за

Во Скопје е среќа да не те прегазат дента

Две жртви на неспособни возачи во еден ден веројатно им се малку на службите што имаат одговорност да реагираат. Колку луѓе треба да загинат додека се преземат мерки и се признае општа неспособност?

Во Скопје е среќа да не те прегазат дента

Насловите се толку вообичаени што и не се издвојуваат во општото бунило.16-годишник прегази доктор кај клинички центар“, пишуваат Сакам да кажам. Ниту вториот случај не заостанува: Прегазен е човек додека минувал на пешачки премин на „Орце Николов“.

Двете случки не се исклучок, туку ова станува правило. Не се случува само во Скопје, туку е масовно, ширум државата. Едно најобично пребарување на агрегаторот Тиме.мк открива што всушност ни се случува. Комбе прегазило моторција во Куманово, мерцедес се истумбал кај Прилеп, дете прегазено во Радовиш, пешак прегазен во Кочани, се бори за живот, загинал млад гевгеличанец – тоа се насловите во период од неполна седмица. Има и случаи кога е „Повторно прегазен полицаец кој обезбедувал место на несреќа“, а целата оваа несреќа ја заокружува случајот со велосипедистот што прегазил пешак на Партизанска, па самиот се здобил со тешки повреди. Претходно два судири на автопатот кон Тетово, а во истиот контекст се движи и случајот со тиктокерот што се снимал како автомобилот му вози „триста на час“.

Колку и да личи дека не е така, сите овие случувања воопшто не се далеку од актуелната трагеди-пародија со Мијалков, Спасовски, Русковска, ЗЗ и компанија. Напротив, тоа се гнилите плодови на еден расипан систем за којшто и епитетот мафијашки е комплимент. На сето тоа може да следи само едно: „А, можеше ли да се очекува нешто друго?“

Автомобилите на улицата ни се само највидлива форма на општиот хаос – погибувањето по улиците, исто така

Кога всушност почна ова разнебитување на нашиот неопходен простор за движење, за живеење воопшто? Кога во само едно утро, двајца познајници на улица ќе ви кажат дека „од ова немало подолу“, тоа во некоја крајно оптимистичка смисла значи дека сепак станува збор за тренд. Некаде почнало. Оваа Аутомедиа.мк не може да суди за економијата, здравството, надворешната политика, социјалата, но затоа не само што има право, туку има обврска да суди околу автомобилизмот во државата ни Македонија. Тој пак, претставува само сублимат од девијациите во сите можни сфери. Кажано поинаку, тоа значи дека автомоблизмот ни е само огледало на нефункционирањето во сите подрачја на општественото живеење и работење. Кусо, автомобилизмот е врвот на хаосот.

Како автор на овој текст, ќе се повикам на сопствениот случај уште пред половина деценија. При минување на пешачки премин на „Гологанов“, кај студентскиот дом „Гоце Делчев“, додека булеварот беше во фаза на проширување, со пилони поставени да им укажат на возачите да подзапрат, по проверка во лево дека е слободно за минување, појдов да го минам пешачкиот. Одненадеж се слушна силна сирена, откако некој залетан, уште од веројатно дваесетина метри почна да се буни како тоа јас како пешак сум се дрзнал да му го попречам патот за тој да мора да подзапре. Само некоја чудна сила во тој момент ме поведе да се завртам и да паднам со грбот врз хаубата на возилото, додека „големиот“ возач на автомобил, од марка што му е главна во селото, уште немаше успеано целосно да го запре неговиот скап крстосувач од европските отпади. По некои три четири метри во воздух, станав како по некое терминаторско сценарио. Тој беше ситен човек со кревка градба патем, преплашен откако виде што сторил. По излегувањето од својот „голем“ автомобил, храбриот шофер одеднаш повеќе немаше што да каже или да приговори. Тоа ни е Македонијата!

Целата ситуација со автомобилите, може постарите генерации мошне верно да ги потсети на филм од 1980-та, една од најурнебесните комедии на сите времиња, а реално, тешка пародија. Филмот е „Боговите паднаа на теме“ или во оригинал „The Gods Must Be Crazy“. Синопсисот се состои во тоа што стаклено шише кока кола, значи отпад по конзумирањето на најцрниот пијалок на сите времиња, фрлен од авион, паѓа на територијата на Бушманите во Африка. Без допир со остатокот од светот, племето доживува целосен колапс околу шишето што ценат дека е испратено од боговите, но никако не можат да разберат за што точно служи тоа.

