за

Ден за автомобилите да се однесат на чист воздух во парк

Во европските метрополи веќе со години се негува практиката, автомобилите да мируваат во викендите во градот и за момент да се остави луѓето повторно да бидат главни.

Вистински дар, саботново попладне, рано во февруари. Јакните станаа вишок, небото е кристално чисто, одредиштето е познато: Градскиот парк во Скопје, по ново Сентрал Парк. Нешто сепак недостига во таа слика што би им се видела совршена на тие што воопшто и не ги интересира да ја погледнат.

За некој час, најгледаните телевизиски дневници ќе почнат да рапортираат за прекрасното саботно попладне во македонската метролола и за масовната посетеност на Градскиот парк. Во тие единствени програмски термини што не се пополнети со турски сапуници и „радио-на-теве“, еден кадар во снимките од Градскиот парк сепак ќе отсуствува. Тоа е своевиден македонски феномен, во оваа средина што додава едно „овско“ во сите сегменти од секојдевното живеење и работење. Можеби ќе беше повеќе корисна репортажа во којашто ќе се известуваше за метежот од автомобили во средината во којашто граѓаните се дојдени со намера да дишат чист воздух и вистински да се релаксираат од овското секојдневие.

Македонија е држава што со години наназад не пропушта да се пласира при врвот, а честопати и на самиот врв на листата со најзагадени градови во светски рамки. Државата е воедно и единствена во овој дел од светот, што уште нема направено ништо во насока на мерливо и одржливо подобрување на квалитетот на воздухот, па дури уште нема точно осознаено и од каде навистина ѝ доаѓа загадувањето на воздухот. Сите милиони што државата секоја година ги троши за инспектори, агенции, активисти, државни службеници или агент провокатори, со предзнак заштита на животната средина, се базираат врз една и единствена студија, фамозната и контроверзна „финска студија“. Таа, имено, се повикува на напуштена и погрешна методологија, со клучната и дилетантска грешка: Во студијата се зема дека автомобилите трошат гориво колку што пишува во каталог и се зема дека емисијата на штетни материи исто така е веродостоен подарок. Светот во меѓувреме стана свесен за „дизел аферата“, исто и за фактот дека таа не се однесува на само еден производител или концерн, туку важи општо за автомобилската (и бројни други) индустрија.

Во ваков склоп од околности, ниту еден медиум што го плаќаат граѓаните на оваа најубава Македонија, не се најде повикан да изврши сопствено истражување и да укаже на пропустите што се прават во (непостоечката) заштита на животната средина, во поглед на квалитетот на воздухот. А, доволно е само да се сними кадар на влезот во Градскиот парк. Не само денес во сабота, а веројатно во уште поголем обем утре, туку и секој ден, на стотици и илјадници места, во Скопје и во секој друг град низ државата, постојат очигледни примери, кои се видливи за секој однадвор што не отапел во оваа „овска“ средина. Потребно е само да се поврзе сино со сино, кафено со кафено, жолто-зелено со жолто-зелено. Толку е едноставно, колку што е едноставно да се смени прекинувач за светло дома. Прекинувач со којшто конечно ќе се прогледа за тоа што навистина ни го загадува воздухот во оваа наша најубава Македонија.

Бидејќи нашата Аутомедиа не е на државни јасли за да си дозволиме спроведување на достојна и релевантна студија, само ќе претпоставиме: Десет илјади автомобили денес се упатиле кон Градскиот парк и во одреден појас од Центар. Во просек, секој од тие 10.000 автомобили попладнево минал по 10 километри низ Скопје, до одредиштето во центарот на градот и назад. За да биде попрегледен примерот, земаме дека сите автомобили имаат дизел мотор што испушта штетни материи според норма Euro III – иако реално може и тотално да се исклучи Euro-нормирањето. Секој еден од тие 10.000 автомобили, при своите 10 километри низ Скопје, денес испуштил 6,6 грами СО2, понатаму 5 грами азотни оксиди, и 0,5 грам честички гареж, односно PM-честички. Вкупно за сите 10.000 автомобили, тоа се 66 килограми СО2, 50 килограми азотни оксиди, пет килограми PM-честички. Сето тоа за период од два три часови. Деновите и натаму траат 24 часови, а годината има 365 денови.

Малку е? Реално, бројот на автомобили веројатно е далеку повисок, а исто така е реално дека емисијата на штетни материи е најмалку десетпати повисока од таа што како лимит ја поставува Euro III. Во колку автомобили е „премостен“ филтерот за честички чад, колку од автомобилите минале на технички преглед последен пат пред пет години? Понатаму, колку реално се почитува брзинско ограничување на 30 km/h, колку што нашите „овци“ уште забораваат да воведат во широки подрачја од Скопје и во уште голем број градови низ државата.

Политиката и политичарите е тоа што не ни дозволува да ја осознаеме реалноста. Секако дека не се виновни граѓаните што со цела радост се упатиле кон Градскиот парк да дишат чист воздух. Но, некој „писмен“ да ги предупредеше дека воздухот (и) таму не е најчист за дишење и дека загадениот воздух не е цврста материја, па стои на место, туку се „движи“. Конкретно за Скопје. Паркирањето на Водно е прескапо, за Градот на тој начин да им укаже на намерниците да ги остават автомобилите и да користат јавен превоз. Место тоа, скопјани во намера да нправат починка од градското сивило се упатуваат во Градскиот парк. Загадувањето од сообраќајот си го произведуваме во средината во којашто живееме, место загадувањето да го „однесеме“ надвор од градот.

Толку ли ќе беше проблем некој од нашите многу делотворни „овци“ да го охрабреше народот да извози еден километар повеќе до Сарај, езеро Треска, Матка, па дури и до Катланово или на Скопска Црна Гора? Секако дека тој „некој“ треба да поседува кредибилитет и реноме, за на граѓаните да им укаже дека на тој начин ќе се постигне подобрување на квалитетот на воздухот. Тоа понатаму ќе води до следни мерки, откако граѓаните конечно ќе се уверат дека мерките во насока на подобрувањето на квалитетот на живеење може да бидат и делотворни.

Место единствениот (!) парк во Скопје за викенди да се претвора во трујачница, може барем одреден поширок дел од Центарот да се поштеди од сообраќај. Да се охрабри користење велосипеди, пешачење, возење електрични тротинети среде булевар. Да биде бесплатно користењето на јавниот превоз. Да се ангажираат генијалци од ковот на „Мој воздух“ да измислат апликации што ќе ни користат од кој било аспект во тоа наше патување во „чистата иднина“.

Една изјава на менаџер од концернот Volkswagen деновиве ни го привлече вниманието. „2021 година во автомобилската сфера за мене претставува истото што 2007 година беше за пазарот на мобилните телефони“, кажува извесен Мартин Ремхелд, шеф на одделот за услуги на електромобилност. Македонија уште не доспеала дотаму да се ориентира кон електричните автомобили, но можеме за почеток да почнеме да се ориентираме според автомобилите што ги имаме. За почеток, да бидеме реално свесни за степенот на загадување што ни доаѓа оттаму.

>>> Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bechtle Volkswagen ID 3

Компаниja во Германија има 50 електрични Volkswagen ID.3 во возниот парк

Вака изгледа електричниот Volkswagen ID.6