Преку трите концептни возила Mitsubishi го прикажува новиот дизајнерски правец на своите модели, но и во погонот има новитети. Новиот Pajero ќе се нуди и во хибридна изведба.
Иако се чини дека футуристичкото трио од модели на Mitsubishi има првенствена цел да ја најави промената во визуелниот идентитет на возилата на марката, веќе има и конкретни најави за погонот на идните Pajero, ASX и Space Wagon.
Концептот GC-PHEV, како што укажува самото име (PHEV= Plug-In Hybrid Electric Vehicle), користи хибриден погон со можност за надворешно полнење на батериите, по пример на Outlander PHEV, кој веќе е во продажба. Освен со возната динамика, новиот Pajero ќе се издвојува од конкурентите и со штедливоста. За погон на сите тркала се користи познатиот систем S-AWC, кој според производителот гарантира „висока управливост и стабилност во возење во спој со проодност на вистински теренец.
Две класи подолу е позициониран концептот на компактен теренец XR-PHEV, со покрив во стил на купе и со спортска ориентација. Динамичното возење и во тој случај нема да оди на сметка на потрошувачката на гориво, затоа што и во овој случај се користи хибриден погон. Разликата кај наследникот на ASX е во тоа што погонот не е на сите тркала, туку само напред.
Трет е концептот AR, како кросовер што спојува возни својства на спортски теренец со просторност и функционалност на семеен ван. Место хибриден погон, кај идниот Space Wagon работи мотор со смалена работна зафатнина, со турбонатполнење и директно впрскување на горивото.