за

Франкфурт 2015: Петте најважни трендови на салонот

Главни теми во автомобилската бранша во моментов се автономното возење и поврзувањето од секаков вид. Но, на салонот во Франкфурт се наѕираат уште неколку трендови што ќе добиваат на значење во следните години.

На салоните на автомобили обично се препознаваат трендовите што ќе ја зафатат браншата во следните години. Покрај автономното возење и поврзувањето со преносни уреди, онјалн услуги, други возила, патна инфраструктура, и општо, секаков вид на поврзување, на овој салон во Франфурт можат да се издвојат пет позначајни теми на кои се поголем број производители им придаваат поголемо значење.

Електричните автомобили прераснуваат во статусен симбол

Porsche Mission E 1

По огромната еуфорија во последните години, на актуелниот салон во Франкфурт е релативно мирно на тема електрични автомобили. Но, не и толку мирно. Вниманието дотолку повеќе го привлекуваат Porsche Mission E и Audi E-Tron Quattro, како студии на електрични автомобили од концернот Volkswagen. Луксузните модели се одговор на обете премиум марки на успехот на калифорнискиот специјалист за електрични автомобили Tesla Motors, кој со Model S буквално здивува меѓу богатата клиентела. Кај неа владее голем интерес за електричните возила, затоа што имиџот и моќта кај сопствениците на две, три или повеќе возила се поважни отколку секојдневната практичност на автомобилите. Наспроти тоа, кај електричните возила што се повеќе достапни за купувачите во моментов владее стагнација, и тоа како кај студиските автомобили, така и кај автомобилите од сериско производство. Но, од друга страна, продажбата на овие возила продолжува да расте.

Внатрешноста мора да биде убава

yanfeng automotive 019549086

Времето кога во кокпитот на автомобилите владееше тврда и бездушна пластика изминаа дури и во сегментот на малечките автомобили. Новите модели што ги донесува салонот во Франкфурт повеќе не си дозволуваат да се појават пред купувачите без грижливо изработен кокпит што остава впечаток за квалитет. Движечката сила на овој тренд повторно доаѓа од Кина, каде што купувачите на автомобили се млади, добро ситуирани и го препознаваат добриот дизајн. Добавувачите како Yanfeng, Faurecia и Johnson Controls го негуваат трендот на „кинескиот луксуз“, со промислени концепти на осветлување со светлечки диоди, нови материјали, како камен или бакар, па сé до кожени седишта со втиснато лого за модели од големосериското производство.

Спортски теренци за аристократи

bentley bentayga

Со секој следен салон на автомобили, човек ќе си помисли дека повеќе не останува ниту еден производител на автомобили што во својата понуда нема спортски теренец или кросовер. Но, секогаш се покажува дека постојат уште многу непополнети празнини на пазарот и уште многу марки да ги пополнат истите. Благородните британски марки Jaguar и Bentley релативно доцна се решија да стартуваат со продажба на спортски теренци. Во Bentley долго време стравуваа дека нивната клиентела би го отфрлила моделот што ќе им се понуди за валкање по кал. Но, очигледно е дека предрасудите на традиционалните купувачи повеќе не играат улога, кога станува збор за сегмент што може да донесе голем раст во продажбата и да донесе нови купувачи. До сличен заклучок дојдоа и во Rolls-Royce, каде што исто така се планира огромен автомобил за по терен. Спортските марки Lamborghini и Aston Martin исто така нема да го пропуштат сегментот на луксузните теренци.

Коњските сили сé уште се бараат

ford focus rs 9837475

Производителите на автомобили од една страна се борат за заштеда и на последната капка гориво, но од друга страна, целата таа заштеда во гориво станува бесмислена. Моторите работат поекономично, но со тоа што нивната моќност расте прогресивно, емисијата на СО2 во патниот сообраќај се намалува со значително побавно темпо. Целата оваа контрадикторност се огледува најдобро во битката за преземање на титулата на најмногу коњски сили меѓу спортските модели во компакт класата. Долгогодишниот владетел во овој сегмент, Volkswagen Golf GTI, со своите 230 КС излегува недоволно моторизиран во споредба со конкурентите. Дури и францускиот Peugeot во меѓувреме се приклучи со верзијата 308 GTi со 272 КС, Honda Civic Type R испорачува 310 КС на предната оска, додека Mercedes-AMG A 45 со 381 КС е посилен и од првиот Porsche 911 Turbo. Нормираната потрошувачка од 6,1 литри може да изгледа и ветувачки, ако се превиди фактот дека тоа што производителите го постигнуваат при хомологирањето е далеку од вредностите на потрошувачката во реалноста.

Дајте повеќе светлина

Renault_71251_global_en

Дека таканаречената светлечка графика може да претставува важен знак за препознавање за одредена автомобилска марка докажа BMW уште пред 15 години, кога ги воведе корона-прстените во светлата, таканаречените ангелски очи. Во последниве години, светлата стануваат визит картичка кај сé поголем број модели и марки. Новиот Renault Megane кој е прикажан премиерно во Франкфурт, со големите дневни светла во форма на латиничната буква „C“ докажува дека светлата повеќе не се белег што е резервиран само за моделите на луксузните марки. Во време кога моделите се повеќе си наликуваат еден на друг со каросерискиот дизајн, исто како и со техниката, нормално е што светлата добиваат на значење повеќе од кога било досега.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како Американците ги открија измамите на Volkswagen

Германскиот клуб АДАК: Сите возила отстапуваат од еко-нормите