Кое е „шишето“ што боговите ни го испратиле во Македонија?

Македонските градови не беа секогаш средини во коишто е проколнат секој обид за човек пеш да отиде барем до зад аголот. Неподнослива улична бучава при обид да се пропешачи низ дел од градот што некогаш сте го минувале со уживање, неможност да се разговара со нормален тон со сограѓанин со којшто ќе се сретнете на улица поради истата таа бучава, тешки и залетани комбиња и камиони од кои што се тресе асфалтот додека се чека на семафор и отпаднати фасади на куќи и згради што се оддалечени само два метри од градските автопати, „триаголници“ на булеварите, кои некогаш биле во функција на мини-плоштади, а денес сведени на простор во којшто петмина пешаци веќе се стискаат. Тоа ли е град во 21-от век, во третата деценија?

Ако тоа не е проблем, дали можеби е проблем тоа што издувот од сите тие маси автомобили, камиони, комбиња, ни носи статус на светски рекордер во загаденост? Само во оваа маестрално раздиригирана средина, мајсторот од сервисната работилница што е веднаш покрај кокошарникот со „нови“ искористени автомобили од Бугарија или којзнае каде, може да биде експерт што го негира инженерството и цени дека е поголем инженер и од инженерите, затоа што „тие го гледале на компјутер тоа што јас го работам секој ден“. Тој „мајстор“ (секако, со особена чест за мајсторите што стручно и чесно си ја вршат работата и се клучни за светот да функционира, во секој поглед), има задача да ги „сосекува“ филтрите од искористените автомобили со коишто не’ „благослови“ светот и прв е по друштвените мрежи, кога треба да се коментира дека загаденоста ширум државата не е од автомобилите. Затоа пак, тој еден од илјадниците „мајстори“ во нашето секојдневие, во обид за стручен разговор нема да знае дека Адблу е средство што служи како реагенс за намалување на емисијата на азотни оксиди од дизел моторите, и цени дека „не постои филтер за азотни оксиди, туку постои филтер за NOx“. Значи, нешто во смисла на „не се сеќавам дали правилно се кажуваше физика или хемија…“

Зошто оваа дигресија со загадувањето? Затоа што тоа е совршен пример, колку оваа средина е способна погрешно да процени и да пристапи кон решавање на одредени проблеми. Овој хаос по улиците, овие секојдневни обиди со автомобилот да се убие човек по улица, додека се вози со двесте на час или некој се залетува кон пешак на премин, заплашувајќи дека ќе го прегази ако не побрза, не произлегува од ништо друго, туку од нашето „шише од боговите“, од евтините коли со долга каросерија и силни мотори, што Европа одамна ги отфрли поради енормното загадување од нив и се најдоа лесно достапни во „отпадите на ЕУ“, односно во Бугарија и Романија, од каде што потоа ни пристигнаа и во нашата, некогаш здрава Македонија.

Големи автомобили од бугарските ниви на коишто само им се одложува фрлањето во отпад и единствено служат за покажување сретсело, место нормални автомобили од градска или компакт класа што уште долги години ќе возат со оригиналните делови

Некогаш во Македонија се возеа „шевролети“, иако тие реално беа „деју“, се возеше Шкода Фелициа, се возеше и Поло, Корса. Тие силни ренџровери, јагуари, мерцедеси и ауди што денес ни ги преплавуваат улиците, не само што не се различни од нашите некогашни „шевролети“, туку и за толку се невредни. Порано за десет илјади евра се купуваше нормален автомобил, од градска, а ако даде Бог и од компакт класа. Денес, за десет илјади евра се купува автомобил на којшто само гумите му чинат колку десет плати за клатење врата.

Тие некогашни македонски автомобили беа сосем доволни и пристојни за секаква потреба од превоз, за растење семејство, за одмор, па и за замена по десетина години, ако некому се посреќи. Со тие автомобили никој не трубеше по цел град, умислен дека сега со автомобилот е главен во градот. Со тие автомобили се патуваше подолго од половина час од Ѓорче до Ченто, бавно и смирено, но луѓето пак стигнуваа да ги завршат сите обврски и имаа време да уживаат.

