Индиската фабрика на Daimler има историско постигнување. Од почетокот во 2012 година, фирмата ќерка на германскиот концерн произведе повеќе од 100.000 камиони од средна и тешка категорија, под локалната марка Bharatbenz. Индија е еден од најпредизвикувачките пазари за камиони во светот.
На стоте илјади камиони им се придружуваат уште 4.500 автобуси, исто така под марката Bharatbenz, коишто се произведени од 2015 година досега. Возилата од индиска продукција заминуваат и за извоз. Од 2012 година, повеќе од 30.000 возила од марките BharatBenz, Mercedes-Benz, Freightliner и Fuso се извезени во над 50 држави ширум светот. Покрај тоа, од 2014 година компанијата испорачала над 130 милиони делови до останатите фабрики во синџирот на Daimler Trucks.
Компанијата со целосно имие Daimler India Commercial Vehicles (DICV) произведува камиони од марката BharatBenz, меѓу 9 и 55 тони, коишто се приспособени за индискиот пазар. Фирмата ќерка на германскиот концерн располага со повеќе од 235 продажни и сервисни центри во земјата.
Фабриката користи напредна технологија и се наоѓа во Орагадам, во близина на Ченај, на површина од 160 хектари. Покрај главното седиште на компанијата, таму се лоцирани одделенијата за истражување и развој, центри за обука и комплетно нова патека за тестирање. Возилата се извезуваат во Африка, Азија, Латинска Америка и на Блискиот Исток.

















