В година пристигнува освежениот универзалец со мотор V4, произлезен од исто така освежениот VFR 800 F. Новиот Crossrunner е посилен и има подолги одови на амортизерите.
Првата генерација на Crossrunner се појави на пазарот во 2011 година, како спој меѓу моторот V4 од 800 сантиметри кубни и исправена положба на возење. Новото годиште на моделот VFR 800 X Crossrunner го надградува концептот на моделот со поспортски перформанси и поагресивна положба зад воланот, како и со поостри црти во дизајнот. Срцето на машината останува исто, со моторот V4 90о DOHC VTEC, којшто сега ослободува повеќе њутнметри при ниски и средни вртежи, со цел да понуди порелаксирано возење, во комбинација со зголемена крајна моќност од 106 КС при 10.250 вртежи.

Алуминиумската рамка доби полесна помошна рамка и нова алуминиумска задна вилушка, како уште еден детал препознатлив за VFR. Предните амортизери добија за 25 милиметри подолги одови, додека назад амортизерите имаат работна слобода поголема за 28 милиметри. АВЅ е стандард, со два диска од 310 mm напред и четириклипни сопирачки клешти. Гумите напред се со димензија 120, назад 180 милиметри.
Возењето го облагородува системот за контрола на вртежниот момент што го поседува и Crosstourer. HSTC (Honda Selectable Torque Control) нуди два степена на контрола, вклучувајќи и исклучување на системот, којшто реагира кога задното тркало ќе изгуби тракција и соодветно го намалува вртежниот момент за да овозможи гумата да го поврати контактот со асфалтот. Седиштето сега се дотерува во две висини, рачките на воланот имаат 5 степени на греење и трепкачите се гаснат автоматски – сето тоа следува како стандард. Диодните светла му даваат дополнителен визуелен печат на Crossrunner.
















