за ,

Citroen C3: Кога ќе пораснам сакам да бидам…

Дојде и тој ден. Денот за промени. Прво им се допаѓашe само на девојчињата, потоа и на момчињата, па посака да личи на татo, на мамa и роднините, плус очекуваше околината да го гледа малку посериозно…

Да нема забуни, не се работи за промена на пол, пластична операција, проблеми со идентитетот, ниту станува збор за дисфункционално семејство, туку за освежување на еден од најуспешните модели на Citroen, моделот C3. По појавата на најголемите конкуренти, Peugeot 208 и уште посвежиот Renault Clio, Citroen реагира навремено, но не и панично. Во најновотo издание, моделот сака да покаже дека не е само симпатично автомобилче, туку е дораснат за борба со најдобрите во сегментот.

Тоа не се постигнува со бесмислено додавање сантиметри, кои некогаш ја одземаат практичноста на возилата од сегментот, туку со промена во карактерот на возилото, со неколку освежувања во појавата. Новата шестоаголна предна маска е поделена на половина со обоен држач за регистарска табличка со агресивно издадена долна муцка. Меѓу предните светла сега е поставена фамилијарниот амблем, познатиот двоен Шеврон развлечен меѓу предните светла. Дневните тренди светла со диоди за подобра видливост и впечатливост се се почесто присутни во оваа класа, па така и кај освежениот C3 се неизбежни од второто ниво на опремување.

Целината на предниот дел е заокружена со затемнетото внатрешно куќиште на светлата по урнек на поскапиот и стилски успешниот DS3, со што се добиваат навидум двојни предни светла со спортски печат. Работено е и на задниот крај, со затемнети задни светла со изменета графиката, со што е постигнат 3D ефект. Горниот дел од задните светла е симпатично дополнети со бели веѓи кои и даваат фраерски шмек на целината. На долниот дел од задниот штитник се гледаат и нови рефлектирачки елементи кои како и кај предните дневни светла ќе го украсат, а истовремено и ќе го направат повоочлив задниот крај. Внатрешноста не нуди ништо ново освен нашминката графика на брзинометарот и новата комбинација на бои на штофот од седиштата.

Некои од новините доаѓаат на сметка на необоените куќишта на надворешните ретровизори, што и не мора да биде лошо. На пренатрупаните улици каде што разминувањето со возилата може да остави лузни на обоените ретровизори, оваа измена е добродојдена.

За освежувањата да не бидат само козметички се погрижија и двата потполно нови бензиски мотори. Обата се трицилиндарски, како замена за издржливите, но и застарени четирицилиндарци 1.1i со 60 КС и 1.4i со 73 КС. Новите агрегати Puretech користат 4-вентилска технологија, за брз одзив на педалата за гас, како и за ниска, скоро дизелска потрошувачка. Помалиот 1.0 VTi68 и помоќниот 1.2 VTi82 се вистинското освежување кај C3. За тивка работа со намалени вибрации, вообичаени за трицилиндарците, се грижи балансирачкото вратило кај VTi82, додека за ниската потрошувачка тука е технологијата Double VVT, односно променлива фаза на влезните и излезните вентили. Технологијата продолжува преку DLC (Diamond Like Carbon) облога со низок коефициент на триење за кошулките на цилиндрите.

Огромна е еколошката придобивка. Не дека нешто ќе се почувствува кај нас, покрај огромниот број на стари увезени возила, од кои повеќето имаат бајпасиран катализатор, но вредно за пофалба е емисијата на издувни гасови која кај VTi68 изнесува 99 g/km CO2, додека кај помоќниот VTi82, бројката изнесува исто така импресивни 107-104 g/km CO2. Од тука е и името Puretech.

Дизелските, како и останатите бензиски мотори, се непроменети, што покрај нивната ефикасност е наполно разбирливо. Со овие промени C3 се надева да им го заврти вниманието на потенцијалните клиенти и да им покаже дека е се уште во топ форма. На потег е увозникот кој треба да се погрижи сите овие промени да им бидат посочени на евентуалните идни купувачи и да го врати C3 на водечките патеки во својот сегмент.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Carens: Добар изглед во сериската опрема

Малечок автомобил со голема историја