за

Како се топеше челикот

Единственото решение за поправање на ситуацијата со загадениот воздух од сообраќајот е испраќање на кршот на топење и воведување државни субвенции за нови, помали и поевтини автомобили.

Види какви им се автомобилите, ќе знаеш каква им е државата. Челичните кутии на четири тркала се сосема веродостоен показател на добросостојбата и на перспективноста, тие се како бруто домашниот производ да е пуштен да крстосува по улиците. Секогаш е побезболно да се гледа во туѓиот двор, но суровоста на реалноста се чувствува дури откако ќе се погледне во сопствениот.

Колку е сурова нашата реалност? Продажбата на нови автомобили е замрена со години и продолжува да замира, од 10.574 увезени патнички возила во 2009 година, во првата година по рекордните 18.000 возила, последно спаднавме на одвај нешто повеќе од 4.000 возила. Купувачкиот дух замира и кај користените возила од увоз. По еуфоријата од ослободувањето на сите стеги, во 2010 година имавме увоз на 51.399 патнички автомобили, а во последната година 28.546 автомобили.

Народецот ги потроши своите мачно спечалени пари на евтини користени возила од увоз, кои за само неколку години станаа безвредни. За овие автомобили со светната каросерија, но измачена душа да се понудат во продажба, потребно е во нив да се вложи исто колку што потоа ќе се добие од продажбата. Апсолутна нула. За нов автомобил е преслаба финансиската кондиција, единствено преостанува стариот автомобил да се прикрпува минимално и да се користи додека вози. Тоа е маѓепсан круг, од него тешко се излегува.

Но, од тој круг мора да се излезе. Минималното одржување на автомобилот не може да значи друго освен максимална опасност во сообраќајот и максимално оптоварување на животната средина со штетни гасови. Станиците за технички преглед се претворени во место во кое се врши само наплата на давачките, возилата ретко бидуваат вратени поради техничка неисправност, или статистички поверно, никогаш. Кој уште би одбил да регистрира возило поради техничка неисправност, кога во некоја друга станица, истото возило ќе мине без проблем? Наплатата е најважна.

Тоа се чини како единствениот можен излез од актуелната состојба, не толку неопходен поради слабите продажби колку поради зачувувањето на здравјето. Самопрогласени експерти спомнуваат норми Еуро 1, Еуро 2, воведување на поригорозни норми за издувни гасови, контрола на увозот. Но, тоа нема да промени ништо. Не е важно која норма ја задоволувал автомобилот во моментот на производството, туку во моментот кога ќе се стави на македонски таблички.

Тотална заблуда е да се верува дека автомобилот во целиот негов експлоатациски век ќе ја исполнува нормата со која што излегол од производствените ленти. Како што напредуваат километражата и староста на возилото, така и емисијата на штетни гасови расте прогресивно, особено кога возилото не се одржува и во сервисирањето се вложува само минимумот. Доволно е човек да погледне во издувот на возилата пред себе додека вози по улиците, на поаѓање на семафор, при нагло забрзување. Тука повеќе не може да се зборува за норми Еуро, туку за норми Конго.

Неприкажувањето на актуелните состојби на загаденоста на воздухот од сообраќајот не нé поштедува од заболувањата. Симнувањето во подземните гаражи во големите трговски центри најверно ја прикажува гадоста на нашите автомобили, тоа е посета на лабораторијата на умирачката. Како гас што е потежок од атмосферскиот воздух, јаглеродниот диоксид и јаглеродниот моноксид се таложат веднаш над површината. Концентрацијата на овие смртоносни гасови е толку висока што се гледа со сопствените очи. Колку повеќе возила ја посетуваат гаражата и колку денот е пооптоварен со циркулација на купувачи, толку слојот е погуст и позабележлив под светлосниот сноп на возилото. Помислете сега што се случува кога е пуштен вентилаторот во кабината и сиот овој воздух се вовлекува внатре, се дише за сето време на возењето – и на живеењето.

Воведувањето на давачки за регистрација кои што се ориентираат според емисијата на штетни гасови на автомобилот, како што тоа е случај во цела ЕУ и во сите држави кои што се свесни за опасностите од загадувањето на воздухот, во македонски рамки е тешко да се реализира. Секоја власт што ќе дозволи воведување на скапи давачки за регистрација за возилата со висока емисија на штетни гасови си потпишува капитулација. Апсолутно е неприфатливо, државата што прво дозволила увоз на нечисти возила, сега да наплаќа по илјада евра секоја година заради тоа што возилата се нечисти.

Субвенции. Тоа е волшебниот збор. Државата е должна сега да им олесни на купувачите кои што биле наведени да ги потрошат своите пари на автомобили што се докажале неприфатливи за животната средина, да набават автомобил, чист, понов, помал, со пониска емисија на штетни гасови – и поевтин за одржување, тој факт не смее да се превиди. Купувачите не можат сами да го продадат стариот автомобил, затоа што тој е безвреден и вложувањето во него е само губење пари и време. Пари може да издвои само државата.

За македонскиот возен парк да се обновува редовно во период од десетина години, потребно е секоја година да се продаваат приближно по 25.000 нови автомобили. Државна субвенција од 2.500 евра, помножено со 25.000 нови автомобили, дава сума од 62,5 милиони евра. Тоа не е преголем трошок, два три споменици од поголемите чинат исто толку. Со субвенцијата, најдостапните нови автомобили на македонскиот пазар, кои сега се ценат околу 7.000 евра, би чинеле 4.500 евра. Толку пари приближно се даваа за користените искористени автомобили. Тоа можеме да си го дозволиме.

Интерес е и на државата да спречи штедењето кај автомобилите да се враќа преку зголемени трошоци за лекување и надомести за боледување на населението. Колку подолго загадувачите се движат по улиците, толку повеќе ќе имаме заболувања од нездравиот воздух и толку ќе биде поскапо за државата. Меѓу другото, од топењето на кршот ќе се враќа дел од парите за субвенции. Дачиа самостојно спроведе таква акција пред неколку години. Тие знаат како треба.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сите лажат за големината

Кола од трска · Само храбро напред Африка!