за

Како дојде новите автомобили да ни чинат двојно повеќе отколку во нормалниот свет?

Народот скенира фискални, оние другите си качуваат по 78 проценти, се земаат пари за непостоечки автопати и авто-фабрики, се собира од тендери и провизии, од пари што, пак, се на народот. Зошто со автомобилите би ни било поинаку?

Вистинската слика за македонската автомобилска сцена. Мицубиши Колт уште си ја врши работата одлично, а Твинго веројатно е заменет со М-Класа, којашто ќе вози додека сопственикот не дознае дека и одржувањето е „М-Класа“

Статистиките од најразлични страни и региони по светот пријавуваат раст во продажбата на автомобили. Нормално е нештата да растат и да се работи на подобро. Последните бројки од европскиот пазар покажуваат раст од 14 проценти. Растат и Индија, Бразил, Северна Африка, цел свет се развива. Тоа што се продаваат нови автомобили, резултат е од добрата економија и од народот што си верува во својата држава. Зошто автомобилите во нашата најубава Македонија ни доаѓаат двојно поскапи отколку во други држави, во коишто народот исто така работи за да заработи, меѓутоа друг не печали врз нивниот грб?

„Напишете ја цената и сé ќе биде јасно“, коментира една дама на објава поврзана со изложбата на автомобили што деновиве се одржува во трговскиот центар Ист Гејт. Колку многу кажа оваа дама, во само една реченица. Народот реагира дека автомобилите се скапи. Нормално е автомобилите да бидат скапи. Сепак станува збор за ставка, што по вредноста е веднаш зад стан. Автомобил не се купува еднаш на две години, ниту пак на три или пет. По традиција, новите автомобили ни остануваат по две и повеќе децении.

Тоа што продажбата продолжува со непречен замав во ЕУ, па и во Индија или во Јужна Америка, укажува дека причината за нашиот народ да не може повеќе во истиот обем да си ги дозволи автомобилите, сепак не мора целосно да лежи во тоа што тие се скапи. Народот е оставен беспари, некој му ги зел парите.

Затоа, кога реагираме дека автомобилите ни се скапи, вистинската адреса кон којашто треба да се насочи реакцијата не се увозниците и не се производителите на автомобили, туку е нешто многу посуштинско. Треба реакциите да се упатат кон влада и кон собрание, кон министерства и комисии, државни органи, службеници што треба да му служат на народот.

Сé е скапо. Лебот е скап. Патарината е скапа. Обувките се скапи. Картите за театар се скапи. Нешто друго е причината, зошто на народот сé му е скапо.

Автопатот од милијарда и кој знае уште колку стотици милиони евра, којшто ќе биде најкорисен со тоа што по него ќе ни се увезуваат тикви и краставици, не е поврзан со тоа што автомобилите ни се скапи? Божемната фабрика за електрични автомобили во Тетово, за којашто од народот одзедоа 40 милиони евра, исто така не е поврзана?

Изградбата на помошниот пат од Велес до Градско, и понатаму до Прилеп, Битола, Ресен, Гевгелија, Дојран, што го запира сообраќајот до три четвртини од територијата на државата подолго од една година, и ќе го запира уште којзнае колку долго? Народот го користеше тој пат масовно, затоа што, нормално, патарините се прескапи. Тоа има врска со општата скапотија? Директно.

Прекинувањето на каналот за наводнување во Росоман, погодено точно во екот на сезоната, во крајот каде што народот знае како да ја работи земјата и тоа знаење треба да го пренесе на следните генерации, затоа што тоа е највредното? Поврзано.

Немањето помошен пат од Скопје до Велес, поточно срамното запоставување на патот што е изграден уште пред еден век, но некој упорно спречува за народот да може да го користи, без да плаќа патарина? Поврзано. Во исто време, од Тетово и Гостивар има по две помошни делници покрај автопатот, што неодамна се обновени и се во совршена состојба. Од Куманово, без патарина до Скопје? Не е проблем. Масовно се вози, без да мора да се плаќа данок за користење на патот. Поврзано? Поврзано.

Колку се патува до Македонски Брод и од каде треба да се кружи? Друг избор уште е времено регулираниот проток преку Јасен? Во 2023 година?

Непостоењето асфалтиран пат што ќе го поврзува стратешки важниот регион на Азот, преку Присад, со Прилеп и Пелагонија? Поврзано. Калливиот и опасен пат, што ги поврзува Тиквеш со Мариово, од страна на Кавадарци, преку Рожден, со Витолиште? Поврзано. Прилеп-Битола… Македонски Брод? Неверојатно е колку малку „држава“ се работи во оваа држава.

Тоа се само дел од забелешките на коишто Аутомедиа може да посочи низ своето секојдневно работење. Да ги прашаме лекарите и пациентите, фабрикантите и добавувачите, земјоделците, бизнисмените без тендери, „грешниците“ што ја кажале вистината за оние другите, па сега ги гонат? „Онкологија“ е принцип на работа, долж и попреку, од Табановце до Богородица, од Деве Баир до Ќафасан.

