Од крајот на годинава, спектакуларниот трицикл на американскиот специјалист за снежни возила Polaris пристига на европска почва. Цената на Slingshot нема да биде ниска, но затоа задоволството е единствено.
Разновидните споеви на мотоцикл и автомобил стануваат сé поинтересни. Откако австрискиот KTM го шокираше пазарот со X-Bow, неодамна се јави и американскиот Polaris со слична и уште поекстремна идеја. Slingshot комбинира ниска тежина на мотоцикл, три тркала и солидна испорака на коњски сили. Долго време се шпекулираше дали американскиот фан-мобил ќе пристигне и во Европа, а сега доаѓа и официјална потврда дека Slingshot ќе се појави во салоните кон крајот на годинава. Основната верзија на позначајните пазари во Европа ќе чини околу 30.000 евра, што е двојно повеќе од цената во САД, но оригиналноста нема цена.
https://youtu.be/lyDN3wI–Mw
Трициклот со должина од 3,80 метри со пластична каросерија во стил на мотоцикл изгледа како да е пребегната од научнофантастичен филм. Четирите светла во предниот дел во форма на Х му даваат лут изглед на Slingshot. Возилото назад се потпира на гума со димензија 265/18, водена преку вилушка, исто како кај мотоцикл. Погонот е преку ремен. Релативно ниската тежина од 786 килограми овозможува користење на погонска техника од мотоцикл.
175 КС во комбинација со 786 килограми и три тркала ветува голема забава
Тоа што го прави доживувањето со овој трицикл секако не е дизајнот, туку е чувството во возење. Под пластичната каросерија се наоѓа решеткаста рамка изработена од челични цевки, којашто се одликува со висока цврстина. Моторот е со работна зафатнина од 2,4 литри и моќност од 175 КС, што гарантира врвни перформанси во спој со ниската тежина. Четирицилиндарецот е вграден далеку зад предната оска и ги испорачува своите 225 њутнметри до задното тркало преку петстепен мануелен менувач. За секој случај, Slingshot поседува и контрола на стабилност. Од Polaris уште ги немаат откриено перформансите на трициклот. Но, може да му се верува на производителот дека добро ја завршил работата.