Студенти од два швајцарски универзитети поставија нов рекорд во забрзување за електрични возила. Нивниот болид спринтува од место до сто km/h за само 1,513 секунда.
Новиот рекорд за најдобро забрзување за автомобил со електричен погон им припаѓа на швајцарските студенти. Нивниот болид забрзува од место до сто километри на час за 1,513 секунда, за што му се потребни помалку од 30 метри. Тоа е солидно подобрување во споредба со досегашниот рекорд од 1,779 секунда, којшто го постави студентски тим од Универзитетот Штутгарт.
За спектакуларните перформанси на електричниот болид се грижи и тежината од само 168 килограми, благодарение на примената на карбон во изработката на школката. Погонот го обезбедуваат 4 електромотори вградени во тркалата и изработени самостојно од студентите. Вкупната моќност изнесува 200 КС, но поимпресивна е вредноста на вртежниот момент, со 1.700 њутнметри.
Швајцарскиот болид е дел од Формула студент, интердисциплинарен натпревар за идни инженери којшто се одржува секоја година. Учесниците мора да развијат тркачки болид во рок од една година, почитувајќи строги правила. Освен во забрзување, возилото мора да се докаже и во возните својства, како и во поглед на потрошувачката на енергија и трошоците.
















