Дваесетчлена експецидија од љубители на теренското возење од балканските држави пристигна во Македонија како крајно одредиште, каде што во следните денови ќе ги освојува планинските врвови.
Утрово пред салонот на Nissan во Скопје пристигна половина дузина теренски возила од марката, со траги од работната мисија по нивната каросерија и натоварени со опрема за авантури. Станува збор за караванот Nissan Macedonia 2014, којшто под мотото „The way you move“ стартуваше од Мостар на 5-ти септември, со крајна дестинација во Македонија. Караванот под покровителство на Nissan се одржува веќе осум години, а во последново издание го има во составот и најпознатиот хрватски алпинист Стипе Божиќ. Во деветте денови колку што трае овој потфат, групата од авантуристи од Хрватска, Херцеговина, Црна Гора и Македонија ќе ги освојува највисоките врвови на балканските планини и ќе ужива во природата на националните паркови.
По поаѓањето од Мостар, караванот продолжи за Недајне, мало населено место на западната страна на Дурмитор, по што преку Жабљак се упати за Беране, на североистокот на Црна Гора, за да направи куса пауза покрај Плавското Езеро. Потоа следеше совладување на високите врвови на Проклетие, возење по долините на Ропајане и Гребаје. Во неделата експедицијата влезе во Албанија и преку Гусиње продолжи до Македонија, по непрегледните кањони на Тамара и албанските планини. Во следните неколку денови Nissan Macedonia 2014 ги има за поставено како одредишта Лазарополе, Бистра, Маврово, Марков Манастир, Караџица, Китка, Солунска Глава, Битола и Пелистер. На 14-ти септември караванот пристига во Охрид, преку Галичица, а потоа следува враќање за Мостар.
Секако дека оваа предизвикувачка тура во екстремни услови на планинско возење, покрај возбудата и доживувањето што им го носи на учесниците во Nissan Macedonia 2014, претставува и доказ за робусноста и издржливоста на теренските модели на Nissan.
















