Како Американците ги открија измамите на Volkswagen

Властите на глобално ниво веќе подолго време се сомневаа околу манипулациите со издувните гасови кај дизел возилата. Околу случајот со Volkswagen постојат практични докази, но целата бранша е под сомнение.

Светот на четири тркала го тресе скандалот со лажираните вредности на издувните гасови на моделите со дизел мотор на Volkswagen. Случајот е откриен во САД, но не се исклучува можноста слични манипулации да се применувани и на останатите пазари, како и можноста другите производители на автомобили исто така да користеле трикови за прикажување на емисијата во законските рамки. Но, како Американците ги открија измамите во САД?

Според американската агенција за заштита на животната средина, Volkswagen користел софтвер што открива кога возилото е приклучено на тестирање на вредноста на издувни гасови и соодветно ја намалува, за потоа во секојдневното возење софтверот да се врати во нормалниот режим. Софтверот е користен кај близу половина милион возила на Volkswagen, вклучувајќи го и Audi А3, произведувани во периодот меѓу 2009 и 2015 година.

[pull_quote_right]Имајќи ги во предвид претходните случаи на скандали на автомобилскиот пазар во САД, може слободно да се шпекулира дека Volkswagen е само „избран“ како производител што ќе ја понесе одговорноста за лажирањето на вредностите на издувните гасови на целата бранша. Другите германски производители, конкретно BMW и Mercedes, заштитени се од скандалот како субјекти што имаат инвестирано гигантски суми во фабрики – повеќе од Volkswagen – на американска подлога. Обемно истражување спроведено од независна агенција со 15 модели на автомобили од повеќе класи, покажа просечна емисија на азотни оксиди во реални услови на возење што е седумпати поголема од дозволената. Овие 15 модели засега се држат во тајност од агенцијата. Но, само засега.[/pull_quote_right]

Обвинението против Volkswagen е своевидна завршница на проектот што американската агенција за заштита на животната средина ЕПА го реализираше во 2013 и 2014 година, со цел да се измерат реалните емисии на штетни материи кај возилата со дизел мотор во САД. Тестирањата беа извршени на три возила, користејќи преносни системи за мерење на емисијата: Volkswagen Jetta, Volkswagen Passat и BMW X5.

Нормалните вредности кај BMW се доказ дека е можна построга контрола на NOx

Пет претходно одредени рути се возеа на тестирањето, вклучувајќи ги најчестите услови на секојдневна експлоатација, односно возење по автопат, во град, по спореден пат и возење по нагорнина и надолнина на локални патишта. Мерењата за Volkswagen Jetta покажаа вредности на емисија на азотни оксиди за 15 до 35 пати над дозволените стандарди (US-EPA Tier2-Bin5). Оние на Passat биле за 5 до 20 пати над стандардот, додека кај BMW во целина биле регистрирани вредности во границите на дозволените стандарди, со исклучок на вредностите при возење по нагорнина по локален пат. Според Франциско Посада, раководител на проектот „технологијата што е потребна за исполнување на стандардите на емисија на штетни гасови кај дизел моторите е достапна и тоа се докажува со вредностите кај возилото на BMW.“

Слични истражувања спроведени во Европа докажаа дека постојат огромни и растечки разлики во реалната емисија на штетни материи и законските рамки. Тоа претставува глобален проблем што бара соодветно координирана акција на пошироко ниво.

Факти околу дизел-скандалот во САД
  • Во 2013 година, Центарот за алтернативни горива, мотори и издувни гасови во Универзитетот Западна Вирџинија спроведе тестирање на реалната емисија кај три возила со дизел мотор: Volkswagen Jetta, Volkswagen Passat и BMW X5.
  • За тестирањето е користен преносен систем за мерење на емисијата, кој испорачува континуиран проток на информации за емисијата на издувни асови, брзината, забрзувањето, конфигурацијата на патот и надворешната температура. Возењето беше извршено на претходно одредени рути во најнаселените центри во Калифорнија, по должината на „Четвртата рута на Лос Анџелес“, или кусо LA4.
  • Passat се тестираше дополнителни 2.500 милји (4.000 km) по автопатиштата меѓу Калифорнија и Вашингтон.
  • Сите три возила беа подложени на строги проверки за присуство на уреди што прикажуваат лажни кодови при приклучување на уред за скенирање на системот за дијагностика на возилото (OBD) и не беше откриено присуство на таков уред кај возилата. Исклучена беше и можноста за ослабната активност на катализаторот под дејство на стареење, затоа што сите возила имаа изминато помалку од 20.000 километри.
  • Обата модела на Volkswagen на официјалното тестирање на емисијата во калифорнискиот борд за воздушни ресурси покажаа вредности на емисија на азотни оксиди во рамките на стандардот US-EPA Tier2-Bin5.
  • Реалните емисии на азотни оксиди беа за 15 до 35 пати повисоки кај Jetta и 5 до 20 пати повисоки кај Passat, на петте претходно одредени рути (автопат, град/регионален пат, нагорнина/надолнина по локален пат), додека кај BMW се регистрираа вредности во рамките на стандардот, со исклучок на емисијата при возење по нагорнина по локален пат.

Претходна објаваVolkswagen ја прекинува продажбата на дизел модели во САД
Следна објаваФранкфурт 2015: Петте најважни трендови на салонот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here