Bugatti ја реализираше својата визија за Gran Turismo од виртуелниот свет на бајтовите и пикселите во реален спортски автомобил со карбонска каросерија. Изгледот на идниот Chiron веќе се наѕира.
Додека светот очекува да го добие новото издание на најбрзиот автомобил, Bugatti „си игра“. Хиперексклузивната марка првично го креираше Vision Gran Turismo да се појави во светот на видеоигрите, но за салонот во Франкфурт реши да излезе од играта и да го прикаже овој спектакуларно дизајниран автомобил во реална форма. Многумина очекуваат во Vision Gran Turismo да го видат наследникот на Veyron, а тоа и ќе се случи, но малку подоцна и во малку видоизменета форма. Секако дека француската марка во сопственост на Volkswagen не би си дозволила идниот најбрз, најсилен и најскап автомобил во светот под името Chiron да доживее деби во компјутерска симулација.
Боите на суперспортскиот автомобил потсеќаат на победничките болиди на Bugatti на 24-часа Леман. Vision Gran Turismo ја има класичната двобојна комбинација на Typ 57 G Tank, победничкиот болид од 1937 година. Bugatti наведува дека иако возилото е замислено само за PlayStation, за него се извршени реални анализи во аеродинамичен тунел, но исто така наведува и дека Vision го најавува идниот дизајнерски говор на марката – што секако укажува повторно на Chiron, исто како и информацијата дека суперспортскиот автомобил „на виртуелната патека во Леман постигнува далеку над 400 km/h.“ Исто колку Chiron.
















