Франкфурт 2015: Jaguar го има најпрактичниот спортски автомобил во светот

Дали сите автомобили еден ден ќе станат кросовери? Jaguar се приклучува во сегментот што бележи гигантски раст во продажбата со F-Pace – и ретко кој негодува за овој чекор на британската марка.

Jaguar во своите 80 години постоење го изгради имиџот со брзи двоседи и расни лимузини. Од следната пролет ќе биде поинаку. На салонот во Франкфурт доживеа светска премиера F-Pace, како прв спортски теренец во историјата на благородната британска марка. Според Jaguar, не станува збор за само уште еден спортски теренец, туку за кросовер со врвни перформанси, или уште подобро – за најпрактичниот спортски автомобил во светот.

Зошто Jaguar реши да го произведува кросоверот долг 4,73 метри и висок 1,65 метар станува јасно кога ќе се погледнат бројките во сегментот што бележи постојан и рапиден пораст. Само во идната година, глобалната продажба во сегментот ќе се искачи на 1,2 милион примероци од сегашните 850.000 примероци. Тоа е сензационален раст од 40 проценти.

Јан Калум: Беше важно F-Pace уште оддалеку да се препознава како вистински Jaguar

Автомобилските ентузијасти секако дека треба да се радуваат што отсeга и Jaguar ќе биде присутен со модел во овој сегмент. За главниот дизајнер Јан Калум беше важно „F-Pace уште оддалеку да се препознава како вистински Jaguar.“ Калум успеа и повеќе од одлично да го внесе типичното лице на Jaguar во појавата на F-Pace. Дека не се работи само за изглед, туку и за функција, докажува податокот дека кросоверот може да понира во река длабока до 52,5 сантиметри, исто како и 21,3-те сантиметри растојание од подлогата. Дека сопствениците на теренскиот Jaguar ќе се решат со неговите скапи бандажи од 22 инчи да влегуваат во кал, малку е веројатно.

Jaguar F-Pace 1Цената на основниот модел на F-Pace на салонот во Франкфурт изнесува нешто повеќе од 42.000 евра. Имајќи го во предвид изобилството од иновативни и привлечни ставки од понудата на дополнителна опрема и системи за асистенција, само мал дел од купувачите на F-Pace ќе се решат за основната варијанта. По оваа цена се добива изведбата со дизел мотор со 180 КС и погон на задната оска, во комбинација со мануелен менувач со шест степени. Штедењето може да успее повеќе со потрошувачката на овој модел од 4,9 литри, отколку при конфигурирањето на возилото по желба. Верзијата со погон на сите тркала тежи само осум килограми повеќе и за неа е потребно да се доплати околу 2.600 евра, а може да се доплати и за осумстепен автоматик.

5,5 секунди до сто за топ-моделот во гамата на F-Pace

За 380 КС од бензинскиот V6 со механички компресор кој е познат од купето F-Type S, потребно е да се плати „малку“ повеќе, конкретно 75.000 евра. Забрзувањето до сто трае 5,5 секунди, а крајната брзина е џентлменски ограничена на 250 километри на час. За релативно лесниот F-Pace со своите 1.665 килограми да не изгледа само како Jaguar, туку и да вози како што доликува за марката со брзата мачка, се погрижија инженерите за возната динамика.

Теренецот на Jaguar располага со варијабилна распределба на вртежниот момент на тркалата на иста оска, со приспособливо подвозје и со дотерување на погонската спрега и целото подвозје по желба и расположение на возачот, исто како во купето и полубрат F-Type. Пристига помош и од сестрата од концернот, од специјалистот за погон на сите тркала Land Rover, во форма на системот ASR – кусо од Adaptive Surface Response, или реакција што се приспособува според подлогата. Овој систем во основа е произлезен од познатата технологија Terrain Response на Land Rover.

Дополнително стои на располагање и системот за асистенција ASPC (AllSurface Progress Control), кој се нуди и за верзијата со погон назад и за верзијата со погон на сите тркала. Кога ASR ќе детектира дека подлогата е лизгава, ASPC во подрачјето на брзини меѓу 3,6 и 30 километри на час се грижи да обезбеди максимална тракција, со избегнување на погонското пролизгување. Возачот притоа треба само да ја намести саканата брзина и да управува.

Најпрактичниот спортски автомобил во светот

Внатрешноста е благородна колку што може да се очекува во Jaguar. Задната клупа е поделена на три дела и може да се наведнува до шест степени, а зад тоа е багажниот простор со мошне пристоен волумен од 650 литри. Кога клупата е соборена, на располагање стојат 1.740 литри. Не случајно Jaguar тврди дека F-Pace е најпрактичниот спортски автомобил во светот.

Освен на возната динамика и практичноста, во Jaguar се особено горди и на мултимедиските системи. Според техничарите на марката, кросоверот има поголема процесорска моќ и од Boeing 777. Дисплејот со пречник од 12,3 инчи (31 cm) со безиномер, бројач на вртежи и уште многу други мерачи и покажувачи може да се конфигурира по желба. На тоа се надоврзува дисплејот на мултимедискиот систем со пречник од 10,2 инчи, кој исто како уште осум други уреди е поврзан на интернет. За преносните уреди да не останат без енергија се грижат четири приклучоци USB, исто како и четири приклучоци за 12 волти. Во Jaguar се горди и на апликацијата за новиот Apple Watch, со кого автомобилот може да се заклучува, отклучува и загрева без користење клуч.

Претходна објаваФранкфурт 2015: Bugatti Vision Gran Turismo се појави во реалноста
Следна објаваФранкфурт 2015: Seat планира верзија Cupra за идниот теренец?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here