
Марката со ѕвездата испорача преку 150.000 возила само во мај, што е за близу 13 проценти повеќе отколку во ланскиот мај. Импресивна е бројката и за првите пет месеци, а наскоро доаѓа важен новитет.
Во текот на месецов претстои светска премиера на новиот GLC, на спортскиот теренец од средната класа врз база на класата C, којшто во актуелната генерација GLK е најпродаван спортски теренец во моделската понуда на Mercedes. Појавувањето на овој модел ќе придонесе продажбата да добие уште посилен поттик, а таа веќе е на рекордно ниво. Во првите пет месеци, во Европа се испорачани 316.324 возила, што е апсолутен рекорд. Британскиот пазар е во дебел плус со 11,6 проценти, исто како и шведскиот (+15,7%) и португалскиот пазар (+30,0%). Mercedes и натаму е најпродавана премиум марка на домашниот пазар, а сега и во Италија.
Најпродавана премиум марка во Германија, Италија, Португалија, Јапонија, САД, Канада…
Рекорден мај е забележан и на северноамериканскиот пазар, со 29.583 возила во САД и зголемување во продажбата во Канада за 32,8 проценти. Најголем раст сепак е забележан во регионот на Азија и Пацификот, со плус 23,4 проценти и рекордни 46.260 возила. Во Јапонија, кадешто Mercedes исто така е најпродавана премиум марка, во мај е забележан пораст од преку 40 проценти.

Најголем поттик за продажбата доаѓа од семејството модели од компакт класата, особено од CLA и GLA, со рекордни 43.363 возила во мај и раст од 22,3 проценти. Уште повпечатлив е резултатот од новата класа С, со исто така рекордни 174.875 возила во првите пет месеци (+57,3%). Од воведувањето на Mercedes 190, како зачетник на средната класа возила на марката, продадени се преку осум милиони примероци од лимузинската и комби изведбата на класата С. Во Кина, пак, најголем интерес има за класата Е, повторно со рекорд за првите пет месеци.
Новата класа Ѕ ги остава конкурентите далеку зад себе во продажбата
Знаменосецот од класата S во мај ја зацврсти позицијата на најпродавана луксузна лимузина со 8.550 примероци. Кина е прв пазар за овој модел, пред САД. Рекорд имаат и теренците, со 41.210 примероци во мај или со пораст од 18,7 проценти. Наскоро следи уште поголем бум, откако кон крајот на месецов ќе биде претставена новата генерација на GLK, којашто под новата номенклатура ќе се води како GLC. Според последните официјални информации, овој значаен модел во септември ќе биде претставен и пред македонската публика.
Светска продажба на автомобили на Mercedes-Benz
| Мај 2015 | Промена во % | До мај 2015 | Промена во % | |
| Mercedes-Benz | 151.135 | +12,8 | 728.809 | +13,6 |
| smart | 11.142 | +45,5 | 50.835 | +28,8 |
| Mercedes-Benz Cars | 162.277 | +14,5 | 779.644 | +14,5 |
| По пазари: | ||||
| Европа | 65.056 | +5,1 | 316.324 | +10,5 |
| – само Германија | 22.252 | +2,1 | 105.591 | +3,3 |
| Северна и Јужна Америка | 34.488 | +13,8 | 156.894 | +10,9 |
| – само САД | 29.583 | +11,1 | 136.926 | +9,4 |
| Азија/ Пацифик | 46.260 | +23,4 | 229.761 | +19,3 |
| – само Јапонија | 4.300 | +40,6 | 26.256 | +13,3 |
| – само Кина | 27.562 | +19,8 | 132.814 | +18,0 |