Сето тоа причинило за нам денес сé да ни биде скапо. Дури и статистичка анализа или научно истражување се сосем излишни, за народот да се увери. Се гледа. Сé. Скапотијата ни доаѓа од оние другите. Не е поради тоа што не работиме и не сакаме или не умееме да работиме, а најмалку поради тоа што немаме што да работиме. Треба некој овој народ да го мотивира да работи. Исто како што пребегнатиот народ ни е мотивиран за работа во Германија, Австрија, Италија, САД, Шведска, секаде.

Дојде време евтин автомобил да биде „бемве петка“ од раните години на овој милениум, којшто веќе го живее своето трето десетлетие

Оваа срамна дупка во којашто се најде автомобилската сцена, да не ја нарекуваме пазар, на улица изгледа наполно спротивно од реалноста. Причината поради којашто денес во нашата света Македонија, како евтин автомобил се подразбира „бемве петка“ од почетоците на милениумов, за три илјади евра, влече корени приближно од истото време, кога таа „петка“ како користен автомобил излегла од Германија, потоа се појавила во бугарија, за по „рециклажата“ од бугарските експерти, да никне по некогашните ниви покрај нашата источна граница.

Некогаш вистината може да се најде на неочекувани места. Бројот на огласи по марки, на еден познат наш огласник: БМВ 7.632 огласи, Ауди 7.538 огласи, Мерцедес 9.748 огласи… меѓутоа, Пежо 5.047 огласи, Фиат 4.214 огласи, Ситроен 3.352 огласи, Тојота 1.037 огласи, Киа 760 огласи, Шкода 1.145 огласи.

Тоа е патот кога од Велес ќе се појде за Прилеп, преку Присад. Уште од римско време тука врвеле трговии, денес одвај некој минува по патот, затоа што е тешко прооден

Зарем тоа говори нешто различно од целосната вистина? Во оваа Македонија повеќе има за продажба користени автомобили од скапи марки, отколку што има користени автомобили од нормални марки, што се наменети за широкиот пазар. „Возам автомобил од 80.000 евра“ неретко ќе чуеме за светнатиот крш, ако завлеземе во такви кафеани. Разговори почнуваат со „мојот мерцедес“, а ако човек случајно им се најде на пат и му се посреќи, ќе чуе „тргај се бе, да не те згазиме со џипоф“.

Затоа денес ни се двојно поскапи новите автомобили, отколку во земјите каде што оние другите не му прават зло на народот. Увозот на отпадот од бугарските автоплацеви, масовен увоз, најмногу на преодот од првата во втората деценија од 21-от век (ова сепак е 21-ви век, иако изгледа поинаку), доведе до тоа народот да си ги потроши парите залудно. Пари фрлени во ветер, ништо различно од тоа.

Скап автомобил купен во 2001 година, уште е скап автомобил и како користен автомобил во 2023 година. Евтин е да се купи, меѓутоа…

Автомобили што се наменети за богата и соодветно мала клиентела, на преодот во 21-от век почнаа помасовно да излегуваат како евтини користени автомобили од Германија, Швајцарија, од цела Европа, затоа што народот таму почна да се освестува дека тогашните автомобили имаат штетна емисија. Тие скапи и големи автомобили имаат силни и големи мотори, што соодветно и испуштаат поголема количина на штетни материи. Под штетни, се мисли на канцерогени материи, на стакленички гасови што водат кон глобално затоплување, на азотни оксиди (или нокс, според еден сечач на катализатори од струмичко).

Браншата се смени, токму автомобилите го поведоа светот во нова насока. Ако некогаш политиката во „големите земји“ можеше да застане целосно на страната на индустријата и да го држи подалеку од народот, фактот дека автомобилите сепак загадуваат, и тоа незамисливо многу, денес тоа повеќе не минува.

peugeot 208 - Витолиште, Мариово

Витолиште, прилепскиот дел на Мариово, село што некогаш живеело од крајот и од изобилството; Нема проодна патна врска од Кавадарци, мора да се вози по земјен и опасен пат. Зошто? Природата давала исто и тогаш и сега

Тамошните власти воведоа високи давачки за тие автомобили. Колку ти е поголем автомобилот и колку ти испушта повеќе штетни материи, толку повеќе плаќаш такса. Тоа е фер и тоа функционира секаде по Европа. Но, таму сé беше изведено правилно и навремено. Затоа големите и скапи лимузини и теренци се појавија евтини на плацевите за користени автомобили во Германија, пред нашиве источни „еу-пејци“ да ги откријат и да почнат да ги довлечкуваат по Балканов.

Народот навикна под автомобил да подразбира луксузна лимузина или СУВ, покрај масата светнат авто-отпад од бугарските препродавачи, што ја гледа како се движи по улиците. Што стана со нормалните автомобили, со „пунто и поло“?

Разликата е што тука, исто како и кај бугарите, не постојат строги норми што ќе одредат високи давачки за автомобилите што се штетни и по човекот и по околината на човекот. Затоа старите автомобили тука доаѓаат евтини и остануваат евтини, затоа што на Илинденска и спроти Жена Парк, разбирањето не им досега до толку, за прво тие да се освестат какво зло му направија на народот, дозволувајќи масовно труење од старите автомобили.

