за

Десет милиони Мерцедеси се опремени со систем за заштита на пешаци

За десет години, Мерцедес го вгради системот што запира самостојно при опасност од удар во пешак во десет милиони возила.

Активниот бремс-асистент, активна помош при сопирање, ја сведува на најмала мера опасноста од удар во возило или во пешак, односно помага за штетата при судир со друго возило да биде колку е можно помала. Овој систем се вградува во секој нов автомобил на Мерцедес-Бенц.

Мерцедес-Бенц располага со повеќе од 40 различни видови на системи за асистенција, чијашто задача е да ја зголемат безбедноста за сите учесници во сообраќајот.

Посебни заслуги има т.н. активен бремс-асистент, активен систем за сопирање, којшто дополнително вклучува и систем за препознавање пешак на пат. Овој систем низ годините има помогнато да се намали бројот на незгоди во коишто се повредени пешаци и велосипедисти. Бремс-асистентот е делотворен при брзините со коишто вообичаено се вози во градска средина и на отворен пат.

Системот прво предупредува со звук и со сигнали, при опасност од налетување во возило напред, како и од судир во возило што се движи попреку или отспротива. Доколку возачот реагира премногу слабо, системот може да се приспособи соодветно и да го зголеми притисокот во системот за сопирање, за возилото пак да запре навреме.

Доколку возачката или возачот воопшто не реагираат, тогаш активниот бремс-асистент самостојно вклучува итно запирање. Денешната генерација модели на Мерцедес-Бенц користи податоци од камери и од радар, за да препознае пешак или велосипедист пред возилото.

Доколку притоа се препознае опасност од удар, системот ја пресметува потребната сила на сопирање, за ударот да се спречи или за повредата да биде минимална.

Штутгарт ја има следната вест поврзана со овој систем. Веќе 10 милиони автомобили Мерцедес-Бенц ширум светот возат со систем за препознавање пешак.

Заштитата на пешаците и велосипедистите во сообраќајот е особено важна. Според Европската Комисија, една петина од загинатите лица во сообраќајот во ЕУ се пешаци или велосипедисти. Во САД, уделот на најповредливата категорија учесници во сообраќајот е уште повисока и изнесува 17 проценти.

Предупредување и помош при неизбежен судир

Мерцедес-Бенц го претстави бремс-асистентот уште во 1996 година. Девет години подоцна, системот доби способност да ја предвиди опасноста, благодарение на комбинирањето со радар.

Од следната година, усовршената генерација на приспособливиот темпомат Дистроник Плус и бремс-асистентот БАС Плус, дополнително се комбинира со самостојно делумно сопирање.

Препознавањето пешаци функционира од 2013 година, со премиерата во тогашната Е-Класа (В212). Од 2016 година, овој систем е стандард во секој нов Мерцедес-Бенц, од стартот на новата генерациај на Е-Класа (В213).

ЕУ пропиша сите нови автомобили по 2024 година да бидат опремени со систем што запира самостојно при опасност во градски услови на возење.

Техничарите и научниците во Штутгарт веќе работат на следната генерација системи за асистенција, коишто ќе вклучуваат вештачка интелигенија, како и унапредени сензорски системи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како дојде новите автомобили да ни чинат двојно повеќе отколку во нормалниот свет?

Пежо почнува со нарачки за новата електрична и хибридна 3008