Македонија денес се трка со својата неспособност да држи чекор со нормалниот свет

Денес со малку поголема „упорност“, тоа растојание може да се помине за покусо од дваесетина минути. Македонија денес се трка со својата неспособност да држи чекор со нормалниот свет. Некои чудни ликови кои секогаш имаат време за коментар на друштвените мрежи и ликови што без да им трепне око ја паркираат смрдливата кола пред кафуле или ресторан, нé научија да се тркаме по улиците, да свириме и да вознемируваме илјадници жители во становите околу, да се изживуваме искалувајќи некоја недијагностицирана фрустрација, па макар последното да значи и обид да се прегази човек.

Малку недостигало, за луѓето кои настрадаа во сите незгоди за коишто само во последнава седмица рапортираа агрегаторите на вести, да загинат. Овие луѓе „турнати“ од нивното невино и достоинствено живеење од некои ликови што најпродуктивниот дел од животот го минуваат на „работно место“ шофери на големи автомобили од отпад, својот живот ќе го продолжат со трауми, можеби со болки, тие никогаш повеќе нема да бидат истите луѓе.

Во оваа просто водена држава, автомобилот од бугарските и косовските плацеви стана поважен од животот на луѓето. Реално болни ликови ни се испопикаа по коли со многу коњски сили и застрашувачка тешка маса, довлечкани од отпад, и ни го погазија достоинството на живеењето, нашето секојдневие во коешто повеќе ги цениме пријателите и луѓето околу нас по тоа што се, место по нивното ѓубре-автомобил.

Проблемот не е во ликовите кои досега молчеле и гневно го вршеле единственото што нивниот скромен интелект им го дозволува да го обавуваат, туку е проблемот во институциите и генерално во општеството, што повеќе не се способни да го спречат искалувањето на сиот бестијален гнев од првиве.

Вината не е во поединците, вината сега е единствено во системот

Господа од инстутициите, од службите, од медиумите кои идиотски препишуваат за незгодата на Тајгер Вудс, неспособни да состават текст, ако материјалот за објавата претходно не им е испратен од властите и блиските до нив, во оваа ситуација повеќе не може да се зборува за возачка одговорност на поединци, туку ова што ни се случува веќе претставува неспособност на системот да раководи и да се постави над лудоста на поединци.

Вратете ни ги „улиците“, за и пешаците и велосипедистите да може да се движат по нив, и младите мајки со детски колички, и луѓе што се седнати во количка, можеби жртви токму на идиотите што низ годиниве ни даваат пример за непример по улиците. Вратете ни ја убавината на секојдневието, кога луѓето се луѓе и без колата од бугарски отпад, кога ќе можеме да отвориме прозор без некој уште неадаптиран сосед да ни го усмрди воздухот, вратете ни ја убавината кога ќе излеземе од дома и ќе слушнеме црцорење на птици – веројатно така се нарекуваше тој звук.

Во Скопје повеќе нема балкон што не е пуст и безживотен, нема слободен парк пред зграда, нема Сарај или Матка, но затоа има автопатишта по коишто не се пропушта да се забележат најголемите сељачишта со крш-колите од дисконт, има грозни згради подигнати од таканаречени инвеститори, а реално вешти корисници на пари прибрани од народот, врие од  улици по коишто е поубаво да бидеш автомобил отколку човек.

Автомобилите и луѓето во нормалниот свет не е замислено да можат да „живеат“ заедно. Автомобилите можат да постојат само покрај луѓето. Затоа и ни се случува оваа ситуација со општото погубување по македонските улици, во време кога Европа и светот зборуваат за нулта жртви од сообраќај. Тоа што властите дозволуваат некогаш европските, па потоа бугарски, а сега искористени македонски автомобили да ни се увезуваат масовно во државата, не доведе до друго освен до потврдување на веродостојноста на примерот со шишето од боговите и Бушманите.

Каде остануваат медиумите во целата приказна околу автомобилскиот хаос, особено автомобилските „медиуми“? Тие моментно се зафатени со јавно објавување љубовни писма до увозниците-спонзори и со избори на автомобил на годината во Македонија, кои очигледно се апсолутната глупост во сета оваа каша. Значи, хаос.

>>> Ден за автомобилите да се однесат на чист воздух во парк

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

porsche taycan cross turismo pretpremiera

Porsche Taycan Cross Turismo на пат кон целната рамнина

Mini 5 door

Mini со 5 врати достигна половина милион, од март доаѓа подновен