планира производство на серија од 100.000 примероци од новиот модел, но побарувачката на пазарот е толку голема што до јули 1976 година се произведуваат 827.474 примероци. Токму тајниот развој на овој модел е најзаслужен за тоа што Audi продолжи да постои како самостојна марка. Современите и популарни модели на Audi во почетокот на 1970-те години надоместуваа за ослабнатата продажба на марката Volkswagen. Нејзините модели имаа огромен заостаток во техниката, вклучувајќи го и VW 411, кој сé уште го почитуваше принципот на бубата со воздушно ладен мотор вграден назад.

Audi 100 C1 Typ F104

Само благодарение на тоа што Audi постоеше во рамките на концернот можеше за кусо време да се изврши модернизација на моделската понуда на Volkswagen и преоѓање на преден погон и мотори со водено ладење, со воведувањето на K70 во 1970 година, на Audi 80 во 1972 година и Passat во 1973 година.

Моторот во првите генерации потекнуваше од Mercedes

Сите овие модели во почетокот поседуваа четирицилиндарски мотори со зафатнина меѓу 1,7 и 1,9 литар. Моторите се базираа на погонската единица од Audi F103, којашто потекнуваше од Mercedes. Со конвенционална конструкција со брегасто вратило отстрана и клацкалка, овие мотори беа издржливи и штедливи, но работеа грубо. Во 1974 година, Audi ја замени најслабата верзија на моторот од 1,8 литар со моторот EA827 од новиот Audi 80, со зафатнина од 1,6 литар и брегасто вратило во главата. Во меѓувреме, продукцијата на Audi 100 се пресели во поранешната фабрика на NSU во Некарсулм, во 1971 година.

Audi 100 C1 Typ F104

Редовно следеа моделски освежувања. Во летото 1973, предната оска со триаголни водилки доби негативен радиус на управување како кај Audi 80. Промените во задната оска беа извршени со замена на торзискиот лост со конвенционална комбинација од пружини и амортизери. Овие модели се препознаваат по поострите рабови во предниот дел од каросеријата. Сите модели стандардно поседуваа интервална работа на бришачите и безбедносни ремени, односно автоматски безбедносни ремени и потпирачи за глава во GL и Coupe S.

Во средината на 1974 година, Audi 100 доби модифицирани браници со црни капи отстрана. Сопирачките дискови беа преселени на тркалата место покрај менувачот, а поради „пливачките“ сопирачки клешти мораше соодветно да се прошират и крилата.

Понудата од моделски изведби според ценовникот од ноември 1973 година (цени за лимузина со две врати, доплатата за четири врати изнесуваше 375 германски марки):

  • Audi 100 (85 КС) 11.050 DM
  • Audi 100 LS (100 КС) 11.735 DM
  • Audi 100 GL (112 КС) 12.700 DM
  • Audi 100 Coupé S (112 PS) 15.090 DM

Audi 100 C1 Typ F104

Главен проблем на целата серија беше недоволниот квалитет на рециклираната ламарина којашто се користеше од средината на 1970-те години и корозијата којашто произлегуваше како резултат од тоа. Причина за корозијата беше високиот удел на бакар во каросериската ламарина, што поттикнуваше интеркристална корозија.

Сите моделски изведби во гамата на Audi 100

  • Audi 100 (1760 ccm, 80 КС, подоцна 85 КС, карбуратор со пад)
  • Audi 100 S (1760 ccm, 90 КС, регистерски карбуратор со пад)
  • Audi 100 L (од октомври 1974; 1577 ccm, 85 КС, регистарски карбуратор со пад Solex 32/35 DIDTA)
  • Audi 100 LS (1760 ccm, 85 КС со карбуратор со пад Solex 35 PDSIT-5, 100 КС со регистерски карбуратор со пад Solex 32/35 TDID; од јануари 1976: 1577 ccm, 85 КС, регистарски карбуратор со пад Zenith 2 B 2)
  • Audi 100 GL (од август 1971; 1871 ccm, 112 КС, регистарски карбуратор со пад Solex 32/35 TDID, двојни предни светла)
  • Audi 100 Coupé S (1871 ccm, 115 КС со два регистерски карбуратори со пад Solex 32/35 TDID, од есента 1971 со 112 КС и карбуратор Solex 32/35 TDID)

Технички податоци · Audi 100 GL

Мотор водено ладен, 4 цилиндри, вграден надолжно, накосен надесно, коленасто вратило со пет лежишта, брегасто вратило долу со погон преку дуплекс-синџир, клацкалки
Подготовка на работна смеша регистарски карбуратор со пад и автоматски саух
Работна зафатнина 1871 ccm
Пречник и од 84 х 84,4 mm
Моќност 112 КС при 5800/min
Вртежен момент 160 Nm при 3500/min
Погон и пренос преден погон, четиристепен мануелен менувач зад предна оска
Должина / Ширина / Висина 4636 / 1730 / 1422
Празно возило 1090 kg
Крајна брзина 179 km/h
Забрзување 0-100 km/h 10,8 ѕ
Просечна потрошувачка 11,1 l/100 km

[FAG id=24940]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Историска изложба „Од нула до 100“ во музејот на Audi

Швајцарски студенти со „електричен“ рекорд: 0-100 km/h за 1,5 секунда