за

Ерата кога светот го зафати лудило по погонот на сите тркала

Пред точно три децении, производителите на автомобили се колнеа во погонот на сите тркала како во технологија на иднината. Не постоеше важна марка без автомобил со погон 4х4 во својата понуда. Некои марки произведоа вистински моструми, но и пазарот беше заинтересиран. Бранот не траеше долго, но од оваа ера на лудило произлегоа голем број автомобили што ќе се помнат уште долго.

Во средината на 1980-те години, светот го зафатија радикални промени. Советскиот претседател Горбачов спроведуваше „Гласност“, модерно беше да се носи тесно припиена растеглива облека, а автомобилската индустрија го направи првиот чекор во насока на автономното возење со лансирањето на проектот „Прометеј“. Во автомобилите се вградуваше технологијата од иднината, барем за таква се сметаа погонот на сите тркала или управувањето на сите тркала.

Производителите веруваа дека погонот само на една оска ќе прерасне во опција

Шефовите за развој кај производителите на автомобили беа убедени дека погонот само на една оска набрзо ќе изумре и истиот во иднина ќе се нуди како опција, по желба на купувачот. Не постоеше важна автомобилска марка што во тоа време остана поштедена од лудилото на погонот на сите тркала, од „погонот на иднината“.

Subaru Leone SW 4WD (1972)

Subaru Leone SW AWD

Во исто време, повеќето јапонски марки се залагаа за пробив на управувањето на сите тркала. Mazda, Honda и Mitsubishi ја понудија оваа скапа техника во сериските модели, но трендот не издржа долго. За разлика од погонот на сите тркала. Пазарот пред точно три децении нудеше повеќе од сто модели од најразлични класи и сегменти, ознаката 4х4 се појавуваше и таму кадешто најмалку се очекуваше.

Настрана од теренските автомобили, надмоќниот погон дотогаш се нудеше само спорадично, на пример во малосерискиот и скап Jensen FF од 1966 година или во Subaru Leone SW 4WD од 1972 година. Можноста автомобил наменет за секој ден да се претвори во машина за пробивање низ кал и снег со едноставно притискање на копчето за вклучување на погонот на сите тркала им се допадна на возачите. Првиот Leone 4WD и неговите следбеници веќе имаа достигнато милионска продажба кога почнуваше манијата по погонот 4х4 во 1987 година.

Subaru го направи првиот чекор, Audi му ја донесе првата слава на погонот 4х4

Јапонското семејно комби умееше да совлада и потешки предизвици, со активирањето на теренската редукција. Subaru беше предводник на погонот на сите тркала во патничките автомобили и светски лидер во продажбата. Освен во комбито со боксер мотор под хаубата, погонот 4х4 се вградуваше и во ексцентричното купе XT, па дури и во малечкиот Justy.

The start: First Audi quattro was presented at the Geneva Motors

Јапонците го направија првиот чекор, но првата вистинска слава за погонот 4х4 пристигна откако Audi го претстави купето quattro во 1980 година, коешто две години подоцна се претвори во рели-монструм од групата Б и долго време не се симнуваше од победничкиот пиедестал. Германската марка во 1987 година го понуди погонот quattro како опција во целата своја понуда од модели. Ознаката quattro стана синоним за погонот 4х4. Можностите на техниката најдобро ги прикажуваше големото комби Audi 200 Avant quattro, коешто со петцилиндарец со турбонатполнење и 182 КС беше способно да јури 224 километри на час.

Доплатата за погон на сите тркала достигаше 20% над основниот модел

Mercedes се стави во одбрана на своето име со моделот 300 TE 4Matic, којшто го поседуваше најсложениот погон на сите тркала во тоа време, со автоматско активирање на блокадите на диференцијалите. Швабите бараа и соодветен надомест за нивното конструкциско ремек дело. За 4Matic требаше да се доплати дваесет проценти над цената на верзијата со заден погон.

Дека може уште поскапо и поекстремно докажа Porsche 959, со битурбо натполнење и 450 КС, како прв автомобил што достигна 315 километри на час. Цената пред триесет години: 420.000 германски марки. На спротивниот крај се најдоа Fiat Panda 4×4 и Lancia Y10 4WD, кои го комбинираа погонот на сите тркала со револуционерниот мотор Fire, во верзија со педесетина коњски сили.

Французите не останаа без одговор и го понудија првиот ван со погон на сите тркала, Renault Espace Quadra, со лесна каросерија од полиестер и простор за седуммина на само 4,25 метри должина на возилото. Практично семејно решение за превоз во сите услови нудеше и Nissan Prairie, со лизгачки врати и без средишни столбови, којшто го вклучуваше погонот 4х4 преку електромагнетска спојка.

Тројка што се помни: Delta HF, Celica Turbo и Mazda 323 Turbo GT-R

Повеќе марки ја искористија приликата да изведат брутални спортски модели што владејат со законите на физиката, повеќето од нив задвижувани од моќни турбомотори. Ѕвезди на сцената беа Lancia Delta HF 4WD, Toyota Celica Turbo 4×4 и Mazda 323 Turbo GT-R 4WD, кои имаа и соодветен визуелен настап.

Toyota Celica Turbo 4WD

Toyota Celica Turbo 4WD

Тогашните „јапија“ не се одвојуваа од својот BMW 325iX како статусен симбол, што беше дополнително поттикнато и со неговото појавување во култни филмови, како „Волстрит“. Продажбите растеа, но не за долго. Погонот на сите тркала беше прескап. Кога Volkswagen реши да се приклучи на трендот со Golf Syncro, одвај неколку илјади купувачи се решија за скапиот „народен автомобил“. Повисоката потрошувачка на гориво и поскапата осигурителна тарифа беа дополнителни пречки за поголема прифатеност на семоќната техника.

Скапото осигурување го запре бранот бесни модели со погон на сите тркала

Осигурителните компании ги подигнаа тарифите за моделите со техниката што всушност имаше задача возењето да го направи побезбедно, затоа што голем број возачи ги преценуваа можностите на своите возила со погон 4х4.

Бранот стивна одеднаш, исто како што пристигна. Но, погонот на сите тркала сепак не исчезна. Напротив, на пазарот по неколку години почнаа во сé поголем број да пристигаат софт-теренци и кросовери. Денес овој сегмент расте најбрзо и на најдобар пат е да го преземе приматот над класичните комбилимузини од компакт класата. Погонот 4х4 почесто е опција отколку стандард.

[FAG id=27156]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi најавува нов кросовер за салонот во Женева

Како забрзува Range Rover со 550 КС на асфалт, снег, песок?