Зошто масовно се гледаат бугарски таблици по улиците, закачени на големи и силни автомобили? Затоа што на тој начин се избегнува и таа најбенигна заштитна мерка, со којашто треба да се обесхрабри нивното довлечкување од бугарските авто-отпади. Место да се избере нормален автомобил од градска или компакт класа, што соодветно е понов, со помала километража, со поевтино одржување, со оригинални резервни делови од 1-ва класа, се довлечкува најголемото, најистрошеното, најстарото и најштетното по нашите животи.

Тоа требаше да го знае некој од оние другите, да направи стратегија, да не дозволи да се случува овој хаос по улиците и катаклизма по животната средина. Првичните резултати од едно истражување на Аутомедиа, коешто наскоро ќе биде објавено на порталот, покажува дека од преку 300.000 користени автомобили што се увезени од 2012 година до лани, во моментов во возниот парк се присутни одвај нешто повеќе од 120.000 користени автомобили.

Шансата за вистината за увезените (преис)користени автомобили да се чуе на улица, иста е со шансата, од возач на Тесла да се чуе дека тоа што му го платил на Илон Маск е крш

Каде исчезнаа тие 180.000 „нови“ автомобили за коишто народот беше оставен наивно да им ги плати, та и преплати, на бугарските препродавачи. Скап автомобил од 80.000 евра во 2002 година, уште е скап автомобил и во 2023 година. „Скап“ не значи дека е делотворен, за Трајче и Блерим да го глумат наоколу филмот, како тие си замислуваат дека треба да се однесуваат со „скап“ автомобил, туку скап во вистинската смисла на зборот.

Тоа „бемве петка“ од 3.000 евра, многу веројатно заработени мачно, можеби ќе вози пет шест месеци, додека не попушти од причината поради којашто претходниот сопственик се ослободил од неа. Поправките на скапите автомобили чинат скапо. Илјадници евра. Најверојатно, поправката, односно целата серија поправки што е неопходна, ќе чини повеќе отколку што е купен автомобилот. Ете каде се исчезнати тие 180.000 увезени користени автомобили од бугарските препродавачи. Фрлени се по отпади, гнијат во дворови и по периферијата на градовите и по селата, каде што малку кој може да ги забележи.

Автомобилите не се само светната каросерија. Тие се составени од илјадници делови. Две скапи механички групи или електронски модули да откажат, ете го автомобилот на отпад

Пред да се уништи нормалниот тек на развој на македонскиот автомобилски пазар, во 2009 година, македонскиот народ купуваше по близу 20.000 возила годишно. Нови! Нормални автомобили. Пунто и Поло, а ако веќе некому се посреќи до толку, Голф. Просечната старост беше под 15 години.

Тоа се македонските автомобили, тоа се класите што народот може да си ги дозволи. Дури и доколку оние другите престанат да му ги земаат парите на народот, тоа пак ќе бидат автомобилите што е нормално да се возат по македонските патишта.

Така и пазарот на користени автомобили ќе беше нормален. „Пунто и Поло“ стари по пет шест години, со нормална километража, за млади семејства, надежни кариеристи, да можат да си ги дозволат и подолго да им останат во служба. Секој нормален пазар на нови автомобили, произведува нормален пазар на користени автомобили. Нормални користени автомобили. Наши, од наши луѓе. Парите остануваат тука. Но, покрај оние другите, и народот се „однормали“.

Што треба да се случи со македонскиот автомобилски пазар, за тој повторно да биде достоен да се води како македонски?

За да нé извлечат од оваа автомобилска срамота, оние другите, значи оние што не се со народот, треба да воведат повластена категорија на автомобили, чијашто продажба ќе се поттикнува, односно ќе се овозможи тие автомобили да стана подостапни за народот. Секако тоа не се преискористените коли од бугарските препродавачи и нивните продолжени раце тука, туку е нормално дека се тоа најдостапните модели на нови автомобили што се нудат на пазарот. Можеби тоа веќе не се „пунто и поло“, туку се некои други модели, но таа е класата.

Така македонскиот пазар некогаш функционираше добро. Одлично дури, ете ја 2009 година, кога нештата на нашиот автомобилски пазар последен пат беа поставени на нормална основа. Може да се вклучат и банките. Може и некој доволно писмен, да отпатува до Брисел, и таму да им каже дека планира во државата Македонија да го обнови возниот парк. Да не гинеме од отровен воздух, што е друга тема, уште пожешка. Кредити, фондови, така фуинкционира светот. И производителите на автомобили земаат кредити, но тие произведуваат, прават дополнителна вредност. Место тоа, милијарда за автопат? Срамота.

Така повторно ќе ги добиеме нашите „пунто и поло“ и нормалното функционирање, не само на автомобилската сцена, туку и на градовите, на народот, на државата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Магазин Тајм: Киа ЕВ6 меѓу најважните иновации во 2023 година

Десет милиони Мерцедеси се опремени со систем за заштита на пешаци