Историјата на Mini има свои искачувања и падови. Потеклото на култниот Британец е од Оксфорд. Подолго од четири децении тој остава траги низ Европа. Среќата не го следеше секогаш, но успеа
Во англискиот Оксфорд се произведуваат автомобили веќе цел век. Првиот е Bullnose Morris. Тој излезе од фабриката на 28-ми март 1913. Потоа следеа Flatnose и Series I-VI. Дури во 1959 година беше произведен првиот Mini, тогаш под името Morris Mini-Minor.

Техничкиот шеф на British Motor Corporation, Сер Алек Исигонис, воведе голема револуција со малечкиот четирисед. Исигонис осмисли возило долго 3,05 метри со преден погон, со попречно вграден четирицилиндарец и менувач под моторот. Овој конструкциски пристап и тркалата поместени на самите краеви на каросеријата овозможија на минимум простор да се постигне максимум простор за патници. Идејата се користи до денес.
Со цена од 496 англиски фунти, што во тие времиња беше исклучително ниска цена, Mini се продаваше како алва. Под хаубата работеше четирицилиндарец од 848 сантиметри кубни со 34 КС. За надминување со проблемот со малиот багажник од 195 литри, во 1960 година во понуда влезе Mini Van, а веднаш по него и Mini Kombi. Една година подоцна се појавија Mini Pick-up и првиот Mini Cooper.
Конструкторот на спортски возила Џон Купер, пријател на Алек Исигонис, доби налог од BMC да развие специјална серија од 1000 примероци од Mini Cooper, кој со работна зафатнина зголемена на 1000 сантиметри кубни и 55 КС постигнуваше завидни перформанси. Стручниот печат беше одушевен кога првиот Cooper стартуваше во септември 1961 година. Но, купувачите бараа уште повеќе коњски сили. Како одговор, Mini го разви Cooper S, со мотор од 1071 сантиметри кубни и 70 КС.
Mini имаше само еден проблем, и тоа голем. Корозијата и протекувањето од секаков вид се закануваа да го уништат возилото. Покрај тоа, техниката беше многу чувствителна. Но, продажбата одеше одлично, мораше да се бара нова фабрика, покрај старата во Оксфорд. Извозните пазари се бранеа од увоз со високи царински давачки. Од тие причини, во следните 30 години се градеа нови фабрики низ цела Европа, во Ново Место во Словенија, во Милано, во Марса на Малта, во Вендас Новас во Португалија, во Памплона во Шпанија и во Даблин во Ирска.
По повод стогодишнината на фабриката во Оксфорд, неколку љубители на Mini појдоа на патешествие да ги посетат сите фабрики на марката. Петте Mini стартуваа од Минхен за дел по дел да ја освежуваат историјата на малечкиот Британец. Прва станица беше белгискиот Сенеф, каде што во 1965 година почна производството на Mini за Белгија, Франција и Холандија. На почетокот од фабриката излегуваа по 12 возила дневно. По девалвацијата на фунтата во 1967 година се форсираше продукцијата во Белгија и бројката се искачи на 60 возила дневно. Покрај Mini тука се произведуваа и MG 1100, MGB и MGB GT. Локацијата беше особено поволна за Британците поради излезот на море. Од 1970 година во Сенеф се произведуваше и легендарниот Mini 1000 Sporty. Во Белгија се произведоа вкупно 54.000 примероци од Mini, што претставуваше енормна бројка во тие времиња.

Откако во 1978 година се влоши финансиската состојба на матичната куќа, проблемите го зафатија и Сенеф. Продукцијата се намали и Британците забележаа загуба од два милиона фунти во Белгија за само две години. На 28-ми јануари 1981 година се затвори фабриката, 2200 лица останаа без работа. Се шпекулираше дека под фрустрација од изгубеното работно место, персоналот ја бојкотирал продукцијата на последните 778 примероци од Mini. Во знак на протест, вработените случајно заборавале лушпи од банани и портокали зад облогите на вратите.
Следната фабрика е оддалечена 300 километри на североисток, во Холандија. Во Амерсфорт уште во 1959 година почна производството на Mini за Европа. Тоа траеше само седум години. Една од причините за кусата продукција беа високите увозни давачки, поради што Холанѓаните во последната година заработувале само 26 гулдени по возило. Во најдобрата година, во 1964, тука се произведоа само 1031 возило, неспоредливо помалку отколку во Белгија.
Но, и во татковината на Mini не одеше најдобро во тие години. Новиот сопственик Britisch Leyland Motor Corporation пропаѓаше се подлабоко. На крај, во 1974 година, фабриката и припадна на државата. На залагање на британската премиерка Маргарет Тачер, фабриката повторно беше приватизирна во 1980-те години. Нов сопственик беше British Aerospace.
Десетина години подоцна BMW имаше потреба од партнер во сегментот на евтини возила, кој што ќе се повлече во премиум сегментот. Изборот падна на групацијата Rover, во 1994 година. Шест години подоцна, конзорциумот Rover го откупи Rover. Продукцијата продолжи до 2005 година, до конечниот крај на марката. Претходно, во 2000 година, Rover, Land Rover и Mini прејдоа во делумна сопственост на Ford и BMW.
До крајот на производството на Mini во 2000 година, по повеќе од четири децении, техничките измени на возилото беа незначителни. Како најпродаван британски автомобил, Mini дојде до бројка од 5,4 милиони возила на глобално ниво. Повторното заживување на марката, примената на класични дизајнерски елементи и типичниот изглед на кокпитот, со повеќе простор за патници и багаж, соёздадоа основа за новото култно возило. Денес Mini се среќава речиси на секој агол.
Првата генерација на новите Mini, Mini Cooper, Cooper S и Mini Cabrio возеше со мотори купени од Toyota. Втората генерација дебитираше во 2006 година, со бензински мотори од групацијата PSA и дизели од BMW. Денешната палета на Mini од Оксфорд опфаќа шест модели: Класична комбилимузина, Cabrio, Clubman, Clubvan, Roadster и Coupe. Единствено Countryman се произведува во Австрија, во Magna Graz. Затворањата на фабриките оставија темно поглавје во Европа во последниот половина век, но историјата на Mini продолжува да се пишува. Единствено купувачите решаваат уште колку долго ќе се пишува таа историја, а тие уште долго ќе го сакаат малечкиот британски автомобил.